Војводката од Сасекс често го окупира вниманието на јавноста поради низа причини. Нејзината убавина, филмската кариера, осамостојувањето од англиското кралско семејство, желбата за пишување колумни преку кои јавно ги искажува своите статови иако на членовите од кралското семејство не им е дозволено тоа , но и низа други. Последно за кое се зборува е нејзиното раскажување за спонтаниот абортус кој го имала пред неколку месеци.
Многумина ѝ се восхитуваат а има уште еден мал милион кои ја критикуваат. Не е ни чудно. Јавните личности многу често се идолизираат до бескрај или пак обратно, се оцрнуваат до бесвест. Факт е дека нема ништо црно бело, и не постои личност која е исклучително лоша ниту пак личност која е без ниедна мана. Но во сечија животна приказна, може да најдеме нешто што ќе поттикне позитивна промена кај нас.

Меган Маркел уште од дете се соочувала со ситуации кога од суштинска важност бил нејзиниот труд да развие сопствен начин на перцепирање на нештата а и свој начин на нивно прифаќање и реагирање, поттикната и водена од својот татко како што таа често спомнува во нејзините обраќања.

Таа е дете од мешан брак, татко белец и мајка црнкиња. При пополнување на формулар за лични подадотоци во седмо одделение, стоело графа за штиклирање на расата и етничката припадност,опциите биле: бела, црна, азијка или латино американка.

Во колумната за Ел Магазинот (Elle Magazine) во кое Меган ја споделува оваа случка, таа вели: ”Знаев дека треба да заокружам само едно, но тоа ќе значеше да го изберам само едниот родител или да изберам само еден дел од себе , а да го потиснам другиот”
Гледајќи дека се двоуми, наставничката и дошепнала ”Бела, избери бела, така изгледаш” -”Знаев дека ако одберам бела ќе ја повредам мајка ми, ако заокружам црна ќе го повредам татко ми.”
По училиште, како што пишува таа, му ја раскажува случката на татко ѝ, а она што тој и го возвраќа содржи неверојатна поука. ”Ако ова се случи повторно, нацртај си своја графа.”
Во реченицата ”Нацртај си твоја графа” се крие огромна поука. Неповрзана само со расните прашања туку со изборите со кои сме соочени да ги правиме секој ден. Со силата што треба да ја смогнеме да ја покажеме нашата индивидуалност наспроти сообразноста.
Со ситуациите кога општеството ни наметнува стереотипни избори дека мора да се постапи или вака или така, дека мора да им се приклучиме или на едните или на другите. Кога ни се врши притисок да се откажеме од нашата личност, нашите убедувања и мора да влеземе кон веќе за нас определени категории ,колку и да се чувствуваме неудобно таму.

Веројатно е дека често ќе ни се случува светот околу нас да сака да нѐ дефинира, но ние пак, да пробаме уште почесто да посегнуваме длабоко во нас по нашиот одраз и она што ја карактеризира нашата личност. Можеби тоа нема да го најдеме како понудена опција во некој од претходно припремените пакети за нас. Но, не е задолжително по секоја цена да се вклопиме во секој концепт кој општеството го има креирано за нас. Да имаме на ум, секој концепт може да претрпи промена, а токму тоа може да биде нашата графа.