Допир на елеганција, чистота и нежност во домот – свеќите од ARIA CANDLES

Марија Велкова е млада, креативна и амбициозна девојка од Струмица, студентка на економски факултет, која веќе три години се занимава со изработка на декоративни свеќи од соин восок. Љубовта кон убавото ја охрабрува да истражува, да екcпериментира и секојдневно да се стреми нејзините изработки да бидат што е можно поблиску до совршенство. Тоа станува препознатлив белег за нејзиниот бренд ARIA CANDLES. Оваа млада креативна претприемачка ни раскажа за нејзиниот стил на работа, комбинацијата на естетиката и функционалноста, изборот на мириси и други забавни детали за изработката на декоративните свеќи од соин восок.

Што ве привлече најмногу кај соиниот восок како материјал за изработка на свеќи?

Пред да почнам да правам свеќи многу тестирав. До сега сум пробала скоро секаков вид восок, палмин, пчелин, кокосов.. но восокот од соја ми стана омилен од прва. Структурата и начинот на работа со соин восок ми одговараат најмногу мене лично а плус бенефити се тоа што е органски и никако не штети на здравјето на моите клиенти кога ги горат. Веќе имам многу зборувано дека сум голем противник на свеќите од парафин, па дури и било каков бленд со него. Чадот кој го испушта при горење е штетен за здравјето на луѓето при самото дишење.

Како го поврзувате вашиот стил со вашите креации?

Јас нудам креации кој изгледаат елегантно, чисто и нежно, не ретко ги предомислувам клиентите кога сакаат некоја ,,џиш” мешана боја.

Како го одбирате дизајнот и формата на вашите декоративни свеќи? Дали следите трендови или повеќе се водите од интуиција?

Се трудам да имам модели за секоја пригода, но и покрај тоа избирам да им понудам форми и аранжмани кои мене лично ми се допаѓаат, бидејки на крај на ден сето тоа ме одразува мене, како личност што стои зад брендот.

Кои мириси најчесто ги користите и зошто?

Ако се прашуваат клиентите, најмногу одбираат освежителни мириси, лимон, портокал или нешто друго овошно. Да е до мене сите би ги работела со мирис на амбер, многу богат, сладок и земјен мирис со тонови на ванила.. едноставно е незаменлив.

Како ја комбинирате естетиката со функционалноста на вашите свеќи?

Главната причина за избор на декоративните свеќи е всушност естетиката. За мене домот не е целосен без некоја свеќа која веднаш привлекува внимание. После тоа следува функционалноста, подобрувањето на атмосферата и чувството на спокојство кога се пали свеќа се некое друго ниво на среќа. Плус на тоа е и убавиот мирис што се шири низ просторијата.

 

 

Што ги прави вашите свеќи посебни во споредба со другите на пазарот?

Со сигурност можам да кажам дека тоа е квалитетот. Изборот на материјалите кои ги користам за секоја една свеќичка се врвни и совршено се соединуваат една со друга. Имам професионална деформација, ги анализирам сите свеќи што ќе ги сретнам било каде и не ретко знам да посоветувам кога ќе видам некоја лошо изработена свеќа.

Дали верувате дека свеќите имаат способност да создадат одредено расположение или емоционална врска?

Сметам дека свеќите со својот мирис будат одредени спомени. Доколку тоа не е случај кај некој се надевам дека во моментите на горење си создаваат моменти на спокој.

 

Со што се соочивте како најголем предизвик кога започнувавте со изработката на свеќи?

Јас почнав со изработка на свеќи кога во Македонија скоро и да немаше од каде да си нарачаш материјали. Сега е многу пораширен пазарот за среќа па имаме поголем избор. Многу време помина додека да го најдам вистинскиот соја восок што ќе ми одговара.

Кој беше најголемиот неуспех или грешка што сте ја направиле и што научивте од неа?

Уф, тоа беше уште во почетокот кога немав искуство со восок за во садови. Потрошив многу материјал а свеќите воопшто не излегоа како што си замислував. Од тогаш ништо не пробувам без да истражам како е најдобро да се изработи.

Кога клиентите ги купуваат вашите свеќи, каква порака или енергија сакате тие да почувствуваат?

Cакам да почувствуваат дека купуваат нешто повеќе од само производ – тие носат парче уметност, и внесуваат нешто што е изработено со грижа и трпение во својот простор. Мојата цел е да пренесам топлина, убавина и поврзаност преку секоја свеќа. Без разлика дали станува збор за дизајнот, смирувачкиот мирис или приказната зад свеќата, сакам да почувствуваат дека оваа свеќа е направена со љубов, внимание на деталите и желба за создавање моменти на спокојство и радост во нивниот живот.

На крајот, сакам моите свеќи да ги потсетат да забават, да уживаат во малите нешта.

 

 

Како го гледате развојот на вашиот бренд во иднина?

Го гледам како некоја пастелно-обоена слатка локална продавница на креативни изработки од свеќи. Имам многу планови за модели и новитети за кои се надевам дека ќе се реализираат во скоро.

Дали постои некој проект или соработка што сонувате да ја реализирате?

Имам идеја да соработувам со мојот омилен бренд на парфеми и да создадеме свеќи кои мирисат исто како и самите парфеми. Мислам дека е многу иновативно и дека ќе има голема заинтересираност од потрошувачите од двете страни.

Ако вашите свеќи имаа свој карактер или личност, каква приказна би раскажале?

Jа замислувам секоја свеќа како уникатен карактер—различен, но поврзан преку заедничката суштина на убавина и нивната цел
Некои би биле романтични, некои авантуристички или пак уметнички.

 

Разгледајте повеќе од работата на Марија на инстаграм профилот на ARIA CANDLES и на нивната фб страна. 

Разговараше и уреди: Данче Митева

Интервјуто е дел од проектот ,,Креативните Сили на Струмица‘’ во реализација на Здружението за Образовно-Едукативни Цели ДМ Ленгуиџес,  поддржан од Општина Струмица, во рамките на G1 Програмата за Локален Економски Развој.  Проектот цели кон зголемена видливост на малите локални креативни бизниси и поттикнување на претприемачкот дух.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *