Ако понекогаш се прашувате дали непотребно го трошите своето време и енергија на некого за којшто не сте сигурни дали исто така е подготвен да го сподели своето време со вас, постојат неколку показатели кои можат да ви помогнат да ги решите вашите дилеми и да престанете да ја трошите својата енергија таму каде што нема да ви биде возвратено со иста или слична мера, со луѓе со коишто сакате да изградите вистинско пријателство или лична врска.

Држење во неизвесност
Еден од знаците е кога ќе увидете дека некои луѓе не се подготвени да бидат со вас или да ве имат за блиска личност до себе е тоа што тие ќе ве ,,држат,, во неизвесност. Односно ќе сакаат да ве имаат само како резервна варијанта во моменти кога на нив тоа ќе им биде потребно, ниту целосно ве отфрлаат ниту ви се оддаваат. Тие само ќе ве искористуваат како опција додека стигнат до целта што ја посакуваат за себе, за потоа, на крај, целосно да ве отфрлат.
Се чувствувате заборавени, отфрлени или игнорирани
Друг знак е кога ќе почнете да се чувствувате заборавени, отфрлени или игнорирани. Често овие луѓе не се итересираат за вашите чувства, како вие се чувствувате или за вашите случувања во животот. Некогаш несвесно или свесно ве игнорираат, прават да се чувствувате незабележителни за нивниот видик.
Следен знак е што овие личности можат да ве бараат одвреме навреме. Тие си го планираат своето време со вас тогаш кога не се во можност со други да го направат, тогаш кога само на нив им одговара или само во денови кога им е празна агендата и ја користат опцијата да ја пополнат со вас, додека во останатите не им сте потребни.
Исто така кога ќе увидете дека прво ќе ве побараат а потоа исчезнуваат, со денови, недели или месеци тие не се појавуваат или не ве бараат. така ако и вие престанете да ги барате, тие воопшто нема да се сетат на вас.

Никогаш не ве сметаат за приоритет
Друг показател е што тие никогаш не ве сметаат за приоритет, секогаш ќе изберат нешто друго или некој друг пред вас.
Што да направите?
Затоа добро размислете, најценетото нешто за вас е вашето време и вашата енегија. Добро внимавајте каде и на кого ги оддавате и двете. Дали навистина вреди да задржите врски кои се еднострани, да сакате да дадете шанса на оние што не ја заслужуваат, да го дадете своето внимание на оние што не им сте потребни. Погледнете ја вистината кога поминувате време со луѓе, или сте дел од активности или ситуации кои не треба да бидат во вашиот живот. Тие крадат од вашето време и енергија. Вие заслужувате да бидете вистински ценети, да градите врски со вистинските луѓе и пријатели околу вас.
Тоа не значи дека другите треба секогаш 24 часа да ви стојат на располагање или пак вие на нив, бидејќи секој има свои можности и лични граници кои во никој случај не треба да бидат пречекорени и треба истите да бидат почитувани, но научете да ја препознавате вистинската вредност на луѓето околу вас со кои можете да изградите искрени, здрави и хармонични врски.
Пишува: Даница Делиовска