Застанеш ли еднаш на скии, си го открил твоето ново хоби!-Боби Јовановски, ски инструктор

Скијањето е возбудлив зимски спорт, комбинација на адреналин и воодушевувачката убавина на снежните пејзажи.

Без разлика дали сте искусен професионалец кој шиба низ предизвикувачки црни патеки или почетник кој ужива во благите падини,
скијањето нуди неспоредливо чувство на слобода и возбуда.

Свежиот планински воздух, звукот на скиите што се лизгаат над снегот и панорамскиот поглед создаваат извонредно искуство што ја доловува суштината
на зимската авантура. Со соодветна опрема и желба за забавно доживување, скијањето не станува само спорт, туку и ослободувачко патување низ долините на зимските чуда, поттикнувајќи врска помеѓу природата и оние кои трагаат по возбуда.

Боби Јовановски е искусен ски инструктор од Ski school Mavrovo, со него разговараме токму за убавините на скијањето, бенефитите од овој зимски спорт и совети за сите оние кои уште се во фаза на размислување да започнат да скијат.

Колку долго сте ски инструктор и дали е потребно некаква лиценца за да се врши оваа работа? 

Мојот прв час за скијање го дадов во 2017 година и до ден денес немам пропуштено прилика своето знаење да го пренесам на секој што е желен да го научи овој прекрасен спорт. Ние како ски школа сме стручно обучени и сите поседуваме МАИСС легитимација бидејќи безбедноста и квалитетната обука се приоритет на нашата ски школа.

Сигурно најдобро време да се започне со скиjaње е од помала возраст, но се повеќе има и возрасни кои започнуваат со овој спорт, можеби заедничко нешто и за малите но и за возрасните е стравот од скиите. Според вас кој е најдобриот начин да се победи стравот?

Да се соочите со стравот, односно да застанете на скии а другото препуштете ни го нам. Нашиот тим користи методи за надминување на стравот, секако, зависно од старосната група, пристапот и методите се разликуваат. Меѓутоа еднаш штом застанете на скии, лично ние ви ветуваме дека штотуку го откривте вашето новото хоби !

Зависно од старосната група, пристапот и методите на учење се разликуваат.

Каков совет би им дале на почетниците, оние кои допрва почнуваат да ја откриваат магијата на скијањето?

Да не се откажуваат, да бидат упорни и свесни дека се потребни повеќе од само два часа и тоа е нормално за секој почетник, но пред се да уживаат во секој момент, бидејќи самата можност да сте на надморска висина од над 1500м, далеку од градската бучава и смогот е само една од многуте предности на овој спорт.

Како се грижите за безбедноста на учениците за време на часовите по скијање?

Нивната безбедност, како што кажав погоре, е главен приоритет на нашата ски школа. Никогаш не ги изложуваме нашите ученици на опасности како што се стрмни терени, преголема гужва или екстремни временски услови. Исто така задолжително е поседување на неопходна ски опрема како што се кацига, ракавици, наочари, соодветен број на ски кондури и големина на скии. Пред започнување на секој ски час задолжително ја проверуваме ски опремата за да се избегне било каква несакана ситуација.

Безбедноста на учениците е приоритет.

Кој е најтешкиот дел од вашата работа?

Облекувањето на скии кондурите 😂 Се останато навистина претставува задоволство за мене, посебно кога работите со ваков прекрасен тим како што е ски школа Маврово.

Што e тоа што најмногу го сакаш во скијањето и како таа страст се преточува во пренесувањето на твоето знаење?

Не би можел да издвојам една работа која ја сакам кај овој спорт, но можам да набројувам до бескрај. Скијањето е спорт кој овозможува адреналинско уживање, дружба, рекреација, далеку од градскиот метеж уживајќи во прекрасните планински погледи, вдишувајќи чист воздух што е вистински луксуз во ова време, за жал. Ова се само мал дел од многуте причините кои ме мотивираат овој спорт да го промовирам и секако, да го пренесувам своето знаење на секој кој е свесен за бенефитите од скијањето како спорт.

Дали има некоја заблуда околу скијањето што би сакале да ја разјасните?

Честопати знаеме да слушнеме од нашите ученици после првиот час како мислеле претходно дека скијањето е тежок спорт и дека тој спорт не е за нив. Затоа сме ние тука, за да им го докажеме спротивното и да ги убедиме дека секој може да скија, само мора да го избере правиот тим за таа цел, па затоа сме тука ние, ски школа Маврово и стоиме на располагање на секој кој ќе се охрабри да го откие своето ново хоби и можеби еден ден стане и дел од нашиот тим!

 

Подготви Д. Митева.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *