Весна Спасева од Свети Николе, малото градче во срцето на нашата држава, плете волшебни плетенки. Таму е местото каде се родила идејата, но и реализацијата на нејзината страница на која ја промовира својата рачна изработка со амигуруми техника, ,,Волшебната Плетенка”. Страста на Весна за нејзиниот занает е очигледна во секоја прецизно изработена креација, претворајќи го едноставното предиво во магична плеада на преслатки ликови.
Ја замоливме да ни ја опише нејзината работа, а таа ни раскажа:
Мојата страст кон амигуруми техниката резултираше со изработка на најразновидни играчки и кукли.
За нивната изработка користам 100% памучен конец и антиалергиско полнење бидејки играчките се наменети за деца .
На почетокот куклите и играчките воглавно ги поклонував а денес моето хоби прерасна во мал бизнис кој навистина ме исполнува и ме прави среќна.
Секое парче е изработено со големо внимание и љубов, секоја изработка е проткаена со делче од мојата фантазија .
Изработувам по нарачка а секој слободен момент го користам да изработам нешто ново што ќе можам да им го понудам на идните клиенти.
Изработка која ѝ претставувала најголем предизвик e:
Обожавам предизвици а мој прв предизвик беше Рабит Дјууд (Rabbit Dude) кој е еден шарен и голем зајак со специфичен облик на главата.
Се радувам се на секоја моја изработка и тешко е да се издвои нешто како посебно .
Плетењето е работа во која( ако сакаш тоа што го правиш да е перфектно) мораш постојано да се едуцираш, да пратиш трендови, да работиш без брзање, едноставно да се посветиш максимално и успехот нема да изостане.

Посветеноста на Весна доаѓа до израз во секоја шармантна креација што произлегува од пргавиот танц на нејзината игла. ,,Волшебната Плетенка” не е само бренд; туку и доказ за спојот на занаетчиството и креативноста, кој резултира со колекција на играчки кои носат магичен допир. Весна продолжува да инспирира со нејзината способност да го трансформира предивото во свет на чуда. Таа ја прави ,,Волшебната плетенка” порта кон царство каде што имагинацијата не познава граници, а секое дело раскажува приказна за радост и топлина дарувана од рацете на вешт занаетчија.
За сите кои сакаат да ѕирнат малку подлабоко во нејзиниот свет, овде е нејзината фб страна.