”Во услови кога светот се врти наопаку, во моменти кога треба да останеме дома, дозволете си вашите моменти да бидат разубавени со пријатните ароми и уникатниот изглед на рачно изработените свеќи, збогатени со природни ароми и бои. ”
Вака, Fenix Lights, ја најавија својата прва колекција на рачно изработени декоративни свеќи.

Личноста која стои зад оваа идеја е неверојатно креативната професорка по англиски јазик Фросина Андонова, која својата креативност ја канализира и кон оваа работа исто така.
Фросина , добредојде на Магазин Инспиратиф.
Ви благодарам за интересот за нашите прозиводи и Ви посакувам многу читатели на вашиот магазин.
Какви беа зачетоците на Феникс Лајтс?
Феникс лајтс е семеен бизнис кој опстојува повеќе од 10 години. Почетоците на производство се на црковни свеќи, во различни бои и големини според потребите на потрошувачите. Знaејќи го начинот на обработка на паравин се роди и идеата за изработка на украсни свеќи за декорација во домот.

Која е улогата на рециклираните материјали во овој процес?
Ние исто така се грижиме и за животната средина.Во целиот процес на налевање на свеќите, или изработката на украсните свеќи, повеќекратно се користат исти форми односно во еден капал се прават повеќе свеќи. Исто така, користиме и садови кои веќе биле еднаш употребени за друга намена, а сега ги користиме како калап за свеќа. Сигурно по дома сите имаме останато стаклени чаши кои не ги кристиме, затоа што се стари и немодерни, токму тие предмети се одличен сад за складирање на украсна, миризлива свеќа. Со тоа го продолжуваме животниот век на предметот, а вооедно и го разубавуваме просторот во кој живееме.

Каде и како научи да изработуваш украсни свеќи?
Најпрво експериментирав со разни видови восок, во различни предмети, потоа следев туторијали на YouTube, за на крај да посетувам и онлајн часови за изработка на украсни свеќи, каде научив многу детали кои се важен фактор во целиот процес за добивање на готов продукт.

Како ти излезе првиот обид за изработка на свеќи?
Најпрвиот обид за изработка на украсни свеќи беше пред неколку години, кога изработив декоративни свеќи за дома, кои сеуште ги користиме како декорација во домот, ама некако не бев заинтересирана за поголемо производство. Поттикната од новонастанатата состојба, имајќи повеќе слободно време, решив да се осмелам и да започнам посериозно и поинтензивно да изработувам украсни свеќи. Луѓето покажуваат доволна заинтересираност за производите, затоа што се уникатни и единствени, плус се доста декоративни и ароматични и го збогатуваат секој амбиент со пријатен мирис и автентична нота.

Кажи ни малку повеќе околу палетата на свеќи
Моменталната палета на свеќи се состои од неколку модели во различни бои и големини и истите можете да ги погледнете на нашата Фејсбук и Инстаграм страница FENIX Lights – Candles, исто така за љубителите на кафе имаме изработено и свеќи со кафе, свеќи во стаклени чашки со позитивни пораки, свеќи чиј мирис е збогатен со природни ароми на лаванда, а неодамна ја објавивме и нашата новогодишна колекција, во која преовладува празничниот дух со посебни рачни изработки и нови ароми во согласност со празничната магија.

Од каде црпиш инспирација за изгледот и дизајнот на декоративните свеќи?
Природата, љубовта и романтиката ми се најголеmа инспирација. Така што можат да се сретнат свеќи во тоновите на природата во согласност годишното време.

По што се разликуваат рачно направените свеќи од сериски произведените?
Рачно изработените свеќи се единствени од тој тип – one of a kind , специјално изработени според потребите и желбите на потрошувачите, направени се со многу љубов и внимание, и сето тоа спакувано во пакет, подготвено да ја разубавува вашата дневна соба или друга просторија во која уживате и се релаксирате.

Какви се Baшите идни планови?
Во иднина продолжуваме со изработка на уште поуникатни модели следејќи ги светските трендови, исто така сакаме да најавиме и едукативна работилница за оние што сакаат да се занимаават со овој вид на уметност, како и акција за рециклирање на стари догорени и неупотребливи свеќи за нови и декоративни свеќи. Секако Вие ќе бидете известени и поканети на тековните акивности кои ќе се случуваат.😊

Фросина сподели прекрасни пораки со нас:
„Илјадници свеќи можат да бидат запалени само од една свеќа, а животот на таа свеќа нема да биде скратен. Среќата никогаш не е скратена кога се споделува. “- Буда

Бидете среќни, споделете ја вашата среќа, уживајте во животот и направете го вашиот дом место полно со среќа и љубов.
Ти благодариме Фросина! Останете во љубов!
Се читаме! 💕