Во месецот кога најмногу се зборува за родовата еднаквост и можностите на жената да биде се што ќе посака, разговараме со Силви Пецаковска, жена која долги години успешно опстојува во таканаречените машки бизниси. Силви е вљубеник во уметноста, половина од својот живот го поминува во САД, а другата половина овде. За Магазин Инспиратифф таа ја раскажува својата приказна, почнувајќи од детсвото и првите зачетоци на љубовта кон уметноста, цртањето, графитирањето, се до работењето со камен и тетовирањето. За предизвиците и тешкотиите со кои се соочувала на тој пат, но и истрајноста и желбата да биде пример за своите керќи, самата покажувајќи им дека да се биде жена не значи дека не може да го работат тоа што ќе го посакаат. Прочитајте повеќе…
Најтешко е пишувањето сам за себе, но ќе пробам да ги доловам најважните моменти. Родена сум во Македонија, но пораснав во САД. Уште како мала во мене постоеше љубов и желба за уметноста. Додека на моите врсници им купуваа играчки и кукли, јас имав само едно барање, да ми купуваат прибор за цртање. Но со тек на време се заситив од блокчето, моливот и боичките, сакав повеќе, знаев дека можам многу повеќе.

Обидуваќи се да се изразам почнав со графитирање на ѕидови, објекти… Но тоа доведе често да запаѓам во проблеми. Во принцип, ме сметаат за хиперактивна личност, а во тој период како тинејџер мислев дека имам право слободно да се изразувам со графити, но сум грешела. Затоа и често запаѓав во невоља. Потоа почна мојата опсесија со тетоважите, но сеуште бев малолетна па немав опција да одам до крај со мојата желба и да го изучувам тој занает. Кога имав 15 години, за прв пат фатив машинка во рака, ја почувствував тежината меѓу неа и моливот и разликата меѓу хартијата и вештачката кожа. Морав да се откажам од таа желба бидеќи во тој период попуштив со оценките, по сите предмети освен ликовно и англиски. Но, страста остана, со надеж дека еден ден ќе продолжам онаму каде што застанав.

…Така години си минуваа и со надеж дека ќе се пронајдам себе си, се вљубив во убавината на каменот. Знаејќи дека земјата е стара околу 4,6 милијарди години, а фактот дека најстарите карпи датираат со старост од 3,9 милиони години ме фасцинираше. Во тој момент се замислив себе си како создавам дело со камен а тоа дело ќе остане со генерации наназад како белег на моето постоење.

Природата веќе ни обезбедила материјал, а од нас останува тоа разумно да го искористиме. Постојат многу видови на камен, секој си има посебна убавина а и тежина во обработката. Исто како и постапката за наоѓање на каменот која не е едноставна, се бере, копа… но во последно време соработувам со фирма која ме снабдува. Последните 20 години континуирано се занимавам со изработка на мозаици. Почетоците ми беа доста тешки, никој не веруваше дека жена би можела да ја работи ова дејност. Најчесто тоа неверување доаѓаше од спротивниот пол, скептично ме исмејуваа, дури и закажаните проекти ми биле откажувани одкако ќе дознаеа дека жена го работи тоа.

Барав начин да се убедам себе си дека не е до мене туку едноставно живеам во таква средина, различен менталитет. Почнав како и секоја жена со мали чекори во машкиот свет. Почнав со мали камени украсни мозаици, па стигнав до огромни површини на мозаици од камен. Кога творам на голема површина наоѓам најдобар начин да се изразувам и да ја обележам мојата лична креативност.


Најновиот мозаик го нареков “цветот живот” се состои од 12 листови, секое ливче си има своја емоција, своја приказна. Впрочем станува збор за дело изработено од 10.000 камчиња, а времетраењето на истиот траеше околу три месеци (со паузи,поради временските услови). Секој ден, час, минута и секунда ми беа исполнети со многу љубов и позитивна енергија која се гледа и по самото дело. Чувството кога ќе го завршам делото во кое сум вложила многу труд, време, љубов и посветеност е неопишливо. Ме обземаат толку многу емоции што се чувствувам како ,,ех ете тоа е делото на мојот живот, успеав…“Тоа е тоа чувство кое никогаш не сакам да го изгубам, па затоа кога и да завршам со едно дело мозокот веќе се фокусира на друго дело, друг проект,друга приказна.



..Најчесто поставувано прашање до мене е: Како успевам и од каде ја црпам потребната енергија, бидејќи покрај тоа што си имам свој бизнис со мозаиците “Silvi’s Stones”, континуирано тетовирам во своето студио “Silvi’s Stones & Tattoo Shop” , каде што се изразувам на сосема поинаков начин. А за прашањето од каде толку енергија, само би рекла дека наоѓам инспирација во малите нешта кои ме опкружуваат и разубавуваат животот. Откако на неколку пати бев соочена со смртта, нештата ги гледам сосема поинаку. Целата енергија ја црпам од природата а основна мотивација отсекогаш ми биле моите две керќи обидуваќи да им бидам пример за добра мајка, а воедно да им покажам дека иако си жена можеш се. Најважно од се е да веруваш во себе и да не се откажуваш лесно од своите соништа. Покрај работата, домот, семејството, имам и хоби, обожавам да готвам, да експериментирам со вкусови а воедно вешто ја практикувам традиционалната кујна. Често учествувам во гастрономски натпревари каде стекнувам поголемо знаење и умештност. Слободното време го користам за да се видам со пријатели, соработници и мили личности или едноставни прошетки во природа.
Силви, твоите зборови и твоите дела се вистинска инспирација за сите, ти благодариме што ги сподели со нас, ти посакуваме уште многу, многу реализирани проекти во иднина.