Драги наши,
Денеска ви ја претставуваме Лорета Ефтимова Илиќ, економист по професија, на која мајчинството но и поривот за креативно исполнување и беа поттик полека но сигурно да заплови во водите на претприемништвото. Започнувајќи со изработка на декорации со балони, најпрво како дополнителна работа, после работното време како комерцијалист, па сè до пред крајот на минатата година кога и официјално ја отвори својата продавница за рачна изработка на цветни аранжамани, со посебен акцент на рачно изработени цветови од сатен и плиш, gift boxes и услуги за декорација на простории за најразлични приватни и бизнис настани. Позадината како економист ѝ помага успешно да го води својот бизнис и да го постигне совршениот баланс помеѓу реализирањето на својот огромен креативен потенцијал и вештините потребни за управување на еден бизнис. Токму за оваа комбинација кај Лорета, која е вистински пример за една одлучна и успешна млада жена, зборуваме во ова интервју.
Би можела ли да ни кажеш , како се роди идејата за Tina’s Balloons и Dekoracii Tina 24 и одлуката да ја претвориш твојата креативна работа во бизнис, а не само хоби?
Отсекогаш сум посакувала да имам сопствен бизнис. Неколку години размислував во кој сектор би била најуспешна а секако и најмногу исполнета. Кога го видов преубавиот балон за крштевката на мојата ќерка , ми помина низ глава помислата колку е едноставен а сепак впечатлив. Почнав да истражувам на интернет за изработка на декорации за овој тип на настани и за кратко бев толку навлезена во тоа , што не беше тешко да се претпостави дека и јас самата ќе почнам да се занимавам со истото. Прашање на време беше кога ќе се одлучам на таков чекор. Јас сум доста посветена личност на работата што ја работам , па така се одлучив да се посветам на моето најголемо хоби , односно на тоа што најмногу ме исполнува.

Дали имаше доза на двоумење, предомислувања или страв од неуспех пред да започнеш со остварување на идејата за Tina’s Balloons кое подоцна премина во Dekoracii Tina 24?
Сè се случи така наеднаш , што едноставно немаше време за страв од неуспех. На самиот почеток, неколку години наназад, најважно беше да ја совладам техниката за работа со балони за да можам да одговорам на желбите и побарувањата на клиентите и секој еден клиент да биде задоволен. Подоцна почнав и со изработка на gift-boxes за моите роднини и блиски пријатели, и тоа ми беше многу привлечно. Добив многу позитивни коментари и така дојдов до идеата дека може да продолжам со тоа, а секако и желбата беше голема.

Лорета до пред некое време работеше како комерцијалист. Со какви предизвици се соочи при преминот од комерцијалист во претприемач?
Комерцијата е работа секојдневно исполнета со нови предизвици, динамична работа би рекла. Додека пак, изработката на декорации , ја ослободува и истакнува мојата креативност, едноставно уживам додека ја реализирам мојата или замислата на клиентот. Сепак, искуството од првата работа ми беше надополнување во втората. Најголем предизвик, генерално, беше да соработувам со големи фирми, на кои ги нудев моите услуги и креации.
Каква беше реакцијата на твоето семејство кога им кажа за твојата намера, дали имаше негодување дека ќе имаш повеќе одговорност и повеќе обврски, или пак те охрабрија?
Уште од самиот почеток мојот сопруг беше со мене, тој не само што ме поддржуваше туку и ми помагаше , сè со цел да успеам во остварувањето на мојот сон. Како што се зголемуваше обемот на порачките, моето време се намалуваше, но благодарение на помошта од сопругот, јас успеав да стигнам до овде.
Декорациите во најмала рака се магични. Кои се чекорите до конечниот резултат, дали во поголемиот број случаи клиентите оставаат сѐ во твои раце или доаѓаат со некоја нивна замисла?
Сум имала различен тип на клиенти. Одредени клиенти се јавуваат и знаат што е тоа што го сакаат. Јас сум таа што ги реализира нивните идеи. Но, сепак, поголем е бројот на клиенти кои што немаат јасна слика за тоа како би изгледала декорацијата. Тогаш јас им ги претставувам моите идеи и заедно одлучуваме за финалните чекори. Во оваа работа најбитна е креативноста. Откако ќе ја смислам целокупната слика како тоа би изгледало, следуваат неколку опции за на крај да дојдам до таа варијанта која најмногу ми се допаѓа т.е до финалниот производ.
Дали имате некоја ритуал или посебен простор кој ви помага да бидете креативни?
Најчесто кога сум сама во мојата работилница, тоа е моментот кога ги изработувам моите креации и креативноста доаѓа до израз сама по себе.
Од каде инспирацијата за дизајните и декорациите?
Мојата ќерка Тина е мојата најголема инспирација. Таа е инспирација за секоја моја декорација. Таа уште од мала почна да изработува алки од монистри, и многу сум горда на нејзината имагинација и креативност од мали нозе.
Кој е најпредизвикувачкиот, а кој најзабавниот дел од вашата работа?
Најголем предизвик за мене се големите настани, концертите. Таму има премногу луѓе кои го гледаат моето дело, и секако тоа е еден вид најдобра реклама за мене. Додека пак, најзабавниот дел се подготовките околу украсувањето и декорацијата за детски родендени и подготовката на слатка маса за славеникот.
Колку ги следите и се прилагодувате на трендовите во декорирањето и подготовката на подароците?
Секако ги следам трендовите, но моето мото е да се биде поразличен т.е уникатен. Секоја моја креација е изработена со посебна емоција, клиентите тоа го гледат и многу им се допаѓа.
Дали имаш некои омилени клиенти или нарачки што ти оставиле посебен впечаток?
Најдраги ми се нарачките за моите рачно изработени цвеќиња.
Што е тоа што ги привлекува клиентите да купат од твоите рачно изработени цвеќиња?
Моите цвеќиња се изработуваат од материјали, поточно сатенски материјал и плиш. Сатенските ружи се многу специфичен и привлечен подарок за секоја дама. Додека плишаните цвеќиња се нешто уникатно, и тешко достапни на нашиот пазар.
Како ги балансирате уметничкиот дел со деловните предизвици во управувањето на бизнисот?
Секогаш мора да се има баланс меѓу уметничкиот дел и деловните предизвици во управувањето на бизнисот. Многу битна е желбата кон работата и секогаш да се биде упорен и трпелив.
Кој е најгордиот момент во вашата кариера досега?
Најгордиот момент за мене во мојата кариера беше моментот кога собрав храброст и тргнав по мојот сон.
Кој е вашиот рецепт за организираноста на завидно ниво и балансот помеѓу работните и домашните обврски?
Доколку сте упорни, знаете што сакате и цврсто чекорите напред кон остварување на крајната цел бидете сигурни дека ќе најдете начин и време да да ги завршите сите ваши обврски. Желбата и трудот ќе ви помогнат да го остварите и навидум невозможното.
Дали во иднина планирате да воведете и нешто друго?
Во иднина можеби би се проширила во делот на рачно изработени цвеќиња од разни други материјали. Сепак, да оставиме времето да покаже во кој дел ќе се прошириме.
Deкoracii Tina 24 се наоѓа на Булевар Јане Сандански, Скопје, во ГТЦ Бисер на приземје. Нивната работа може да ја разгледате и на нивната фб страна или инста профил.
#поддржуваме мали бизниси