Интервју со младата пијанистка Јулијана Јанев

Млада и успешна, девојка која што од мали нозе напорно работи и цврсто чекори кон остварувањето на нејзиниот сон, денеска на Магазин Инспиратифф ни гостува надарената пијанистка Јулијана Јанев. Ќе ни раскаже за нејзините почетоци, чувството пред секој настап, нејзината најголема поддршка…

Јулијана зад себе има многу освоени први места и силни аплаузи како признание за нејзиниот труд и нејзиниот квалитет.

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Драга Јулијана, добредојде на Магазин Инспиратифф.😊

Кога се роди твојата љубов кон пијаното? Дали уште од почеток знаеше дека тоа е инструментот којшто ќе го свириш или имаше некое двоумење?

Љубовта и желбата за пијаното дојде сама од себе или пак можеби гени се во прашање 😊мојата баба како млада свирела пијано. Имав 6 години кога за првпат на моите родители им кажав дека сакам да ме запишат на музичко. Воопшто не се двоумев дека сакам да свирам на пијано, во ниту еден момент немав дилема. Со нетрпение го очекував почетокот на учебната година. Од мојата 7 година и официјално станав ученичка во ОMУ “ Боро Џони” Струмица , во класата на проф. Зоран Мазнејков.

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Колку долго свириш на  овој инструмент?

Пијано свирам шест години .

За да се постигне квалитет и релативно совршенство во изведбата знаеме дека е потребно огромен труд и посветеност, имајќи предвид дека имаш и училишни обврски, а сигурно сакаш да поминуваш и време со твоите врсници,  како успеваш да го распоредиш и организираш своето време? Дали понекогаш имаш чувство дека нешто трпи на сметка на другото?

Со добра организација и план успевам навреме да ги извршам сите обврски. Преку неделата од понеделник до петок одам на часови по пијано, следам online настава, си ги завршувам училишните обврски, свирам, а во вечерните часови обично се опуштам со добар филм .  За време на викендите поголем дел од моето време го поминувам со моите другарки. Во ниту еден момент досега не сум почуствувала оти нешто жртвувам или пак нешто трпи, бидејќи тоа што го правам во моментов ме исполнува, го правам со љубов .

Јулијана, од социјалните мрежи можевме да видиме дека често учествуваш на натпревари, во нашата држава но и надвор од неа. Каде се имаш учествувано? 

Досега имам околу 57 настапи на концерти, натпревари и фестивали. Од нив 24 се на меѓународни и државни натпревари.  Имам настапувано во Милано-Италија, Софија, Косово, Србија, Скопје, Велес, Гевгелија, Штип …

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Дали има натпревар кој ти има оставено најголем впечаток и ти предизвикал најмногу емоции, ако да, би можела ли да ни кажеш зошто?

Секој натпревар и секој настап е посебен, секој е со посебни чувства и емоции, но се разбира дека има неколку моменти кој вечно ќе ги паметам.

Натпреварот во Милано, Италија е еден од оние кој ги паметам како да беше вчера. Се свиреше во куќата на Џузепе Верди  каде што и се наоѓа неговото вечно почивалиште. На тој натпревар свирев со посебна енергија и емоции. Се натпреваруваа деца од цел свет: Австрија, Белгија, Америка, Русија,Литванија, Кина…Ми беше особено чест и задоволство што бев дел од еден таков натпревар. Освоив втора награда , но за мене од многу големо значење.

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Исто така незаборавен момент е мојот прв пијано рецитал, тоа беше остварување на мојот сон. Кога започнав со изучување на музичкото образование сонував за тој момент. И се случи во Мај 2019 година.

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Да не го заборавам и Мај 2018 година кога бев добитник на престижната награда “Најдобар ученик” за  учебната 2017/18 година која ја доделува општинското основно музичко училиште “Боро Џони” Струмица.

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Кој е твојот омилен композитор и омилена композиција?

Досега имам отсвирено многу композиции од многу автори,но како мој омилен композитор би го издвоила В.А.Моцарт.

Кои се твоите планови за понатаму, дали би сакала и професионално да се занимаваш со пијаното и во иднина ?

Да, секако планирам професионално да се занимавам со пијано и во иднина.

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Но најпрво ќе се насочам кон образованието, се надевам дека за неколку години ќе бидам една од студентите на некој од престижните универзитети за музика во светот.

За крај би сакала да упатам голема благодарност до мојот наставник, проф.Зоран Мазнејков кој во изминатите 6 години успешно ја негува мојата љубов кон музиката. Благодарна сум за трудот кој несебично го вложува во мене секој ден, без него денес немаше да бидам таму каде што сум. Чест и за доволство е да се работи со најдобриот наставник а јас го имам токму него. Огромна благодарност и до моите родители кои ми даваат неизмерна подршка за што правам и се секогаш до мене кога и да ми требаат.

Фото: Приватна архива на родителите на Јулијана

Ти благодариме Јулијана, тебе, и на твоите родители што ни помогнаа за реализацијата на ова интервју, стискаме палци за уште поголеми успеси во иднина.💖

Разговараше: Данче Митева

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *