За струмичанките Зорица Галева и Данче Азманова Мирчевска нема мисија која е невозможна. Уривајќи го гинисовиот рекорд во пичување на бизнис идеи, се решаваат да се впуштат во акција и да креираат нешто свое, креативно и уникатно, а кое ќе измамува насмевки на лицата на луѓето. Така се раѓа TrixieBox, кутијата која носи среќа. Данче и Зорица се посветени на креирање уникатни тематски подароци за секоја пригода. Но освен што креираат свои сопствени производи, тие ги здружуваат силите и со други мали бизниси, вклучувајќи ги и нивните производи при создавањето на совршениот подарок. За целиот процес од зачетокот на идејата и патот кон една успешна приказна, разговараме со Данче и Зорица.
Данче и Зорица претходно имате работено во компании за дигитален маркетинг. Што беше поттик за започнување на свој бизнис и зошто се одлучивте токму за изработување на тематски подароци?
Данче: TrixieBox (@mytrixiebox на Инстаграм) е креативна бизнис иницијатива за креирање уникатни тематски подароци што ја основавме сестра ми Зорица и јас.
Водени од желбата да ги поддржиме малите локални бизниси со т.н. социјално претприемништво, идејата ни се провлекуваше повеќе од неколку години, паралелно со желбата за да креираме нешто свое.
Јас бев баш во петтиот месец од бременоста кога решивме да го стартуваме TrixieBox. Бременоста наместо да ме сопре во преземањето нови потфати, ми беше како ветар во грб за конечно да ги направам работите за коишто долго време собирав храброст. Ми создаде едно силно чувство на цел и дополнителна мотивација продуктивно да го користам секој час што го имам на располагање, буквално.
Колку време ви требаше од зачнувањето на идејата до реализацијата?
Данче: Пред 5 години, двете бевме дел од еден натпревар на кој презентиравме слична идеја и освоивме второ место. Пред 3 години, јас со слична идеја бев дел од уривање на Гинисовиот рекорд во пичување на бизнис идеи.
Половина година подоцна, си рековме дека е време да ја финализираме идејата и да се фрлиме во акција. Официјално стартувавме во декември 2022ра година.
Ние две постојано сакаме да им подаруваме подароци на луѓето. Но, сфативме дека немаше баш на располагање креативни подароци што би измамиле вистинска насмевка на лицата на тие што ќе ги добијат. Затоа, решивме сами да ги создадеме.
Дополнително, отсекогаш сме поддржувале мали бизниси, особено жени претприемачи бидејќи знаеме колку нивните производи и услуги се направени со љубов и внимание.
Затоа направивме совршена комбинација – секој месец ние ќе креираме уникатен тематски подарок, а воедно и ќе им помогнеме на малите локални бизниси со тоа што нивните производи ги вклучуваме како дел од нашиот подарок. Официјално стартувавме на 16ти јануари 2023та година.
Две години подоцна сме израдувале над 2500 луѓе со нашите подароци. Навистина ни е драго што бројот на нарачки сѐ повеќе расте, особено околу празниците.
Што означува името TrixieBox и како го избравте?
Данче: Кумата на името е Зорица. Trixie значи She who brings happiness. Името го отсликува искуството што им го даваме на нашите купувачи – подарок што ќе им измами насмевка на лицето и ќе им го разубави денот.
Како се роди идејата за тематски подароци?
Зорица: Секој може да оди во некој супермаркет и да купи вино и бонбониера и да го однесе како подарок. Но тоа е далеку од подарок направен со љубов. Ние се разликуваме во тоа што она што го правиме е 100% домашно и креативно. Кога ќе го отвориш самиот подарок, ќе го сфатиш токму тоа.
Започнавме со првиот тематски подарок – Date Kit како брзо и креативно решение за незаборавни љубовни дејтови што долго се паметат.
Како личности што постојано сакаат да подаруваат нешто, со или без повод, долго време размислувавме да креираме иновативен подарок за Валентајн.
Сакавме да биде нешто сосема поразлично од класичните дарови за Денот на вљубените, а воедно и да има и социјална компонента помагајќи им на малите бизниси.
Навистина бевме изненадени кога уште првиот месец имавме над 100 нарачки, бидејќи уште не бевме воопшто препознатливи како бренд во јавноста. Ама сфативме дека луѓето го ценат квалитетот и она што е изработено со љубов. Темите на подароците ги развивавме зависно од сезоната и барањата на купувачите. Нивниот фидбек, пофалби и критики е она што ги обликува нашите следни тематски производи.
На профилот на TrixieBox има неверојатно добри подароци за многу пригоди, родендени, момински забави, свадби, но и такви што не потсетуваат да си се грижиме за себе секој ден и да си го правиме посебен.
Данче: Ако го отворите нашиот профил на Инстаграм ќе ви заличи на Pinterest board. Тоа се должи благодарение на креативноста на Зорица која што има изострено око за детали и не дозволува да се објави нешто што не е совршено.
Во зависност од сезоната, располагаме со тематски кутии. Моментално најпопуларни ни се следниве подароци кои може да си ги разгледате како идеја за празничен подарок:
Адвент Календар со кој што на еден уникатен начин се одбројуваат деновите од 31 декември до Божиќ.
Trixie весници за секаква пригода.
Fortune Cookies честитки за секоја пригода со мудрости што ќе ѝ го разубават денот на личноста што ќе ја добие честитката.
Еко новогодишни честитки за сечиј вкус.
Кои се вашите фаворити?
Зорица: Нашиот фаворит се сетот картички за себе-грижа наменет за мајки што ние лично ги изработивме од нашето искуство како мајки на Дарио и Марко.
Во сетот има 52 предизвици за секоја недела од годината што ќе ѝ помогнат на мајката да биде најдобрата верзија од себе што има многу што да му пружи на светот, и на своето семејство, секако.
Веќе спомнавме дека освен што имате сопствени дизајнирани производи, исто така соработувате и со други мали бизниси за да ја направите совршената gift box. Како ги одбирате другите мали бизниси со кои соработувате?
Зорица: Ги избираме малите бизниси најчесто по препорака на наш близок пријател што бил задоволен од некој мал бренд или бизниси што сами ни пишувале на Инстаграм за соработка. Пресуден фактор за соработка ни се бизнисите да се креативни како нас и флексибилни за соработка.
Како го организирате процесот на изработка на подароците?
Данче: Зорица е креативниот ум и мотор во приказната. Таа доаѓа со идеи, рачно ги креира подароците и секогаш во ракав има милион идеи за нови продукти.
A јас сум личноста на терен и човекот од акција. Набавува продукти, договарам/преговарам набавки и потпишувам договори за соработка со компании.
Во тимот имаме и неколку советници (мажот ми, мајка ни, братучетка ни Ивана) и сметководител (татко ни).
Кој е најнеобичниот или најкреативниот подарок што сте го изработиле досега?
Данче: За мене најкреативниот подарок беше постер-грепката со 50 идеи за уникатни дејтови со партнерот. Треба да изберете дејт, да ја изгребете сликичката и да уживате во заедничкото време. Овој подарок ни беше бестселерот и со право.
Зорица: За мене, тоа е Адвент Календарот каде што радоста од отворањето на подароците, адреналинот и возбудата траат цели 8 дена. Подарок што веќе 2 години по ред е обожаван како од децата, така и од возрасните.
Би можеле ли да ја споделите најубавата и најлошата реакција на некого по добивањето нa TrixieBox подарок?
Данче: Лојалните клиенти чиј што прв избор за подарок сме им ние, ни се најголемиот доказ дека правиме нешто како што треба.
Нивните позитивни коментари навистина ни ги разубавуваат и нашите денови. Тоа и нè мотивира да бидеме уште покреативни за да им понудиме нешто интересно што го нема на пазарот.
Најголем проблем имаме со карго службите. Купувачи ни се жалеле на уништени кутии или истуткани весници.
Колку и да преземаме екстра мерки за да ги заштитиме подароците при достава и да пишеме на кутијата дека е кршливо, сепак и внимателноста на карго куририте игра голема улога дали продуктот ќе стигне во рацете на клиентот како што треба.
Дали сте забележале некои трендови или посебни барања во последно време?
Зорица: На предлог на нашата публика што 95% се состои од жени, креиравме и низа подароци и за мажи.
Овој ноември се приклучуваме во подигнување на свеста за машкото здравје. Создадовме selfcare картички за мажи со 52 предизвици за секоја недела од годината што ќе го поттикнат да се грижи и да вложува во себе.
Картичките можете да ги видите овде.
Што е тоа што најмногу ве исполнува во работата?
Зорица: Можноста да си ја искажеме својата креативност на дело, да помогнеме и да поддржиме мали локални бизниси, но и позитивните реакции на купувачите кога ќе сфатат дека ова е многу повеќе од обичен тематски подарок.
Каде го гледате вашиот бизнис за 5 години отсега?
Данче: Како повеќе од хоби, начин на кој што ќе ја размрдаме индустријата на подароци и на креативен начин ќе го унапредиме женското претприемништво во земјава. Се гледаме и со портфолио од над 50+ производи.
Кој е најдобриот совет што сте го добиле досега како претприемачко дуо?
Зорица: Секогаш слушај ги потребите на купувачите, бидејќи тие се оние што го обликуваат пазарот. Тие се оние коишто ќе пресудат дали твојот бренд ќе доживее експанзија или ќе згасне.
Дали има нешто што би сакале да додадете или да истакнете за вашиот бизнис?
Данче: Ја користиме можноста да ве поканиме да го разгледате нашиот Инста профил каде што ќе најдете уникатни производи изработени од нас самите.
Секој може да нарача подароци од Али Експрес или Амазон, ама она што нè прави поразлични е тоа што освен што ги поддржуваме малите локални бизниси, исто така со секој подарок го негуваме и македонскиот јазик.
Како вистински да го поддржите женското претприемништво? Лајкови, споделувања се одлични, но од тоа не се заработува. Едноставно – купете од производите и услугите што ги нудат.
На пример, наместо да купите подарок за Нова Година од огромна корпорација, купете нешто од мал бизнис. Малите бизниси вложуваат љубов во секое нешто што го работат и според нас, подарокот што е креиран со љубов е секогаш подобар избор.
Разговараше и уреди: Данче Митева
Интервјуто е дел од проектот ,,Креативните Сили на Струмица‘’ во реализација на Здружението за Образовно-Едукативни Цели ДМ Ленгуиџес, поддржан од Општина Струмица, во рамките на G1 Програмата за Локален Економски Развој. Проектот цели кон зголемена видливост на малите локални креативни бизниси и поттикнување на претприемачкот дух.