Во денешната рубрика Разговори за мода и убавина, имаме многу интересен соговорник, доктор Атанас Атанасов, доктор по општа медицина и сертифицирано лице за администрирање ботокс. Со него ќе поразговараме малку поопширно за ботоксот и ќе разоткриеме многу митови и вистини на оваа тема.
Др.Атанасов , добро ни дојдовте , Ви благодарам што ја прифативте поканата да бидете наш гостин.
Ви благодарам на поканата, ми претставува задоволство што сум ваш гостин.
Ботоксот е тема на која секојдневно слушаме многу нешта, па ајде да почнеме да ги разјаснуваме едно по едно.
Кој се може да инјектира ботокс?
Кај нас во Македонија формално-правно тоа се лица кои имаат сертификат, диплома или издадена дозвола од министерството за здравство за вршење на соодветната дејност. За разлика пак во развиените земји како што се САД и Обединетото Кралство, ботоксот се дава со лекарска препорака и се администрира исклучиво од лекари и медицински сестри кои ја поминале соодветната обука.

Освен сертификатот, има ли некој начин како да препознаме дали станува збор за стручно и искусно лице?
Сертификатот не е решение само по себе, потребна е професионалност и етичност.
Многу е важно пациентот добро да се информира пред да отпочне било каква естетска процедура. Тој мора да ги знае сите контраиндикации и несакани дејства, да ги знае бенефитите но и недостатоците се со цел да може да донесе рационална одлука. Значи информираноста е на прво место.
Втора многу важна работа е задолжително да се консултира со обучен лекар. Не секој пациент е погоден за секоја интервенција во секое време. Евалуацијата на моменталната здравствена состојба е од есенцијално значење за да се заштити пред се здравјето на пациентот.
Тоа е единствениот начин да се намали ризикот а паралелно на тоа да се добие посакуваниот резултат.
При какви проблеми или недостатоци на лицето може да помогне ботоксот?
Прво би сакал да објаснам што е ботоксот и какво е нековото дејство.
Ботоксот е скратеница за Botulinum toxin, тој е невротоксичен протеин кој е произведен од бактеријата Clostridium Botulinum. Неговото дејство се заснова на блокирање на сигналите во синаптичката пукнатина помеѓу нервите и мускулите. Значи предизвикува привремена парализа на регијата која се третира.
Ефектот на ботоксот може да помогне во решавањето на многу здравствени проблеми како што се: цервикалната дистонија, хроничната мигрена, стрбизам, хиперхидроза (прекумерно потење), блефарозпазми, депресија итн.
Од естетска гледна точка улогата на ботоксот е да ги оневозможи контракциите на мускулите во пределот на лицето каде што се создаваат брчките. Со тоа можеме да заклучиме дека естетската примена на ботоксот има превентивно дејство и драстично ја забавува појавата на нови брчки.
Регите кои естетски најчесто се третираат со ботокс се пределот околу очите и челото.


Колку време трае ефектот?
Дејството на ботоксот е варијабилно и зависи од самиот метаболизам на пациентот но генерално времетраењето е од 3 до 6 месеци. Тоа е за дејството а ефектот секако е подолготраен, бидејќи кожата ќе се одмори 6 месеци и ќе ви биде благодарна за тоа.
Дали е точно тоа дека ботоксот предизвикува зависност?
Зависноста е биопсихосоцијално нарушување. Што значи тоа?
Се што привремено предизвикува задоволство во нашите глави може да не направи зависни. Затоа постојат примери кај нас и во светот на луге кои се зависни од: храна, благо, животни рутини како што е фитнесот и бодибилдингот, дури можеме да бидеме зависни и од присуството на други личности. Така што, развитокот на зависноста не зависи само од продуктот туку и од менталната основа на самиот пациент.
Затоа е овде е клучна улогата на лекарот да направи психолошка анализа за да безбедно го види пациентот низ целиот процес на разубавување и подмладување со ботокс.
Има ли несакани последици или несакани ефекти од инјектирањето ботокс?
Како и кај секоја процедура и овде имаме несакани ефекти дел од тие се: алергиска реакција, црвенило, чешање, главоболка, вртоглавица, тешкотии при голтање, мускулна слабост, зуење во ушите итн. Тоа се само дел од несаканите ефекти кои можат да се јават и тогаш затолжително пациентот мора да се јави на лекар.
Во кои случаи може да се предизвика ефект на замрзнато лице односно лице без експресија?
Ефектот на замрзнато лице е предизвикан од прекумерната доза на ијнектираниот ботокс.

За да се избегне овој резултат потребно е лекарот да биде искусен и едуциран во дозирањето за да ги задоволи потребите на пациентот. Сите се разиликуваме по физиономија и кај секој е различно дозирањето.
За разлика од хијалуронските филери кај ботоксот немаме агент кој ќе може моментално да го разгради и тие милиметарски грешки пациентот ќе мора да ги трпи од 2 до 3 месеци.
Дали ботоксот има и друга , помалку позната, медицинска примена ?
Интересно е тоа што ботоксот се користи за третирање на пациенти кои страдаат од анксиозност и депресија. За прв пат е направена студија во 2006-та година од страна на Др. Ерик Финзи во Мериленд (САД) со 10 пациенти кои биле предходно дијагностицирани со симптоми на депресија. Кај сите пациенти со ботокс се третирани линиите во пределот на глабелата. Тоа се тие линии кои се појавуваат меѓу очите кога ќе се намуртиме. Резултатот е зачудувачки бидејќи после два месеци 9 пациенти ги изгубиле симптомите на депресија само поради тоа што им било оневозможено да се муртат. Благодарение на ботоксот заклучуваме дека лицевата експресија што ја имаме драстично влијае на целокупното расположение кај нас. Затоа не ги пропуштајте приликите да се насмеете зошто бенефитот од нив е доготраен исто како и кај ботокост.

Има ли уште некои други интересни но и корисни факти кои треба да ги знаеме за ботоксот?
Треба се се знае дека вложувањето во добриот изглед и водењето на здрав начин на живот е континуиран и долг процес. Затоа превенцијата е најдобриот лек.
Ботоксот долготрајно ни помага да ја подобриме нашата самодоверба, да го подобриме генералното расположение со што ќе се чувствуваме малку поудобно во сопствената кожа.
Др.Атанасов, Ви благодарам за одвоеното време и исцрпноста на вашите одговори.
Ви благодарам на поканата уште еднаш. Ви посакувам многу здравје на вас и на вашите читатели, се надевам дека во наредна прилика пак ќе имаме шанса да поразговараме на некоја тема поврзана со естетиката.
Повеќе за работата на Др.Атанасов може да погледнете на неговиот инстаграм профил @fileri_dr.atanasov
