Уникатен македонски накит од сребро и волна, го дизајнира стружанката Сара Матовска Јолеска

Од Струга ни доаѓа една преубава приказна,  во која главната хероина е младата и бескрајно креативна Сара Матовска Јолеска. Сара ја продолжува децениската традиција на нејзиното семејство, додавајќи свои уникатни примеси. Имено, нејзиниот дедо и прадедо се занимавале со изработка на филигран, единствено чичко ѝ и татко ѝ  не ги следеле нивните чекори, но за среќа, го зачувале алатот за изработка, иако многу пати имале понуда да им биде откупен. Со тој алат Сара ја започнува својата работа. Таа прави уникатен накит кој е комбинација на сребро и волна.

Сара ни раскажува за почетоците со изработка на филигрански накит и за тоа како ја добива идејата да ги спои среброто и волната и да го лансира својот бренд  Pinkocrafts

Би рекла дека мојата приказна започнува од моето раѓање во струшка занаетчиска фамилија. Родена сум во семејство каде се негувал занаетот, па така јас моите први занаетчиски потези ги научив во дуќанот на мојот покоен дедо, Ѓорѓи Матовски, кувенџија и саатчија. Со него најчесто изработувавме филигрански накит. Сметам дека од таму ми е и љубовта кон изработката на накит, а и талентот.

Низ годините по неговата смрт продолжив сама да изработувам ситни детали од филигран, но некако не се осмелував истите да ги покажам пред јавноста. Веќе го немаше учителот ни да ме искара, ни да ме пофали, па сите изработки си ги чував за себе. Сѐ додека пред извесно време не ја открив техниката на суво филцање на влачена волна. Се заинтересирав и за таа техника, научив како се обработува и влачи волната и увидов дека со спој на волната и филигранот се добиваат уникатни парчиња накит. Така и настана брендот Pinkocrafts, што доаѓа од мојот заштитен знак, розовата боја и crafts односно занаети. Најпрво изработував накит од волна и сребро за мои блиски, но набрзо почнаа да пристигнуваат и првите нарачки.

Фото: Приватна архива на Сара

Во овој дел од разговорот дознаваме повеќе за комплексниот начин на изработка на накитот

Сега, мојот процес на создавање едно парче накит веќе не е само виткање сребрена жица. Започнувам со цртање на она што сакам да го создадам, па според скицата одлучувам што ќе биде од волна, што од сребро. Волната ја спремам со перење, боење и влачење, па потоа со суво филцање ја оформувам во посакуваниот облик. Најчесто, врз неа го додавам филигранот.

 

Сара добива одличен фидбек од своите клиенти

Накитот кој го изработувам наиде на воодушевување кај луѓето за што сведочат и пораките кои ги добивам од клиентите. Пред сѐ е доста необичен спој на материјали и што е многу важно станува збор за уникатни парчиња накит. Сите се по еден примерок, со тоа му се дава особена важност на клиентот дека носи уникат.

Фото: Приватна архива на Сара

Неретко добивам и нарачки за персоналозирани изработки, како што беа  последно логото на ФК Барселона и знакот на Мерцедес. Уживам кога изработувам вакви производи зашто знам дека е нарачано со онолкава љубов колку што и јас вложувам во изработувањето. На крај, најголема награда ми се воодушевувањето и среќата кога ќе си го добијат подарокот. Не постои нешто поважно за еден ракотворец од тоа да види дека некого го усреќил со неговата рачна изработка.

Таа ја почитува семејната традиција во чии корени се темели нејзиниот бренд, но е среќна што успева да ја модернизира со свои автентични примеси

Горда сум што на некој начин, малку модифициран и модернизиран ја продолжувам семејната традиција и она кое ми го остави дедо ми, а тоа е занаетот. Годинава се навршуваат 101 година од неговото раѓање и во таа чест спремам изложба која се надевам ќе ме направи уште по горда на дедо ми и на себе.

 

Производите на Сара можат да се купат онлајн на страната на Pinkocrafts.  А сите оние кои што се во регионот Струга-Охрид, знаат каде се наоѓал дуќанот на дедо Ѓорѓи, па можат да ги земат директно од неа. Купувајќи вакви производи, поддржуваме женски бизнис, и една прекрасна иницијатива за негување на македонската традиција преточена во прекрасни модерни дизајни.

 

 

Подготви: Данче Митева

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *