Митра Дупчинова е жена чија страст за создавање убавина нема граници. Со вешти раце и креативен ум, таа ги трансформира обичните школки во извонредни мозаични ремек-дела. Нејзината уметност не само што го плени окото, туку и раскажува приказни за длабочините на морето и чудата што се наоѓаат внатре. Нејзината ќерка, Снежана Ангеловска, ѝ е голема поддршка. Заедно, тие ја спојуваат традицијата со новитетите. Снежана не само што ѝ помага во изработката, туку и се грижи за видливоста на нивната работа на социјалните мрежи преку кои ги покажува талентите на нејзината мајка на светот. Со нивната работа, тие создаваат неверојатна уметност, покажувајќи ја безвременската привлечност на морето од еден друг агол.
Разгледувајќи низ профилите за уникатни рачни изработки, невозможно е да се одминат мозаиците од школки на Shell Mosaics, тие не само што ја скокоткаат нашата љубопитност за техниката и начинот на изработка, но исто така и за тоа кој стои зад овој профил.
Моето име е Митра Дупчинова, моментално пензионер, а целиот мој работен век го поминав во Стопанска Банка а.д. Битола како економист. Со изработка на слики започнав пред четириесет години кога посакав за својот дом да изработам оригинални и посебни слики. Тие беа моите први почетоци кога на мојата прва слика изработив паун кој многу им се допадна на повеќе луѓе и така започнав да работам на повеќе слики.
За страната Shell Mosaics на Facebook и Instagram се грижи мојата ќерка Снежана Ангеловска која исто така е економист и вработена во истата банка, изработува слики и ја знае техниката за изработка на овој вид на мозаици.

Мозаиците од школки се нешто доста невообичаено, од каде првично ја добивте идејата да започнете со нивно изработување?
Кога одевме со децата на одмор на море собиравме школки, ни станаа предизвик да ги употребиме на слики. Она што морските бранови го исфрлаа по песочните плажи ние го почувствувавме како одличен материјал од кој можеме да создадеме нешто оригинално и необично.

Од каде ги собирате школките?
Од сите околни мориња од Грција, Бугарија, Албанија, Јадранот, а дури на подарок добив и од Австралија. Не само што ние сами ги собираме, многу имаме добиено од познати, роднини, па дури и од некои луѓе кои знаат дека ги користиме, за тоа многу им сме благодарни , за нивниот труд и внимание, што помислиле дека нас ни се потребни.
Каква техника на изработка користите? Можете ли да го опишете креативниот процес кога дизајнирате нов мозаик од школки?
За да направиме едно дело со школки најпрво е самото собирање на школките. Потоа нив ги обработуваме со чистење од нечистотии и за да се отстрани мирисот кој го имаат. Потоа се сортираат по врста, боја, големина и се чуваат во посебни кутии. Кога започнуваме со изработка ни е потребен голем простор на кој ги одбираме видовите на школки кои ни требаат, подлога за сликата која обично е лесонит, лепило, пинцети и други материјали. Користам и машинче за обликување на некои од школките. Исто во некои детски слики користам и циркони. Освен школки ги користам и морските ежиња, телото и игличките.

Како им пристапувате на техничките аспекти на создавање на издржлив и долготраен мозаик од школки?
Изработката на мозаиците е долготрајна и од аспект на издржливост тие се трајни и не се променуваат и расипуваат со години. За да создадам едно дело почнувам само со замисла и со една школка па потоа делото самото се обликува со додавање на следните школки кои ги избирам. Кога сликата е готова ја заштитувам со безбоен лак кој ги истакнува боите од школките.

Како ги избирате школките за секоја слика?
Избирам кои видови и бои ги сакам и пред себе отворам еден куп на кутии и школки и избирам додека ја најдам онаа школка која сум ја замислила. И додека да завршам едно дело, една голема маса седи полна со купови на школки.
Дали школките понатаму подлежат на некаков вид на дообработка, на пример боење во посакувана боја и слично?
Не користам никакви бои, ги користам нивните природни бои и ако се загледаш во една школка има многу бои кои како единка се како една слика. Само треба да имаш чувство за убавината која ја има секоја и најмала школка.
Дали постојат специфични типови на школки со кои работите?
Работам со сите видови кои постојат, ама претежно ги користам оние кои се помали во големина.

Кои други материјали ги користите заедно со школките во вашите мозаици?
Многу ретко користам циркони, камчиња и др.
Дали има конкретни теми или мотиви кои често се појавуваат во вашата работа?
Мотивите се најразлични, најчесто цвеќињата, градскиот часовник во Битола, пеперутки, слончиња, пауни и други разни животни, а и апстрактни слики како селска соба, стомни, кошници со овошје, порти, всушност се што ќе ми падне на памет или ќе посака некој.
Како одлучувате за темата за секој мозаик?
Инстиктивно и спрема расположението во тој момент кога почнувам со изработка ми доаѓа некој мотив кој би го изработила.

Дали досега имате учествувано на некоја изложба?
На 10.06.2006 година имав десет дена самостојна изложба во НУ Завод и музеј во Битола.
Бевме дел од Саемот на мозаици „Во светот на мозаикот“ кој се одржа во Скопје од Macedonia Welcome Centre од 28-ми септември до 1-ви октомври 2016 година.
Учествувавме во Балканска колонија во Битола организирана од здружението „Астерион“ неколку години од 2012 до 2016 година, кое, за жал, се затвори. Имаме учествувано во повеќе хуманитарни акции на ракотворци.
Покрај изработката на мозаици со школки изработувам и слики во техниката ЕНКАУСТИКА , тоа се слики изработени со восок за што имам соодветни алатки и посебна хартија за нивна обработка. Тие слики се многу убави и со двете техники не можи да се направи дупликат од било која слика, секоја е своја и оригинална.
Исто така се занимавам и со пишување, досега имам објавено четири збирки поезија, еден сонетен венец, со мои песни и раскази учесник сум во повеќе од четириесет антологии, но за тоа повеќе некој нареден пат.