Професорот Дарко Цветкоски од охридската гимназија ,,Св. Климент Охридски” заедно со своите ученици реализираа хуманитарна акција ,,Донирај компјутер” во обид да придонесат при премостување на дигиталниот јаз и зајакнување на општеството помагајќи таму каде што е потребнo. Тие поправија голем број стари компјутери, и направија нови склопувајќи стари делови.
Нивната визија несомнено ги надминува границите на традиционалната училница, а оваа хуманитарна иницијатива е значајна сама по себе но и по пораката што ја носи.
Ова е поводот за разговорот со еден од иницијаторите на оваа хуманитарна акција, професорот Дарко Цветкоски.
Што ви даде поттик да се започне оваа иницијатива?
Најпрво благодарам за Вашата покана и интересот да ја споделите нашата приказна и порака со пошироката јавност.
Зачетокот на оваа идеја, која се надевам ќе прерасне во традиција, е најдобар пример дека доброто со добро се враќа. Имено, на крајот на 2022, локалната фирма Костал Македонија Дооел , која што е пример за општествено одговорна фирма и голем поддржувач на младите и образованието, донира компјутерска опрема со која израдуваме дечиња од ранлива категорија на семејства во едно локално основно училиште.
Охрабрени од позитивниот одговор на фирмата и нивната желба да се вклучат во вакви проекти, побаравме и втора донација, овој пат наменета за гимназијата. Ова беше инцијатива на неколку индивидуи, учествуваме ние како професори и директорката на гимназијата. Беше донирана ИТ опрема со која се обнови дел од кабинетот за информатика за учениците од I до IV година.
Сакавме истата добрина да ја возвратиме на оние на кои им е потребна. Ние, јас како професор и учениците кои ја користиме опремата.
Така, низ неофицијална и непосредна комуникација, објавив дека секој кој има нефункционална компјутерска опрема и не е во употреба може да ми ја достави да ја поправам, доколку е изводливо секако, и понатаму да ја предадеме на оние на кои им треба. На мое позитивно изненадување, не само што се пријавија деца кои ќе донираат туку имаше и многу деца кои имаа желба да ми помогнат во поправките и обидите да ги доставиме компјутерите во вистински раце.
Така, повторно на крајот на оваа 2023 година, во име на празничниот дух и најмногу во име на дарежливоста, повеќе спонтано отколку планирано, се повтори истата дарувачка акција.
Kога се организиравте и работевте на нивна поправка и склопување, за време на часовите по информатика или сепак и вие и учениците иннвестиравте дел од слободното време за реализација на оваа идеја?
За време на часовите немавме активности околу поправките, само некои кратки консултации до каде сме и во која насока се движиме. Сите останати активности ги вршевме во слободно време, а голем дел од работата јас ја вршев и во својот дом. Таму имав уште двајца ,,големи помошници” моите синови Кирил (7) и Калин (3).
Колку ученици учествуваа и која е нивната возраст?
Учествуваа ученици од I и II година средно образование.


Дали е возможно да се воспостави континуитет на вакви хуманитарни акции од страна на вашето училиште и што вам ви е потребно за да се одржи тој континуитет?
Секако дека е возможно но никој не е семоќен ако е сам. Силата ни е во заедништвото. Секој да учествува со она што може и да даде колку што може. Јас сум горд на моите ученици и верувам дека во наредна акција интересот ќе биде ист ако не и поголем. Она што ни треба е нашата приказна и отворена покана да стигне до што повеќе луѓе, организации и фирми, па со возвратена пооддршка ќе даваме уште помош.
Како би можело наставниците и родителите да ја негуваат и развиваат хуманата страна кај децата, тоа дека секогаш кога можеме треба да им помагаме на понемоќните од нас ?
За да ги научиме децата на било што нема подобар начин од тоа да се даде пример на дело!
Бидете дарежливи родители и ќе имате дарежливи деца!
Бидете хумани професори и ќе имате хумани ученици!
Светот останува на децата!
Благодарам,
Ваш и на сите деца,
Професор Дарко Цветкоски
Подготви: Данче Митева