Природниот детергент на Данче Серафимова – омилен производ во многу домови

Данче Серафимова е млада креативна претприемачка која водена од поривот да инспирира промени, страста да создава но и желбата да пронајде што е можно поприродни и подобри производи за нејзините најмили, почнува да прави природен детергент. Најпрво рецептот го споделува на својот инстаграм профил со намера да помогне и на други семејства да направат и користат природни и нештетни производи, но по некое време доаѓа до сознание дека поголем дел од нив претпочитаат да купат отколку да направат самите. Нејзините почетоци биле колебливи, но со поддршка од најблиските, таа се решава да го пушти во продажба Природниот детергент, дополнет со прирачник за low-tox дом. За патот на Данче кон создавање на сопствен производ таа вели дека е тесно поврзан со нејзиното емоционално созревање и еволуција на личноста и способноста дури и во најтешките периоди да се смогне сила и пронајде инспирација. Моќна и инспиративна, за претприемачките стравови и предизвици, но и триумфот над нив, целата приказна овде.

Најпрво да ја запознаеме одблиску, која е Данче?

Здраво.

Најпрвин сакам да Ви се заблагодарам што ме препознавте како мал локален бизнис и за можноста преку вашaта платформа луѓето да се запознаат со мојот производ и мојата приказна. Јас сум Данче од Струмица, имам 29 години и во моментот мојата примарна улога е мајка. Имам две дечиња, машки, поголемото е 4 ипол години, а помалото е 16 месеци. За себе можам да кажам дека никогаш не се вклопував во некои наметнати калапи и секогаш го бирав спротивното, за многу бев тешка за разговор и мојата отвореност знаеше да не биде прифатена. Тогаш тоа ми пречеше, но денес можам да кажам дека токму оваа карактеристика ме донесе каде што сум сега.

Што беше твојот стимул, од каде дојде инспирацијата да започнеш со правење на природен течен детергент?

Порасната сум во фамилија која се занимала со земјоделство, баба ми и дедо ми одгледуваа моркови, грав, домат, пиперки и истите ги продаваа на пазар. А баба ми е голем љубител на цвеќиња и како мали секогаш нѐкараше кога игравме блиску до нив со топка. Сосема несвесно оваа љубов кон природата, домашните производи, стана дел од мојот идентитет која ја освестив со стекнување на нова улога – мајка.

До раѓањето на моето прво дете, можам да кажам дека живеев несвесно, буквално како што дува ветрот така и јас, но во тие години сепак сум ја задржала автентичноста и сум ја изградила резилиентноста. Мајчинството за мене е мојот главен двигател за се. Мајчинстовто нуди потенцијал за раст и развој ако вистински се препуштиме. Мојата прва желба за промена дојде со Ѓорѓи. Тој е мојот голем учител. Почнав да се освестувам и да бирам како ќе се однесувам со него, како ќе го третирам. Како родители одлучивме дека не сакаме да воведуваме некои стари обрасци на однесување, бидејќи чувствувам дека за мене и моето семејство тој начин не е исправен. Ова ме наведе да се запрашам дали е можно да јас денес го живеам мојот полн потенцијал и дали живеам живот каков што сакам со всадени уверувања кои ми се наметнати од страна на околината и која сме ја преземале и поистоветиле со неа како да е навистина наша.

Секој од нас расте во некое опкружување. Фактот што сме растеле со некој и гледајќи го тој некој, тој имал моќ да ни всади уверувања и да ни наметне некои обрасци на однесување за кои тие лично веруваат дека се исправни и со времето ние како живееме ги преземаме туѓите уверувања и однесувања. Ги примаме како да се наши и со времето тие уверувања кои и можеби не резонираат со нас, стануваат дел од нас и се нешто што ние го зборуваме на себе се додека не стане наша норма.

 

Мајчинството за мене е мојот главен двигател за се. Мајчинстовто нуди потенцијал за раст и развој ако вистински се препуштиме. Мојата прва желба за промена дојде со Ѓорѓи. Тој е мојот голем учител.

Околината не секогаш е како треба да биде и не негува индивидуализам и интуиција како што би требало да негува. Секој од нас е тука со некоја друга причина и цел и не  е можно да постои еден начин на живот кој одговара на сите и кој е за секој. На нас е кога ние ќе преминеме во возрасни луѓе тоа да го освестиме, како живееме и дали нашиот живот е рефлексија на туѓите очекувања или на оние нашите. Дали ги задоволуваме туѓите потреби или своите. Дали живееме како што сакаме да живееме или како што мораме. Дали чувствуваме дека можеме повеќе и дека сакаме повеќе, или поинаку, но не сме способни да се одвоиме од генерациските обрасци на однесување и циклуси кои ни се всадени низ нашето растење бидејќи сметаме дека го немаме тоа нешто во нас за да го прекинеме тој циклус.

Некогаш животните предизвици и проблемите на кои наидуваме ни доаѓаат како повик да ја разбудиме креативноста во себе, дали имаше специфичен проблем што сакаше да го решиш со овој производ и како започна сѐ?

2021-ва  година мене ми остави голем прашалник, ме фрли на под и беше година каде донесов голема одлука а тоа е да преземам одговорност за мојот живот, за тоа како се чувствувам, како се однесувам. Да си дозволам да бирам со кого разговарам, да бирам кој и што ќе влезе во нашиот дом. Одлучив за повеќето работи да не сум достапна. И е многу тешко, со мојата одлука јас подигнав голема прашина и многу искушенија дојдоа на пат. Но тука сме, се бориме, бидејќи имам јасна намера, која доаѓа од чисто срце, неизмерна љубов, благодарност и верба. На нашиот мозок не му  е убаво кога ќе почнеме да покажуваме или барем да пробуваме да дејствуваме поинаку. И тежнееме да се вратиме во примарниот образец бидејќи ни е познато, удобно и сме поврзани цел живот таму. Не е воопшто едноставно да се соочиш со фактот дека практично сè до сега е само наш избор донесен несвесно.

Зошто 2021-ва година? Кога Ѓорѓи имаше 8 месеци останав по втор пат бремена. Детето, Костадин, се роди на 4ти Септември со компликации и итно беше префрлено во Скопје. По 28 дена борба се предаде, не издржа. Неговата загуба е мојот двигател, мотивација, извор. Чувствувајќи вина дека нешто со моето тело предизвикало неговиот развој да не е целосен, почнав да се едуцирам за хормоните, ендокрините дисруптори, состојките во производите кои ги конзумираме и користиме. Кога навлегов длабоко во темата, сфатив колку сме преплавени и сме жртви на маркетингот и конзумеризмот. Колку сме побегнале од едноставноста и користењето на неколку производи во домот, колку имаме само дистракции во текот на денот.

Почнав да се навраќам на едноставноста, на барање решенија за создавање на производи сама во козметиката, за домот. Така стасав до етеричните масла. Кога почнав да ги користам, почнав да учам за да правам прозиводи со нив, како мелем за гради против кашлица, путер за тело, влажни марамчиња, тоник за лице, серум за лице, пилинг за тело, комбинации за синуси, серум за коса, детергент.

 

Како изгледаа твоите први чекори во создавањето на детергентот?

Прв пат пробав да направам детергент во 2022ва година. Јас иако пробував бев многу голем скептик и не верував дека ќе функционира. Но на мое големо зачудување бев импресионирана од резултатот. За производите кои почнав да ги правам почнав да пишувам и да ги споделувам на Инстаграм. Имам голема страст во тоа да инспирирам за промена. Самата знам колку е предизвик да се спротиставиш на регуларното и да отстапиш од него и затоа сум тука онлајн за да пружам поддршка и да покажам дека не мора да биде тешко и дека кога сме заедница и кога имаш вистинско место каде да се обратиш, сè е полесно.

На почеток немав планирано  овој детергент да биде мој производ и биде на продажба. Со задоволство го споделував рецептот на инстаграм и ги поттикнував жените да пробаат и си направат.Се додека почна да има интерес за да јас направам на пријатели и да ме прашаат за цена. Тука дојдоа на пиедестал сите мои уверувања околу продажбата, тука доаѓаше некоја моја нова улога, а тоа е како претприемач, веќе немаше да бидам човек што само доаѓа и креира бесплатно туку и да продава. И тука веднаш наидов на отпор во себе, недоверба, мислев дека нема да сака никој да купи и оставив.

По една година креирав работилница, каде правевме природен детергент, путер за тело, дезодоранс, беше навистина убава дружба и се надевам ќе ја повториме барем уште еднаш. По работилницата едно девојче ме праша дека има другарка заинтересирана за детергентот и тоа го сфатив како знак дека треба да се осмелам. И тоа беше еден многу невообичаен ден бидејќи беше неколку дена пред да тргнеме на одмор, оваа лето во јуни. Кога се решив, седнав прво да направам етикета за производот, која ја финализирирав ден пред да одам на одмор. Ја испечатив, ја ставив на мојот детергент  и направив неколку фотографии. И пак бев во мисла, дали да дали не и кога. Додека бев на одмор се консултирав со еко заедницата од која сум дел, тие беа многу воодушевени и така решив да го објавам додека сме на одмор. Ноќта го направив видеото и описот и го ставив да се објави наутро. Во првите два дена имав 20 нарачки. Ги ставив како pre order, за да ги испорачам кога ќе се вратам. Ова мене ми дојде како гром од ведро небо. Не очекував, а и дефинитивно не бев спремна. Немав амбалажа, немав суровини и не ни знаев како ќе ги набавам. Набрзо сфатив дека во Струмица немам ни стаклена амбалажа, па тука бев во големи паники. Но додека се вратив од одмор се организирав и моето прво патување со кола до Скопје беше токму поради детергентот. Морав да преминам преку многу мои стравови, морав да голтнам многу работи за да можам да создадам производ и сето она што следува со него. Ништо немав испланирано, не бев подготвена, сѐ се случи премногу брзо. Но мило ми е што се случи и благодарна сум за овој чекор, бидејќи ќе беше многу себично од моја страна ако само останав со информацијата и само со споделувањето, многу семејства никогаш не би ни пробале да направат, туку преферираат да купат.

Почнав да пишувам за раст и развој на себе, за домот, производите кои ги користиме, нивното влијание врз нашето здравје, женскиот репродуктивен систем. Создадов прирачник/водич во состојките на производите каде најчестите состојки се наведени со име и е објаснето нивното дејство и тоа дали се штетни или не. Водичот има 50тина страни и е вистинска ризница и наша обврска и должност е да бидеме информирани за состојките во производите. Во него се објаснети и сертификатите со кои се служат производителите на козметиката и објаснување за нив како и на кој начин да им веруваме и кога да ги проверуваме. Овој прирачник јас го подарувам на сите потрошувачи на детергентот. Штом го нарачуваат им го испраќам во пдф форма.

Како го развиваше рецептот за детергентот? Кои состојки ги користиш и зошто се важни за природниот пристап?

Изработката на детергентот не беше едноставна, поради недостиг на суровини во нашата држава. Идејата беше првично јас да го правам сапунот, но најдов доверлив извор со сертификат за природен сапун за алишта од растителни масла. Другата состојка е сода за перење. Оваа сода е различна од нашата сода што ја имаме на нашиот пазар и за жал оваа сода не е достапна во нашата држава. За ова на почеток морав да се снаоѓам од пријатели и роднини кои патуваат во странство да ми набават за да можам да имам залиха. Другата состојка е вода и етерична масла по избор. Од мое искуство етеричните масла во детергент се трошок бидејќи јас лично користам високо квалитетни етерични масла, кои не се продаваат на нашиот пазар и поради нивниот извор и квалитет, чинат повеќе. Најдобар начин за да алиштата мирисаат е со волнени волнени топки во сушара, или ако немате волнени топки (бидејќи и тие ги нема кај нас) можете во сушарата во филтерот да ставите туфери каде ќе накапате од етеричното масло. Најубаво етерично масло за алиштата е Лимонска трева.

Детергентот е направен од природен сапун од растителни масла, сода за перење, вода и етерични масла

Како твојот детергент придонесува за заштита на животната средина?

Амбалажата на детергентот е стаклена што придонесува за еко одржливост. Стаклената амбалажа може да се врати за реупотреба при што на следната нарачка остварувате попуст на детергентот. Доколку не сакате да ја враќате секако можете да си ја искористите за ваши цели, а еден од моите предлози е во неа да си направите билен чистач. Рецептот го имате кај мене на профил. Се погрижив да доставата во Струмица, Валандово, Гевгелија и Богданци е бесплатна. За останатите градови испраќаме по брза пошта. Најпрвин бев исплашена за транспорт бидејќи е сепак кршлив производ, но засега се е во ред се трудам да го пакувам безбедно, а не естетски. Картонската амбалажа е реупотребена исто така, картонските кутии од аптеките најчесто или супермаркетите ми служат за да го пакувам детергентот, што понекогаш знае да биде напорно, бидејќи не го погодувам денот кога им стасува роба, па ако е врнежливо а се оставени надвор се мокри, но засега се снаоѓаме. Со ваквиот метод заштедуваме ресурси и на картонската амбалажа и придонесуваме дополнително еколошки.

Дали имаш идеи за едукативни кампањи за подигање на еколошката свест?

Би сакала во иднина да има такви еко работилници, направи сам органски производи, каде ќе правиме таблети за машина за садови, дезодоранс, пилинг за тело, козметика и слично бидејќи е навистина едноставно и се прави од неколку состојки а кога сме поголема група е забавно интересно, разменуваме искуства и на крај си одиме со производи.
Мечтаам за невладина организација или пак мое сопствено залагање за чистење на околината, реони во градот Струмица. Би сакала во иднина кога ќе имаме повеќе влијание на интернетот повеќе следбеници, истомисленици да поттикнам месечни акции на расчистување на одредени предели во градот.

Би сакала во иднина да има такви еко работилници, направи сам органски производи, каде ќе правиме таблети за машина за садови, дезодоранс, пилинг за тело, козметика и слично бидејќи е навистина едноставно и се прави од неколку состојки а кога сме поголема група е забавно интересно, разменуваме искуства и на крај си одиме со производи. Мечтаам за невладина организација или пак мое сопствено залагање за чистење на околината, реони во градот Струмица. Би сакала во иднина кога ќе имаме повеќе влијание на интернетот повеќе следбеници, истомисленици да поттикнам месечни акции на расчистување на одредени предели во градот.

Како создавањето на овој детергент влијаеше врз твојот живот?

Мојата заедница многу порасна откако го креирав Природниот детергент. Пред него, две години зборував и креирав едукативна содржина за производи со помалку токсини, влијанието на производите во домот, ширење на свесност, но се доби поинаква димензија откако почнав да го продавам Природниот детергент.
Да си дадеш дозвола да креираш и покрај тешките периоди, покрај настинки, загуби, пресврт, лутина бес и сите емоции што сите ние како луѓе ги искусуваме е вештина. Не мораш да бидеш 100% среќна и ентузијастична секој ден околу својот бизнис и својот живот, за да се појавиш за него и за твоите цели. Она како се водиш себе и тогаш кога те мрзи и не ти е денот и сопругот те изнервирал, детето настинало, пмс.. во тие моменти доказите кои ги креираш за себе се онаа водилка која ќе те води и тогаш кога се ќе биде добро. Оваа сезона за мене е далеку најуспешната во сите полиња, сезона во која сум најфокусирана и дисциплинирана и овој месец имав загуба во семејството. И тоа што го сфатив е дека без разлика на стадиумот на еволуција во која се наоѓаш, без разлика на тоа колку ќе работиш на себе, колку си емоционално интелигентна, и без разлика на тоа кои нивои си ги достигнала, секогаш животот е 50/50 и секогаш ние како луѓе ќе ги имаме истите емоции. Секогаш ќе ја чувствуваме цела палета на емоции – приајтни и непријатни. И свесноста дека можеме и да бидеме тажни и сепак да се појавиме за личноста која сакаме да постанеме е она што е клучно во изградбата на резилиентност, дисциплина и доследност. Сепак со голема претпазливост и во сезони на тага на загуба секогаш со свесност да бидеме нежни кон себе.

 

Мојата заедница многу порасна откако го креирав Природниот детергент. Пред него, две години зборував и креирав едукативна содржина за производи со помалку токсини, влијанието на производите во домот, ширење на свесност, но се доби поинаква димензија откако почнав да го продавам Природниот детергент. Да си дадеш дозвола да креираш и покрај тешките периоди, покрај настинки, загуби, пресврт, лутина бес и сите емоции што сите ние како луѓе ги искусуваме е вештина.

Какви се реакциите на клиентите досега?

Реакциите на клиентите се одлични! Сите се задоволни потрошувачи и тоа што продолжуваат да нарачуваат од детергентот кажува за тоа дека производот ја врши својата улога. Имам голем интерес за ширење низ градовите во државата па и надвор од неа, има интерес и предлози за нови производи но се во свое време.

Природниот детергентот и прирачникот за low-tox дом може да си ги нарачате кај Данче на нејзиниот инста профил.

Водењето сопствен бизнис, покрај семејните обврски знае да биде исцрпувачко, што те мотивира да продолжиш и да останеш конзистентна со оваа работа?

Најмногу ме мотивира желбата за промена кај потрошувачите. Можеби наизглед оваа бранша е безнадежна бидејќи на пазарат има море од детергенти и свесноста кај луѓето во поголем процент е мала, но и на мое изненадување има и свесни семејства, жени кои сакаат да прават поинакви избори и да го креваат стандардот и квалитетот  на своето живеење, и тоа мене ме полни. Особено кога ми нарачуваат девојки кои уште не се остварени во полето на фамилија, деца. Ние како жени кога сме во блажена состојба носиме три генерации во себе и нашата одговорност и придонес е клучна. Доколку знаеме какви производи да користиме тогаш влијаеме на цело поколение.

Дали имаш планови за развивање нови производи или проширување на бизнисот?

За нови производи имам на план до крајот на годината, што пак ќе биде детергент но со поинаков состав и форма. Во моментот нов производ што не е физички ми е менторскиот програм Low tox дом – кој ќе ти помогне и ќе те поддржи да свесно креираш дом што нема да те фрустрира и нема да те преплавува.  Програмот содржи 12 лекции кои целосно ќе ја променат перспективата спрема домот и твојот однос со него. Програмот има и дел бонус кој содржи целокупна едукација за етеричните масла, стретегија за здрав имунолошки систем, лимфен систем, рецепти за природна аптека. Овој програм особено ме радува бидејќи знам колку вредност има во него и бидејќи јас тоа го живеам.

Кој е твојот совет за другите што сакаат да почнат свој бизнис?

Една моја “мана” од детството, карактерна особина и дел од мојот идентитет е што јас не размислувам. Хаха. Да не ме сфатиме во ектстрем секако дека за одредени работи размислувам но за повеќето не. Пред да почнам да имам свој производ многу мислев, а тоа значеше дека само комплицирам, мислам и сум цело време во главата односно барам изговори. Моментот кога ќе решиш да го гледаш животот од другата страна на паричето нема многу да размислуваш при донесувањето на одлуки. Ништо не мора и се може. Живееме во свет на можности. Наше е само да бидеме доволно присутни за да се слушнеме себеси и да ја осознаеме нашата зона на генијалност, она за што сме создадени. Никој не може да го даде твојот придонес на светот бидејќи секој човек е единствен и уникатен. Системот во кој не ставаат и кој некогаш функционирал веќе не е релевантен и не е одржлив. Темпото е поинакво, имаме многу нови професии и уште на повидок, а нивото на нашата еволуција некако стагнира. Ни требаат решителни, резилиентни, храбри генерации, кои ќе креираат нова иднина.
Замислата што ја имаш за креирање на бизнис и информациите што мислиш дека треба да ги имаш не мора да бидат комплетирани за да почнеш. Само опкружи се со поддржувачка околина, а не со околина која ќе те советува од сопствените ограничувања. Прашувај луѓе чиј резултат сакаш да го живееш. А доколку мислиш дека можам да ти помогнам, со задоволство те чекам во инбокс.

Разговараше и подготви: Данче Митева

Интервјуто е дел од проектот ,,Креативните Сили на Струмица‘’ во реализација на Здружението за Образовно-Едукативни Цели ДМ Ленгуиџес,  поддржан од Општина Струмица, во рамките на G1 Програмата за Локален Економски Развој.  Проектот цели кон зголемена видливост на малите локални креативни бизниси и поттикнување на претприемачкот дух.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *