Categories
Интервјуа Магазин

Мајчинството-поттик за креативно исполнување и скок во претприемачките води-Интервју со Лорета Ефтимова Илиќ

Драги наши,

Денеска ви ја претставуваме Лорета Ефтимова Илиќ, економист по професија, која моментално работи како комерцијалист, но мајчинството и беше поттик полека да заплови во водите на претприемаштвото. Имено, од пред неполни две години, таа добар дел од своето време посветува на изработка на декорации за семејни прослави и бизнис настани.

Лорета поседува исклучителна амбициозност, одлучност и умешност за баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, вистински пример за една храбра и успешна млада жена.

Лорета , добредојде на Магазин Инспиратифф, драго ни е што одвои време за нашите прашања.

Ви благодарам на поканата, навистина ми е задоволство да бидам гостин во Вашиот магазин.

Би можела ли да ни кажеш , како се роди идејата за Tina’s Balloons?

Отсекогаш сум посакувала да имам сопствен бизнис. Неколку години размислував во кој сектор би била најуспешна а секако и најмногу исполнета. Кога го видов преубавиот балон за крштевката на мојата ќерка , ми помина низ глава помислата колку е едноставен а сепак впечатлив. Почнав да истражувам на интернет за изработка на декорации за овој тип на настани и за кратко бев толку навлезена во тоа , што не беше тешко да се претпостави дека и јас самата ќе почнам да се занимавам со истото.

Дали имаше доза на двоумење, предомислувања или страв од неуспех пред да започнеш со остварување на идејата за Tina’s Balloons?

Се се случи така наеднаш , што едноставно немаше време за страв од неуспех. Најважно беше да се совлада техниката за работа со балони за да може да се одговори на желбите и побарувањата на клиентите и секој еден клиент да биде задоволен .

Што те исполнува повеќе, работата како комерцијалист или ангажманите во Tina’s Balloons?

Тешко прашање на кое уште потешко може да се одговори. Тие две работи се надополнуваат една со друга. Комерцијата е работа секојдневно исполнета со нови предизвици, динамична работа би рекла. Додека пак, изработката на декорации , ја ослободува и истакнува мојата креативност, едноставно уживам додека ја реализирам мојата или замислата на клиентот.

Каква беше реакцијата на твоето семејство кога им кажа за твојата намера, дали имаше негодување , во смисла дека ќе имаш обврска плус, или пак те охрабрија?

Уште од самиот почеток мојот сопруг беше со мене, тој не само што ме поддржуваше туку и ми помагаше , се со цел да успеам во остварувањето на мојот сон. Како што се зголемуваше обемот на порачките, моето време се намалуваше, но благодарение на помошта од сопругот, јас успеав да стигнам до овде.

Декорациите во најмала рака се магични. Кои се чекорите до конечниот резултат, дали во поголемиот број случаи клиентите оставаат се во твои раце или сепак доаѓаат со некоја замисла?

Сум имала различен тип на клиенти. Одредени клиенти се јавуваат и знаат што е тоа што го сакаат. Јас сум таа што ги реализира нивните идеи. Но, сепак, поголем е бројот на клиенти кои што немаат јасна слика за тоа како би изгледала декорацијата. Тогаш јас им ги претставувам моите идеи и заедно одлучуваме за финалните чекори.

Кој е твојот рецепт за организираноста на на завидно ниво односно за балансот помеѓу работните и домашните обврски?

Доколку сте упорни, знаете што сакате и цврсто чекорите напред кон остварување на крајната цел. Бидете сигурни дека ќе најдете начин и време да да ги завршите сите ваши обврски. Желбата и трудот ќе ви помогнат да го остварите и навидум невозможното.

Лорета, уште еднаш ти благодариме за твоите исцрпни одговори, можеби ке инспирираме уште некој да почне поинтензивно да се занимава со своето креативно хоби. 😊

Многу успех во понатамошната работа! 🤞

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *