Јасминка Гарванлиева е родена во прекрасното село Суводол, Демир Хисар, но поседува ,,струмичко државјанство” веќе 10 години. Нејзината постепена преселба започнува со чести посети на Струмица кај нејзини блиски роднини но ,,се фаќа во канџите на љубовта” и станува струмичка снаа. По стапувањето во брак со Тиме, Струмица станува нејзиниот постојан дом и база на нејзиното креативно творештво. Имено, Јасминка е сопственичка на мал креативен бизнис, изработува декоративни рамки од сушени цвеќиња овековечувајќи ја нивната убавина. Станува збор за редок вид на уметност која е доста комплексна. Денеска со неа разговараме за техниките, процесот на изработка, композицијата и други интересни факти за нејзините дела.
Како се заинтересиравте за изработка на декоративни дела со сушени природни цвеќиња?
Кај мене љубовта кон природата и цвеќињата секогаш постоела, па нормално беше да пробам да успеам да им ја задржам нивната убавина. Во нашиот двор благодарение на мајка ми и сестра ми постојано имало многу цвеќиња, така таа љубов премина и во новиот дом, па секогаш кога ќе си појдам дома разменуваме семиња. Интересот за изработка на декоративни дела започна пред 2 години, по заслуга на мојата тетка која веќе работеше со оваа техника. Еден ден ми вели ,,Зошто не почнеш ти?” потоа почнав да собирам, сушам, цвеќиња, лисја… и да експериментирам и да навлегувам се повеќе во оваа област. На почетокот делата беа само за мене и за моите најблиски, но имаше многу позитивни критики и пофалби, па почнав да ги изработувам и за продажба.
Од каде ја црпите инспирацијата за вашите креации?
Инспирацијата ми доаѓа од самите цвеќиња, од нивните бои, форми, големина…мојата замисла е секоја слика да изгледа како уметничко дело, користејќи го тоа што ни го дала природата.
Во однос на техниката, како ја совладавте оваа уметност, дали посетувавте формална едукација или сте самоуки?
Како и сѐ друго во животот, со доста љубов, упорност, експериментирање, учење од другите, на Google и YouTube има сѐ:), нормално и по некоја грешка се додека не изгледа совршено според моите критериуми.
Да објасниме малку повеќе, каков е процесот на сушење и подготовка на цвеќињата?
Најпрво се започнува со собирање на цвеќињата и листовите кои ви се допаѓаат, да не се влажни бидејќи тоа го запира процесот на сушење, потемнуваат, нема да ја задржат бојата…за помала количина секој може да почне сам да ги суши помеѓу страниците на една книга, додека за поголема количина јас користам преса. Цвеќињата се стават помеѓу дебел картон, лист хартија, цвеќето, лист хартија, дебел картон…и сѐ така додека има материјал. Тоа се стега со пресата, и се остават да се сушат, од една до четири недели, во зависност од сезоната, кога времето е посуво преку летниот период може да се готови и за една недела, додека во поладните и повлажните периоди од годината може да биде потребно и до четири недели. Потоа ги сортирам и ги чувам во проѕирни фолии, за полесна организираност при работењето.

Кои алатки и материјали најчесто ги користите во вашата работа?
Хамер, рамка, лепило, пинцета, скалпел и најважното од сите – трпение 😊 Откако ќе ја осмислам композицијата и ќе бидам сигурна дека тоа е финалната верзија, ја прицврстувам врз хамерот со специјално лепило, а одозгора доаѓа рамката. За некои цвеќиња како на пример глуварчето кои се доста разлетани ги фиксирам со лак за коса.

Колкав рок на траење имаат ваквите дела?
Тие можат да останат неизменети и повеќе од десет години. Одредени цвеќиња можеби ќе ја променат или изгубат бојата после долг период, но формата останува непроменета. Во нашата куќа имаме дела стари околу 20 години.
Како одлучувате кои цвеќиња и бои ќе ги комбинирате во една композиција?
За тоа сум му благодарна на мојот сопруг Тиме, кој дење е графички дизајнер, а ноќе илустратор:) низ годините со него научив многу за основите на добар дизајн, композиција, бои, контраст, форма… така да сето тоа познавање можам да го употребам во креацијата на моите дела. Многу ми значи неговото мислење, знаејќи ја неговата стручност, се случува понекогаш и да не ја фиксирам композицијата додека тој финално не ја одобри. 😊

Што го прави вашиот стил уникатен во споредба со други слични уметници?
Секој има свој стил и вкус на изработка кој го прави уникатен, кај моите дела мислам дека најмногу доаѓа до израз контрастот на боите и формите во композицијата и тоа е она по кое се разликувам.

Дали има одредена порака или емоција што сакате да ја пренесете преку вашите дела?
Се водам според оваа изрека “Open your heart like a flower, and let the beauty unfold.” Отворете го срцето како цвет и оставете ја убавината да се расплетува. Во секое дело има различна емоција и идеја која се раѓа од таа состојба која е дел од креативниот процес, една од пораките според мене е многу важна е дека најголемата уметност може да се роди и од најмалите нешта, не секогаш се потребни скапи материјали за врвна уметност, врвна уметност се создава и од наједноставните нешта околу нас. Со секоја моја изработка ја потенцирам и пораката да ја сакаме, цениме и негуваме природата.

Освен сушени цвеќиња во рамки дали изработувате и други украси?
Моментално сум насочена кон изработката на сушени цвеќиња во рамки, но бидејќи сакам да експериментирам сакам сушеното цвеќе да го комбинирам со други материјали. Веќе мојот дом го красат изработки од глина, епокси смола, школки, коноп итн. па би сакала да ги спојам овие различни техники.
Со оглед на уникатноста сигурно интересот за изработките е голем, дали повеќе се купуваат за подарок или за разубавување на сопствените домови?
Рамките се купуваат за секоја пригода, а мене ми е чест и задоволство и ми буди едно посебно топло чувство што некој дом ќе биде украсен со мое дело.
Делата од цвеќиња на Јасмина, можат да се направат во речиси секоја форма, па со самото тоа претставуваат и прекрасен персонализиран подарок за моментите кои сакате да ги направите специјални, да оставите посебен впечаток или да покажете некому дека има посебно место во вашето срце. Може да се нарачаат на инстаграм профилот на Јасмина и на нејзиниот фб профил.
За крај на разговорот, таа има една интересна порака за благодарност .
Голема благодарност до мојата фамилија за поддршката и до сите роднини и пријатели кои ми дозволуваат да собирам цвеќиња низ нивите дворови, а и до вашата платформа за вниманието и поддршката.
Би сакала само да порачам да бидете креативни и поддржувајте ги креативните души кои се занимаваат со рачна изработка.
Разговараше и уреди: Данче Митева
Интервјуто е дел од проектот ,,Креативните Сили на Струмица‘’ во реализација на Здружението за Образовно-Едукативни Цели ДМ Ленгуиџес, поддржан од Општина Струмица, во рамките на G1 Програмата за Локален Економски Развој. Проектот цели кон зголемена видливост на малите локални креативни бизниси и поттикнување на претприемачкот дух.