Сè е е комбинација на сила и нежност.-Василија Ѓоргиева, авторка на крими-романот „Безгрижна“

За крај на 2023та, не можевме да посакаме подобар соговорник. Прекрасната млада авторка Василија Горѓиева, пред само неколку дена ја имаше промоцијата на нејзината книга, насловена ,,Безгрижна”. Василија е родена во  с.Дрвош, Општина Босилово, во околината на градот Струмица.
Ученичка во СОУУД ,,Димитар Влахов” – Струмица, има 18 години. Taa е нов и надарен глас во книжевниот свет. Со страст за вткајување зборови во привлечни наративи, младата авторка ги истражува темите од областа на криминологијата, поканувајќи ги читателите да тргнат на неизвесно патување со многу имагинација и многу откритија.

Необични приказни и несекојдневни ликови можат да бидат создадени само од исто толку необични автори.

Василија, како ти би се опишала себеси?

Секогаш мотивирана и насмеана утрото да го започнам со шолја капучино со вкус на лешник, да го зграпчам денот, да го завртам лицето накај сонцето, да се насмевнам како дете и да бидам ,,заглавена“ пишувајќи поезија, а со оглед на тоа што сум вљубеник во медицината секогаш страсно посакувам и барам да учам нешто ново, а исто така како страстен истражувач на човечката психологија сакам да се надоградувам одново со некои елементи од психологијата. Едноставно сакам да се исполнувам со убави нешта и денот да не ми помине ако барем еднаш не ги прегрнам најблиските. Сакам да читам многу книги и никогаш не тргнувам барем најмалку без три книги никаде, бидејќи преку страниците на било која книга се чувствувам како да одлетувам на мирни хоризонти.

Интересен факт за тебе кој никој не го знае?🙂

Можеби за мене најинтересен факт е тоа дека многу го сакам мирисот на лупени портокали, ми носи мир тој мирис. 😊

Пред неколку дена беше промоцијата на ,,Безгрижна“, дали е ова твоја прва издадена книга, и  накратко, која е тематиката на книгата? 

Да, ,,Безгрижна“ е моја прва и воедно најголема радост.

Според темата која што ја обработува се класифицира во групата на крими – романи кој до самиот крај ќе ве држи во голема неизвесност, роман во кој до крај ја доловувам важноста на жената во овој свет и тоа колку жената е космички симбол за обнова на светот. Преку главниот лик во книгата – Мелиса Мартинез Хернандез која својата приказна ја започнува во затвор, а потоа ја продолжува на релација Италија-Македонија можам да кажам дека успеав да ги доловам сите оние непредвидливи нешта кои ни ги сервира животот на интересен начин низ една провлечена мистерија до самиот крај, иако таа приказна не завршува тука.

Во прилог Ви оставам кратка содржина:

Мелиса Мартинез Хернандез со својата отменост, грациозност и еманципираност ќе ја започне својата приказна во Италија.

Единствената новинарка која избира да ги доживее сите нешта за кои другите мислат дека нема да ги издржат. Морничавите глетки и крвта на нејзиниот најдобар пријател ќе ја натераат да се запраша која е нејзината вистина. Жената со „винтиџ“(кок) која секое утре во исто време ѝ остава пред вратата букет со портокалови рози ја тера да мисли дека уште некој ја знае нејзината приказна и нејзината поврзаност со таа боја. Морничава приказна која се крие во секој букет, во сите рози. Италија, тесните улички и криминалот прават сите луѓе да помислат дека нејзиниот животот се состои од тие три нешта и е бесмислен.

Дали глувиот тропот од нејзините штикли ќе нè натера да се запрашаме која е причината за нејзината смрт? Убиство или самоубиство?

Роман кој до самиот крај ќе ве држи во неизвесност, роман кој ќе ве натера да се запрашате дали и вие доволно се познавате самите себеси.

Спомна дека ,,Безгрижна” се класифицира во жанрот на крими-романи, дали всушност имаш определен жанр во чиј рамки  сакаш да твориш и понатаму?

Засега дефинитивно ќе продолжам да пишувам крими-романи, но исто така имам голема желба од печат да излезе и моја збирка поезија, бидејќи дефинитивно верувам дека преку песните болката е претворена во мудрост.

Го имаш ли на ум крајот на книгата уште кога ќе почнеш да пишуваш? 

Дефинитивно не, дури не замислував ваков крај на кој му давам шанса за нов почеток или можеби само продолжување на сета оваа приказна за Мелиса Мартинез Хернандез, приказна за сите нас, за храбрата симбиоза на жената. Често знам да кажам дека приказната не завршува тука, сите ние имаме приказни за раскажување, но верувам дека приказните се раскажуваат само кога ќе завршат, а ниедна наша приказна не завршува толку лесно, напротив, преку сета оваа приказна сакам сите да знаат дека не се сами и дека оваа книга е напишана за секој од нас.

Во процес на пишување сум на вториот дел на ,,Безгрижна” и многу се радувам што ова не е крај.

Преку ликот на Мелиса Мартинез Хернандез верувам дека сите би се запрашале колку ние навистина сме безгрижни.

Книга со нежен наслов, а во себе содржи толку нешта кои се мрачни, нешта кои имаат рани, баш како еден приказ на човек, сите ние сме толку нежни, а во себе криеме толку нешта за кои никој не знае и сме најсилни.

Сè е комбинација на сила и нежност.

Фото: Приватна архива на Василија

Ти се случуваат ли моменти на блокада, кога едноставно не можеш да завршиш одредена ,,сцена” во текстот (ако да, како се справуваш со тоа)?

Ретко имав такви моменти, бидејќи цело време тоа што го пишував истовремено го живеев. Можеби звучи премногу чудно, но пишувајќи го романот имав чувство како да го живеам мојот втор живот, како одново да се имам родено во моменот кога се борев да ѝдадам живот на ,,Безгрижна”.

Што би им порачала на твоите врсници, па и на сите останати, во новата 2024?

Пред сè на сите им посакувам да си ги следат своите соништа, да гледаат со очите само преку срцето, силно да веруваат дека тоа што го посакуваат ќе се случи, а бидејќи јас верувам дека сите нешта заживуваат во свое време посакувам да бидам трпеливи и истрајни. Силно верувам дека секој од нас еден ден ќе го живее својот сон.

Би ја искористила приликата на сите да им посакам среќни Новогодишни и Божиќни празници, сите да бидат исполнети со љубов, мир и радости.

На сите им посакувам најуспешна година, со многу остварени соништа и безброј насмевки и прегратки, до бескрај. Бидејќи за мене пролетта живее во сите годишни времиња посакувам да цветаат убавини и во зима и мирисот на јоргован на сите да ни се ниже по телото и секојдневно да ја инхалираат надежта.

Среќна сум кога ќе слушнам дека некој го живее својот сон.

Ви благодарам од срце за честа и можноста да пијам капучино и да одговарам на вашите прашања и тоа ноќ пред Нова година.

Среќна сум!

Ти благодариме што и покрај сите предновогодишни обврски, капучиното го испи токму во наше друштво драга Василија💗, го очекуваме и вториот дел на ,,Безгрижна“ ! 

 

Подготвила: Данче Митева

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *