Карикатурата е кога лицето на шегата ќе го ставиме на телото на вистината, a едно лице е колаж од повеќе луѓе кои се борат да станат портрет.
Сигурно погодувате, овој вовед е за да претставиме некој кој се занимава токму со ова, карикатура и цртање портрети.
Тантантараааам…. Драги инспиративци, ова е Лефта Кицевска, главен и одговорен виновник за долгогодишната успешна приказна на LK artwork.
Да дознаеме нешто повеќе за неа 😊

Се викам Лефта Кицевска, родена сум во Тетово, мажена во Скопје, сопруга и мајка на две дечиња. Со професионално цртање портрети и карикатури се занимавам веќе 7-8 години, во почетокот поскромно но сега веќе тоа стана моја секојдневна пасија. Не поминува ни ден да не поминам по неколку часа цртајќи. Со цртањето часовите поминуваат како минути ,така да додека се свртиш поминале 7-8 часа.🙂Јас, како мајка и сопруга, а верувам и сите жени, покрај секојдневните обврски мораат да најдат нешто што ги релаксира и опушта. Кај менe тоа е цртањето и сликањето, таа магија што се создава кога се оформува некој лик со бои, мислам дека тоа е нешто фантастично и лично мене секогаш ме фасцинира.

Дали бавењето со цртање портрети и карикатура има поврзаност со вашето формално образование или пак станува збор само за надареност која вие постојано ја усовршите?
Моето формално образование нема никаква врска со уметноста, иако се знаеше дека ликовното образование ми е омилениот предмет.🙂Меѓутоа сплетот на околности наложи образованието да го продoлжам во сосема друга насока од уметноста, во економијата. Но тоа нешто што тлее цел живот во тебе, прашање на време е кога ќе се разбуди повторно. Така, кога ја родив мојата ќерка, толку сакав таа совршеност да ја прикажам на хартија. Па првиот професионален портрет беше нејзиниот лик. Иако беше направен со обичен молив, беше мотив да продолжам со цртање понатаму и цртањето стана мое секојдневие. Најпрво со молив, потоа со бои, тоа стана нешто што ме исполнува. И мислам дека секој човек крие во себе некој талент, меѓутоа треба да го пронајде и да работи на него. Човекот треба постојано да се усовршува себеси, јас еве со секој ден учам нешто ново, пробувам техники, речиси и да нема техника која не сум ја пробала.🙂Постојано купувам нешто, бои, четки, платна, хартии за цртање, постојано се трудам да пробам нешто ново ,да научам нешто ново, зошто човекот учи додека е жив, нели?😊За овие години имам нацртано преку 600 портрети и карикатури, многу од нив подарено на мои драги луѓе. И многу ме радува што денес има толку талентирани деца, кои цртаат перфектно и ги охрабрувам никогаш да не се откажуваат од својот талент.

Го наследивте ли талентот од некого во семејството или пак вие сте првата ?
Мојот дедо од страната на мајка ми беше самоук уметник ,којшто сликаше на платно најчесто со теми од нашата историја.

Карикатурата може да не насмее, но исто така и на ироничен начин да ни прикаже некои негативни страни на општеството или пак наши, за кои не сме биле свесни, како ви е ја сфаќате и за што најчесто ја користите?
Па јас себеси не се сметам за класичен карикатурист, мојата цел не е да исмеам никого. Моите карикатури не се класични, туку се е поврзано со портретите, ликовите се такви како што би изгледале на портрет затоа што таков е мојот стил. Секој човек има различен вкус и поинаку ја разбира уметноста, што на еден му е убаво на другиот воопшто не му се допаѓа итн. Се трудам колку што е во моја можност да ги задоволам вкусовите на ликот на сликата .


Кои се најчестите мотиви за вашите карикатури?
Моите карикатури најчесто ја слават љубовта, љубовта меѓу партнерите, љубовта во семејството, љубовта кон професијата и слично. Најчесто се идеален подарок за некој повод, годишнина, роденден, празник, но и без повод, како идеален рачно насликан подарок .Според мена се она што е изработено рачно е бесценето и жал ми е што кај нас не се цени доволно. Можам лично за себе да зборувам, кога сликам некој портрет или пак карикатура, толку се вложувам во тоа дело, па покрај времето ја оставам и душата во тоа дело. Покрај љубов, потребно е многу труд и време.


Ви се има ли случено некогаш, на некој од клиентите да не му се допадне сопствениот портет, па да побара од вас да корегирате некои од цртите, на пример да побара поправ нос, помало чело и слично ?
Во цртањето портрети рачно се доловуваат цртите на ликовите од страна на цртачот. Секој човек себеси се гледа и доживува на свој начин, а ние тоа треба да го доловиме од една слика која што некогаш се случува да биде и заматена, преполна со сенки па воопшто да не може ни да се видат цртите на ликот. Но се случува и тоа, сепак иако портретот додека да се заврши поминува во неколку фази на мерење, премерување, нијанси, сенки, сепак не е фотокопир, туку е човечка рака🙂. Простор за корекции секогаш има, затоа се препорачува убаво да се селектира сликата што сакате да се црта, да биде во добра, препорачливо висока резолуција за убаво да се видат деталите на ликовите. Договор постои за се, сепак на човекот му е дадена таа доблест да може со разговор и договор се да реши. И се разбира треба да постои меѓусебно почитување од двете страни на трудот и времето што се вложуваат, за портретот да се направи најпрецизно што може. Сепак портретите и карикатурите нудат неограничени можности, секој да биде тоа што посакува.


Колку време прилично е потребно за да се нацрта еден портрет и кој е најтешкиот дел во тоа за вас?
Времето за изработка на еден портрет или карикатура зависи од многу фактори, колкава е димензијата, бројот на ликовите како и во која техника се изработува. Значи еве како податок, само очите се цртаат минимум 2 часа, имаат многу детали кои што треба да се пресликаат. Најтешка е првата фаза кога се прави примарната скица на портретот или карикатурата, каде што се врши мерење, па премерување на пропорциите на деталите на ликот. Секој лик си е своја посебна приказна, сите ние сме различни, но со текот на времето се учи на кои нешта треба најмногу да се обрне внимание. Повеќе време одземаат карикатурите, затоа што сите делчиња треба да се усогласат и да излезе една убава целина. Сепак преубаво е да видиш како еден лик оживува додека го сенчаш или боиш и затоа вреди да вложиш толку труд и време.🙂



Посетете ја фб страницата на LK artwork портрети и карикатури или инстаграм профилот @lk_artwork https://www.instagram.com/lk_artwork/ за да погледнете повеќе од нејзината работа😊
Убав пред осмо мартовски викенд Инспиратиффци 😊😊😊