Најинтересна креација досега ми се блузичките направени со капачиња од лименки. -Наталиа Ѓореска-Handmade by Natalia

Запознајте ја Наталиа, креативна и млада мајка која ја претвори својата љубов кон рачната изработка во просперитетен потфат. Со вешти прсти и остро око за дизајн, Наталиа прави уникатни модни додатоци украсени со бисери. Нејзините креации  се уметнички дела погодни за носење кои ја отсликуваат нејзината посветеност на квалитетна и стилска рачна изработка.

Наталиа Ѓореска од Кичево со моментално место на живеење во Скопје, е млада мајка на три дечиња,  на која опуштање и љубов ѝ  се бисерите. Има 26 години, со рачна изработка се занимава скоро 4 години, а другата преокупација и е грижата околу своите деца. Најинтересното парче што го изработила  е блуза од капачиња од лименки. Во продолжение, меѓу другото, раскажува за која креација ѝ биле потребни најмногу часови, како и за пасијата кон изработувањето на бисерни кроп-топови.

Сите имаат различна приказна за тоа како започнале со рачна изработка, која е твојата, како започна со рачна изработка на модни додатоци?

-Од секогаш сум имала нешто креативно во себе. Кога дознав дека ќе бидам мајка на девојче, ми дојде идеја да правам модни додатоци, сетови за мајка-ќерка. И така започна се…потоа самата работа ме донесе до бисерите и сфатив дека тоа е за мене.

Кога дознав дека ќе бидам мајка на девојче ми дојде идеја да правам модни додатоци, сетови за мајка-ќерка.

 Знаеме дека рачната изработка бара многу време и труд, за кое парче досега ти требало најмногу време да го завршиш и колку би било тоа во часови?

– Да, рачната изработка бара многу време и труд и пред се љубов кон тоа што го правиме. Најмногу време за работа ми одземаат бисерните блузичките, за кои ми треба околу 10 денови работа.

Од твоето портфолио се гледа дека имаш дизајнирано уникатни модни додатоци за најразлични пригоди, би издвоила ли некои за чија изработка си посебно возбудена?

-Најголем предизвик и најголема возбуда ми се бисерните кроп-топови, бисерните капи, бисерниот накит за тело. Секако тука се и украсите за невести што исто така се и еден голем предизвик.

Фотографии од приватната архива на Наталиа

Најинтересното парче кое досега го имаш изработено  е?  

– За најинтересно парче би ги издвоила блузичките од капачиња од лименки кои ми беа навистина голем предизвик да ги изработам.

Дали понекогаш е тешко да се набават материјали за работа?

– Најчесто набавувам материјали од Скопје од магацин што е добро снабден. Но, секако, за нешто по уникатно ги посетувам и соседните држави.

Може да погледнете повеќе од рачните изработки на Наталиа на нејзината фб страница со клик овде.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *