Целиме кон тоа да бидеме инспирација за следната генерација жени-Ана Дукоска, претседателка на здружението „Јас Сум Жена”

Патот кон професионалниот успех значи и соочување и надминување на бројни предизвици. Секако, овој пат е полесен и попријатен кога има некој да ви ги покажува насоките, да ве запознае со можностите и да ви укаже на ризиците и нивната тежина, но пред се да ве охрабри и зајакне зголемувајќи го вашето знаење и проширувајќи ги видиците.  Здруженијата за вмрежување и менторство играат клучна улога во поддршката и остварувањето на професионалните амбиции на индивидуите.

Денеска разговараме со Ана Дукоска, претседателка и ко-основачка на здружението ,,Јас сум Жена”- организација која има за цел да им помогне на жените да изградат силни професионални мрежи и да добијат менторство од искусни лидери.

Менторството е од исклучително значење бидејќи ги нуди токму овие насоки, поддршка и инспирација, помагајќи им на жените да ги развијат своите вештини и самодоверба.

 

Ана, претседателка и ко-основачка сте на здружението за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување ,,Јас сум Жена” – од што бевте водени при оформувањето на ова здружение?

 

Низ годините запознавав и контактирав со многу успешни македонки кои живеат и делуваат во и надвор од Македонија. Низ неформални разговори слушав за личностите кои ги инспирирале и охрабриле да посегнат по професиите во кои денес се успешни и реализирани, слушав за предизвиците со кои сè уште се соочуваат секојдневно, но и за креативните решенија за нивно надминување.

Најмногу од сè, ми остави впечаток фактот што овие жени наоѓаат начин како да го споделат своето знаење и вештини со младите девојки, со цел да го олеснат нивниот пат кон посакуваната кариера. Во тие разговори се роди идеата да се создаде платформа каде овие жени би имале дострел до поширок аудиториум, со цел трасирање на патот на идни генерации успешни и реализирани Македонки.

Тргнувајќи од мисијата ,,Биди инспирација за следната генерација жени”, инспирирани и охрабрени од предизвиците и проблемите со кои се соочувале жените низ годините, за денес да уживаме права и привилегии за кои тие се избориле, а свесни дека одговорноста е наша да ги шириме хоризонтите на идните генерации, во 2022 година ја инициравме првата глобална женска лидерска конференција „Јас Сум Жена” на која учество зедоа 13 исклучителни македонки кои живеат во и надвор од Македонија.

На наше големо задоволство, конференцијата наиде на позитивен прием и од тој момент се роди идеата да се формира здружението за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување „Јас Сум Жена” кое е основано од 8 жени, секоја успешна во својот домен: Анета Механджијска, Елена Марковска, Искра Коровешовска, Маја Атанасоска, Нина Јанева Николовски, Ребека Ристески и Славица Денковска. „Јас Сум Жена” не е типично феминистичко здружение и е фокусирано на вмрежување и едуцирање на секоја жена со програмите и проектите кои ги нуди и организира низ целата година. Сметаме дека жените во Македонија немаат загрозени права, но секогаш постои простор за унапредување на позицијата на жената во сите сфери во општеството.

Ана Дуковска, Анета Механджијска, Елена Марковска, Искра Коровешовска, Маја Атанасоска, Нина Јанева Николовски, Ребека Ристески и Славица Денковска се основачки на „Јас Сум Жена” здружение кое е фокусирано на вмрежување и едуцирање на жени преку најразлични програми и проекти кои ги нуди и организира во текот на целата година

 

Оваа година се одржа и вториот женски економски форум во ваша организација, со голем број на учеснички, но и прекрасни панелистки. Главните тема на кои се разговараше беа ,,Финансии за Мали Бизниси и Фриленсери” и,, Штедење и Инвестирање”

Каде, како и кога ја согледавте потребата за организирање на еден ваков форум и зоште се посебно важни овие теми?

 

– Со оглед на тоа што во Македонија, финансиската едукација/писменост не е задолжителна во образовниот систем, а е од суштинско значење за секој, пролетта во 2023 година, во партнерска соработка со Global Shapers Skopje Hub го организиравме првиот Женски Економски Форум на тема „Финансиска Писменост” каде се обработуваше аспектот на лични финансии.

На форумот, учесниците имаа можност да се запознаат со тековните банкарски трендови, слушнаа корисни совети директно од креаторите на монетарната политика на Македонија, дознаа зошто е потребна финансиска едукација на целокупното население во Македонија и низ интерактивен дел, имаа можност да изработат личен финансиски акционен план. Од оваа година, имаме и нов партнер во организирање на форумот – Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Оваа година го проширивме концептот на форумот со цел да се опфатат уште 2 исклучителни важни теми, со што го заокруживме циклусот на финансиско едуцирање. Првата тема беше „Финансии за мали бизниси и фриленсери” каде учесниците имаа можност да се запознаат со Првата тема беше „Финансии за мали бизниси и фриленсери“ каде учесниците имаа можност да се запознаат со „Тектонски поместувања за нови предизвици во 2024: Нова ера за финансирање на мали и средни претпријатија, стартапи и фриленсери“, дознаа како до нов бизнис во дигитална ера и низ интерактивен дел, имаа можност да научат повеќе за финансиско планирање за нови мали бизниси.

Втората тема беше „Штедење и инвестирање“ каде учесниците имаа можност да дознаат повеќе за „Динамиката на економскиот раст и можности за штедење и инвестирање во 2024 година“, се запознаа со Хрватското искуство – 10 години пост ЕУ и низ интерактивна дел, имаа можност да научат повеќе за штедењето, инвестирањето и ризиците од инвестирањето низ призмата на пензиските фондови.

Изминативе 2 години, форумот се одржуваше виртуелно, од наредната година, форумот ќе биде организиран со присуство во живо. Целта на Женскиот Економски Форум е да приближи корисни информации и совети од финансиски аспект до секој кој сака да се стекне со или да ги унапреди своето знаење и вештини во оваа област

 

Говорнички на форумот беа Маријана Андриќ на тема ,,Нов Бизнис во Дигитална Ера”, Ева Нединковска-основач на Центар за Обука Ева, на тема ,,Финансиско Планирање за Нови Мали Бизниси ”, на панел дискусијата за финансирање на мали и средни претпријатија, стартапи и фриленсери зборуваа Татјана Бошкова-деканка на факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, Габриела Кулебанова- претседателка на центарот за мали, микро и средни претпријатија при СКСМ и Наташа Шапкалиевска Србакоска -директорка на сектор за физички лица Прокредит Банка. Во делот за штедење и инвестирање, своето знаење и искуство го споделија Бисера Карановиќ  (хрватско искуство, 10 години пост ЕУ),  Фанче Костенчева Пандиловска од Триглав, Анета Крстевска-главна економистка на НБРМ, Билјана Станковска Арсова-директор на продажба во Капитал Финансиски Центар, Андријана Поповска -извршна директорка ВФП Фонд Менаџмент.

 

Едно од прашањата кое беше поставено од учесничките беше и дали постојат податоци од регистарот за тоа колкав број на бизниси од нашата држава се основани од жени.

Ова ме води до моето денешно прашање, според вас, што сè би довело до зајакнување и зголемување на женското претприемништво во нашата држава?

 

– Од исклучителна важност е функционалноста на системот во Македонија пред сè! Институциите во Македонија треба да обезбедат поддршка за женското претприемништво преку политики, иницијативи и активности. Дополнително, образованието и обуките би ја подигнале свеста за потребата на стекнување вештини преку образовни програми и работилници за жени претприемачи, како и создавање на мрежи за менторство кои ќе им помогнат на жените да ги развијат своите бизниси и да се поврзат со други претприемачи. Од значителна важност е пристапот до финансии, како што се кредити и грантови, кои се специјално наменети за женски стартапи и бизниси. Би додала и охрабрување на жените да се вклучат во технолошки иновации, како и да ги користат дигиталните платформи за раст на нивните бизниси. Сметам дека сето ова може значително да придонесе кон создавање на поволна средина за женските претприемачи во Македонија, како и да го зголемат нивниот удел во економијата.

 

 

Што е следно од „Јас Сум Жена“ и како до членство во мрежата на вашата организација?

 

– Во тек се подготовките за третата глобална женска лидерска конференција „Јас Сум Жена“ која ќе се одржи оваа есен. Можам да кажам дека подготвуваме богата програма на која ќе претставиме неколку уникатни професии и многу успешни женски приказни со надеж дека ќе поттикнеме заинтересираност кај младите девојки за популаризирање на овие професии. Во подготовка е и менторската програма и неколку концепти за нови настани и нови соработки кои ќе ги најавиме следната година.

Нашата намера е да ја презентираме мрежата „Јас Сум Жена“ со сите свои поволности и можности на конференцијата оваа есен. Тоа што можам сега да кажам е дека мрежата се гради од жена за жена и дека понудата е доста уникатна и примамлива за секоја жена со аспирации и амбиции да биде пред сè независна, финансиски стабилна, образована и опремена со сите вештини и квалитети за да биде суштински фактор во општеството, кој ќе ги донесе потребните промени и ќе создаде повеќе можности за идните генерации. Би ги охрабрила вашите читатели да нè следат на www.jassumzena.mk и на нашите социјални мрежи за нашата работа и за сите новитети кои со нетрпение чекаме да ги споделиме со сите вас.

 

 

Разговараше:Данче Митева

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *