Котелец по котелец, до совршенство, кое мами безброј детски насмевки! 😊

Драги Инспиратиффци,

Со својот талент и енергија која зрачи од секое нејзино дело, денеска, Кристина Коколанска ги разубавува нашите страници. Мултиталентирана девојка која секоја замисла ја претвора во реалност. Баш така, во букввална смисла. Може да претпоставите колку супер е кога омилениот ТВ лик се претвора во ваш омилен додаток? Сè уште не ? Значи во вистинско време ве запознаваме со Кристина, нашата денешна гостинка. Кристина со нејзините вешти раце, користејќи ја јапонската техника за плетење Амигуруми, создава уметност која им причинува незамислива радост на нашите најмили и најсакани.

Со цел подобро и од блиску да се запознаеме со работата на Кристина, ја замоливме да ни одговори на неколку прашања:

Од кога почна да се занимаваш со плетени рачни изработки, дали станува збор за случајна, неочекувана средба со конецот и иглите, или пак имаше некаде видено некоја изработка па посака да умееш да ја направиш и ти?

– Уметноста секогаш беше дел од мене, како мала имав многу голема желба да цртам, се сеќавам дека наместо да ја следам наставата имав скриено лист и хартија и цртав модели. Подоцна во мене се роди желбата за работа со професионална шминка, изучив курс и некое време се занимавав со професионално шминкање. Со плетени рачни изработки почнав да се занимавам сосема случајно. Немав фатено буквално ниту конец, ниту игла никогаш во мојот живот. До пред шест години, воопшто не знаев да плетам. Мојата баба плетеше калчини со една игла и како мала постојано ја гледав како го прави тоа, но никогаш немав пројавено желба, ниту интерес да научам. Се се случи сосем случајно кога во домот на мајка ми ја најдов иглата со која плетеше баба ми и навистина незнам како и зошто почнав да пребарувам по интернет туторијали за плетење. Иглата ја имав во раце и првото нешто што се обидов да го сплетам беше бело шалче од дебела волница.

Што поточно може да се најде во твојот асортиман на производи?

–  Во мојот асортиман на производи може да се најдат капчиња, шалчиња, детски траки, ташнички и ранчиња, но секако не застанувам на тоа, во главата имам уште многу идеи кои сакам да ги изработам.

Како се роди идејата за плетење на работи токму со омилените детски ликови?

-Идејата за изработка на омилените детски ликови се роди во тој момент кога го сплетов првото капче со омилениот лик на мојата внука Миа, па потоа и на мојот внук Максим. Тој период моите внуци беа мали и гледав како се радуваат на ликовите кои ги сакаат. Тоа многу ме мотивираше и почнав да плетам капи со нивните омилени ликови, но не остана на тоа бидејќи почнаа да бараат и нашите блиски пријатели за нивните деца.  Ја гледав нивната радост и возбуда кога ќе го земеа нивниот омилен лик создаден од клопче волна во откачено капче. Неизмерна е инспирацијата да направиш капче со омилените детски ликови, бидејќи си успеал да израдуваш еден куп дечиња. Тоа ми предизвикува среќа и радост. Во детската фантазија не постојат граници, тоа ми дава голема слобода преку која можам да ја изразам својата креативност и уметност. Детските капчиња со ликови ми даваат слобода во креативното размислување, способност да го создадете она што го бараат клиентите и да ги исполните нивните желби. Најмногу се радувам на нови изработки, кои не сум ги работела, бидејќи претставуваат голем предизвик за мене. Секое ново создадено парче ми ја исполнува душата и срцето. Во секоја изработка се вложувам максимално и ја изработувам со многу љубов, посветеност и внимание. 

Кои се најбараните и најпопуларните ликови?

Зависи од тоа кои се актуелни цртани филмови, пред 4 години беше Спајдермен, Миниони исто така, оваа зима Мину Маус и Патролните Шепи, исто така Бувчињата и Биби се барани, но водечки останаа LIttle Ponies. 😊

Претежно фокусот е ставен на најмладите, но сепак има и возрасни кои ги порачуваат твоите изработки, верувам дека станува збор за многу кул луѓе. Освен што нивните работи се изработуваат во поголема величина, има ли нешто друго поразлично?

-Освен најмладите, на моите изработки не можат да оддолеат и возрасните. Многу често добивам нарачки од возрасни за изработка на капчиња со нивните омилени ликови, тие ми се посебно многу драги изработки, бидејќи моите клиенти и покрај тоа што се возрасни, станува збор за многу кул луѓе , со гордост ги носат моите уникатни изработки. 

Би можела ли да издвоиш три изработки кои ти се најдраги?

Сите изработки ми се премногу драги, но доколку треба да издвојам неколку тоа е ликот на Minnie Mouse, капчињата со Little pony и една изработка еж која беше изработена по нарачка за возрасен. За изработка за ликовите ја користам техниката за плетење Амигуруми. Тоа е јапонска техника за изработување на плетени и полнети играчки. Со оваа уметност може да создадете многу убави работи. 

Плетените парчиња со ликовите се прекрасни, впечатливи и верувам дека се омилено парче од стајлингот на секој што ги поседува. Какви се реакциите на клиентите кога ќе си го земат в рака она што порано им било само замисла?

–  Реакциите се навистина воодушевувачки, клиентите кога ќе го земат в рака она што порано им било само замисла на прв момент остануваат без зборови, многу често ми велат зарем е можно?, прекрасно е, како да се нацртани ликовите, како да не е допрено со рака. Mногу често ми викаат –  да ти се позлатат рацете и навистина тоа ми дава огромна инспирација и мотивација, едноставно ми ја исполнува душата и срцето. За детските насмевки вреди секој труд.

Со какви материјали работиш?

Работам со високо квалитетно предиво, бидејќи плетам за деца. За бебешката кожа користам исклучиво бебешка волница која е акрилна, антиалергена, мека и кадифена наменета исклучиво за бебешката кожа. За поголемите дечиња во договор со клиентите користам предиво кое е мешавина од волна. Секогаш за материјалите и моделот е во договор со клиентот. Клиентите на мојот фб профил можат да видат и да се информираат со кои производи најчесто работам. Користам предива од 100% овча волна – природен состав, мешавина од 49%, 25% итн. Тие се густи и меки предива кои ги чувствувате удобно на вашата кожа, но секогаш тоа го договараме со клиенотот. Имам и клиенти за кои сум изработила капчиња за возрасни, кои не сакаат да бидат изработени од волна заради заштита на животните. Секое парче е уникатно рачно изработено со многу љубов и посветеност. И она што морам да го потецнирам дека овие изработки воопшто не се лесни за изработување, треба многу време и посветеност за се да биде прецизно изработено и да изгледа буквално како да е нацртано. Или ќе го изработам до милиметар што се вели или воопшто не почнувам.

Има ли планови и за воведување на некои новитети или засега би се држела до веќе постоечкиот избор на акцесоари?

–  Секако дека тука нема да застанам. Постојано објавувам нови работи и понатаму така ќе продолжам. Се надевам дека секогаш ќе бидам интересна со некои нови ликови, нови дизајни и можеби сето ова ќе прерасне во нешто поголемо. Сите оние кои што сакаат да ги видат моите изработки тоа може да го сторат на фејсбук на Pleteni racni izrabotki KSK/Knitting  и на профилот на инстаграм @ksk4handmade.

Кристина, ти благодарам на одвоеното време. Tи посакуваме уште многу израдувани дечиња, уште повеќе насмевки, и остварени замисли дополнети на твојот список.

Разговараше: Данче Митева

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *