Во динамичното царство на модата, каде што иновациите се испреплетуваат со традицијата, една млада инспиративна личност се издвојува со нејзината неспоредлива визија за креирање уникатни парчиња женска облека, со фокус на женските костими. Запознајте ја Христијана Голубовиќ, чии дизајни внесуваат свежа и современа перспектива на женските костими, глорификувајќи ја софистицираноста и неунифицираноста на жената.
Христијана, за нас, прекрасно ја опишува паралелата помеѓу нејзините две пасии, економијата и дизајнот.
Љубовта кон работата ги надминува сите препреки и претставува мотив за преземање ризици. Креирањето е процес на создавање, односно раѓање и реализирање на некоја идеја во која оставаш сопствен печат и премногу емоција за на крај таа енергија ја пренесеш на публиката – нашите клиенти со цел да им се поттикне чувството на задоволство, среќа и радост. Всушност создавање на ново парче облека е моја пасија, тоа е возбуда, радост која мотивира да се движам понатаму. Иако по професија сум економист, магистер по меѓународен менаџмент за јавни набавки кој неодамна го завршив на Универзитетот Тор Вергата во Рим , сепак мојата пасија си го пронајде патот така што почнува да станува и моја професионална определба создавајќи го Сјутс.
Од кога постои брендот Сјутс?
Брендот Сјутс својата прва колекција ја лансираше во јули 2021 година насловена како ”COLOURS”

Која е приказната на која се темели Сјутс?
Би започнала од идејата за Сјутс… Всушност Сјутс ја претставува женската енергија на брендот Голден Гејт кој на пазарот постои од 1988 година и се занимава со производство на машка конфекција. Имајќи во предвид дека тоа е бренд кој го основал мојот татко, голем дел од моето време сум го поминала во таа модна индустрија и имав можност да се запознаам со процесот на производство кој е навистина голем предизвик и за мене претставува магија на можности која те води и мотивира да направиш нешто подобро. Креативноста во еден прозводствен процес има клучна улога за да на крајот извадиш парче кое ќе ги задоволува прво личните стандарди за потоа тоа да го препознаат и љубителите на модата. Всушност Сјутс дојде спонтано поради поривот длабоко во мене, желбата да се направи нешто поинакво на пазарот, љубовта кон материјалите и нивната можност за трансформација и креација како и предизвикот да се продолжи семејната традицијата на овај бизнис.Тоа беше мојот ветер во грб за да се одлучам да ја започнам мојата линија која на пиедестал ја става жената и тоа онаа силна, храбра, отмена и вистинска заводничка. Всушност имам среќа што можам да ги користам професионалните преференции од еден искусен тим на фирма која повеќе од 30 години опстојува на пазарот.


Која е пораката која сакате да ја пренесете преку вашите модели?
Бидете неодоливи, негувајте ја жената во себе и чекорете храбро, тоа е она што Сјутс и го препорачува на секоја жена, и тоа со акцент на женственоста, да погледнеме длабоко во себе и да ја разбудиме и негуваме затоа што таа е нашата енергија која не прави уникатни и единствени!
За кого се наменети моделитe?
Нашите модели се наменети за секоја жена која сака да се пронајде во различна улога на: деловна жена, заводничка, жена која сака да биде безвремена, софистицирана, неунифицирана ами своја!
Со секое парче облека кога ќе ја истакнете својата индивидуалност тогаш и вие станувате магични, неодоливи, препознатливи и така го градите вашиот стил!
Што е она што ве издвојува од другите брендови?
Сјутс изработува парчиња облека кои се лимитирани односно ги има во ограничени количини, мали серии. Она што Сјутс го издвојува од другите брендови е нашиот пристап за акцентирање на уникатноста на секоја индивидуа,така што муштериите можат да си нарачаат модели од колекциите ди истите да му се изработаат во друга боја и материјал. Користиме природни материјали како волна, свила, памук, лен, заради нивниот квалитет и со цел да ја подигнеме еколошката свест за здрава средина но и да ја заобиколиме брзата мода.
Подготви: Данче Митева