Шепни ѝ на Шумската Вила што сакаш и таа ќе ти ја исполни желбата!

Шепни  ѝ на Шумската Вила што сакаш и таа ќе ти ја исполни желбата! Се разбира, ова важи само доколку посакуваш некоја уникатна, невообичаенa фигура на свеќа изработена од пчелин восок, која ќе и даде дополнителна топлина и шарм на секоја просторија. Овој пат ви ја претставуваме Марина Тренчоска, Шумската Вила, креативна претприемачка која изработува еколошки свеќи од пчелин восок, набавен од нивниот семеен пчеларник. Формите на свеќите се чиста магија. Во овој разговор ни ги открива предностите на ваквиот тип на свеќи, начинот на изработка и многу, многу други интересни факти.

Нетрпеливи сме да те запознаеме, кажи ни нешто за себе, која е Шумската Вила?

Се викам Марина Тренчовска, имам 33 години и родена сум и од пред неколку години повторно се вратив да живеам во моето родно село, Банско, нашето малечко селце кое лежи на подножјето на планината Беласица. Полно со стари приказни, артефакти и реликти, опкружено со вел од магла, планини и поточиња е бескрајна инспирација за целото мое постоење и делување. Тука светот функционира забавено, надвор од конвенционалните рамки на времето и просторот, тука сум најсреќна.

Како започна твојата приказна со изработка на свеќи?

Со изработка на  свеќи имам искуство уште како тинејџер. Сите свеќички, кои ги имав низ кутиички и стакленици, нови и недотрошени ги топев и креирав нови форми и дезени.

Низ годините почнав да учам повеќе за уметноста на правење свеќи. Тоа стана креативно бегство за мене и ми беше многу  интересно да експериментирам со  различните восоци и комбинации на мириси. Обично сама си ги палев новосоздадените креации или ги подарував на пријатели. Тоа беше мое хоби со години, сé до моментот кога решив да ги споделам моите дезени со пошироката јавност.

Кој или што те поттикна да се насочиш кон овој занает?

Пчелинот восок го користам ритуално и е интегрален дел од мојот живот.

Избрав да работам со восочни свеќи поради фактот што алтернативите на пазарот се преполни со хемикалии кои не ги сакав во својот дом. Дури и популарниот ,,природен” восок од соја! Кога научив дека  е хемиски избелен со тешки метали (со никел) и  дека поради неговата тешка арома на свеќите од соја секогаш им се додаваат мириси и парфеми кои секогаш ми имаа некако тежок мирис знаев дека морам да сменам нешто најпрво кај мене па и во околината што ме опкружува.

Би можела ли да ни опишеш како изгледа процесот на изработка на свеќи и украси од пчелин восок и од каде го набавуваш?

Восокот го земам од пчеларникот на мајка ми.

Суровиот восок најпрво го чистам со две тенџериња од нерѓосувачки метал преку процесот на double boiling (двојно зовривање). Кога восокот ќе се истопи, вака течниот восок го филтрирам со газа во убаво  исчистен картонски сад за млеко или пластично шише.  Вака го оставам неколку саати восокот да се олади и стврдне. Постапката може да се повтори доколку сметам дека му е потребно уште чистење.

Откако восокот ќе се стврдне следува следниот чекор, негово повторно претопување пак на истиот начин преку процесот на double boiling, и негово моделирање во свеќи ( истурање во претходно подготвени калапчиња прицврстени со фитилчиња од памук). На крај се чека восокот да се олади. Целокупниот процес за изработка на свеќи, во зависност од чистотата на суровиот восок и количината на свеќите може да ми одземе и 6 часа за 6-8 свеќи, во зависност од нивната големина.

Кои се главните предности на користење пчелин восок како материјал?

Свеќите од пчелин восок се ценети со векови поради нивната природна убавина и својствата на ,,чисто” горење. За разлика од парафинските или свеќите од соја, свеќите од пчелин восок нудат широк спектар на здравствени и еколошки придобивки, што ги прави идеален избор за секој што сака да води поприроден и одржлив (sustainable) начин на живот.

Нешто што секогаш ме фасцинира кај свеќите од пчелин восок  е тоа што свеќата  не чади и има  посветол пламен (ист спектар како сончевата светлина) и ослободува негативни јони кои го чистат воздухот. Заболените од астма често имаат свеќи од пчелин восок во своите спални соби, а заради тоа ги користат и православните цркви, за прочистување на воздухот пред молитвите и светите пеења.

Друг интересен факт  за  пчелиниот восок  е тоа што тој нема секогаш иста боја и мирис во секоја свеќа. Неговите својства варираат во зависност од сезоната, климата и годината кога е собран и видот на цвеќето опрашувано од пчелите.

Многу други свеќи на пазарот се направени со парафин, кој е дериват на нафтата. Не го сакаме чадот на автомобилите надвор, зошто би го донеле и во нашата спална или дневна соба!

 Парафинот има широка распространетост бидејќи е многу евтин и лесен за правење, за разлика од  пчелиниот восок кој се прави во мали количини и има комплициран процес на екстракција (одвојување на восокот од медот).

Неколку совети за користење и грижа за свеќите од пчелин восок

Најпрво, за да се обезбеди нивно максимално користење, препорачувам свеќите да не се чуваат во екстремно топли простории бидејќи ќе омекнат и ќе почнат да ја губат формата.

Исто така, кога ќе запалите свеќа од пчелин восок, оставете ја да гори доволно долго за растопениот восок да стигне до рабовите. Ова го спречува тунелирањето и осигурува дека свеќата рамномерно ќе гори.

Што e тоа што ги прави вашите производи уникатни и препознатливи?

Нашите свеќи се инспирирани од природата и со тоа на ум состојките на свеќите се комплетно од природен и нетоксичен материјал- грижливо исчистен восок кој доаѓа од нашите сопствени пчеларници и фитил исплетен од памук.

Уникатни свеќи од Шумската Вила може да си нарачате на нејзиниот инстаграм профил на овој линк.

Кои елементи или искуства најчесто те инспирираат во твојот процес на дизајнирање на уникатни свеќи од пчелин восок ?

Мојата конекција со природата, древни легенди и преданија, митското и надреалното,  книгите на Толкин, музиката на Стиви Никс и Лорина МекКеннит.

 

 

Какви се твоите планови, дали имаш идеи за нови проекти или производи што би ги реализирала во иднина?

Секако, во процес сме на лиценцирање на медот а исто така спремам и сапунчиња и балсами за усни кои покрај нашиот пчелин восок ќе содржат само органски компоненти меѓу кои и масла кои самата ги направив од локални билки лично набрани од планината Беласица и секако од мојата градина( пелин,мајчина душица, диви рози, жалфија, невен… ) А на повидок се и органски кремчиња за различни намени.

 

Кој производ го сметаш за свој фаворит?

Долго време ми беше сетот од џуџиња Ла фамилија. Од неодамна работам на нов проект со кој сум буквално опседната, наречен Anicent muse, кој е инспириран од работата на Лорина МекКенит. Проектот допрва ќе биде лансиран.

 

 

За крај, кој е твојот совет за баланс помеѓу креативноста и бизнисот?

Одредете цени што ја одразуваат вашата вредност и обезбедуваат профитабилност. Следете ги вашите финансии и создадете бизнис модел кој ја поддржува и вашата креативност и вашите финансиски цели.

Не велам преку ноќ да се претворите во сметководител или деловен аналитичар, туку да научите ја балансирате вашата креативна енергија преку посветеност на учење на основите за водење успешен бизнис.

 

Разговараше и уреди: Данче Митева

Интервјуто е дел од проектот ,,Креативните Сили на Струмица‘’ во реализација на Здружението за Образовно-Едукативни Цели ДМ Ленгуиџес,  поддржан од Општина Струмица, во рамките на G1 Програмата за Локален Економски Развој.  Проектот цели кон зголемена видливост на малите локални креативни бизниси и поттикнување на претприемачкот дух.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *