Денешен соговорник ни е младиот и успешен Љупче Димитров. Љупче потекнува од Струмичкиот регион, а своето образование го продолжува во Република Бугарија, каде се надоградува и бележи многу успеси уште на самиот почеток на својата кариера.
Амбицијата и желбата за иновација несомнено се длабоко вткаени во неговиот карактер, за што сведочат и сите негови достигнувања досега.
Љупче со голема љубов раскажува за својот роден крај, под падините на планината Беласица, љубовта кон природата и земјоделието, одлуката да запише средно земјоделско училиште, учеството во Еразмус програмата во Португалија и како тоа ги отвора неговите видици кон претприемништвото и науката.

Таму првпат запознава многу претприемачи кои преку науката создале свој бизнис од кој профитираат. Еден од тие бизниси е и компостирање на органски отпад од градовите. По враќањето разгледува начини и тој да почне да го прави истото, сепак во моментот таквата реализација му се чини далечна, и по некое време се откажува од идејата.
Се запишува на студии по рударство и геологија, сосема различно од земјоделието, а според него, работата со почва е единственото нешто што ги поврзува.
Љупче, најпрво, благодарност до тебе за издвоеното време за нас и нашите читателите.
Кажи ни, која беше причината што се одлучи да направиш пресврт и да се насочиш кон изучување на студиите по рударство и геологија?
– Видете нема да ви раскажувам колку сум бил запознаен со рударството и дека со огромна желба и љубов отидов таму. Вистината е дека запишав рударство заради големиот потенцијал на струмичкиот регион, а останав во рударството заради тоа што навистина ја засакав професијата. Тоа е професија која секој ден е исполнета со нови и интересни работи и затоа во последните години никогаш не ми било здодевно.
Не многу одамна, медиумите од соседството известија за наградата која ви беше доделена во рамките на програмата за претприемачи во науката, организирана на универзитетско ниво, за вашиот проект за компостирање и порационално спроведување на активностите во текот на реконструкцијата и затворање на рударските места. За каков проект поточно станува збор?
-Проектот предвидува компостирање на целата зелена маса (дрвја и грмушки) која се отстранува при расчистување на терените на кои е предвидено да се работи. Проектот исто така предвидува природно забрзување на процесот компостирање за големите дрвја со диајметар над десет сантиметри, со тоа што ќе се одгледуваат печурки на нив.
Рудниците ќе ги мотивираме со тоа што ќе произведеме компост кој ќе може да го користат за целите на обновување на одработените терени, а и можноста за зголемена соработка со земјоделието во делот на одгледувањето на печурки. Целта е рудниците да не ги продаваат дрвјата кои на крај завршуваат за горење или преработка, кое произведува големи количини јаглероден диоксид.
Со употребата на локалниот компост, нема да треба да се преземаат превентивни мерки, како кога почвата е донесена од друго место. Исто така, нема да има опасност од болести и паразити.
Од посебна важност за мене е еколошката и општествената посветеност на проектот, како и можноста за поголема соработка на рудниците со локалното земјоделство.
По што се издвојуваше вашиот проект од оние на останатите учесници на настанот „Претприемачи во науката“ ?
Она што е уникатно во мојот пристап е тоа што досега, користењето на дрвјата со мал дијаметар, како и гранките и листовите од поголемите дрвја, не беше за оваа цел, или во повеќето случаи тие беа третирани како отпад.
Проблемот што го решавам е намалување или целосно елиминирање на потребите за купување компост, и со ова намалување или елиминирање на ризикот од внесување на паразити, болести и семиња на штетните видови грмушки. Исто така, овој чекор ќе ја зголеми довербата на локалното население и ќе испрати силна порака дека рударското претпријатие не дошло за уништување, туку за да се грижи за природата и луѓето, истовремено вадејќи минерали.
Имаш објавенo и голем број научни трудови, што е опфатено во нив?
-Научните трудови ми се поврзани како со мојата дисертација така и општо со сферата во која работам. Целта и нивниот опсег се да ја подобрам стабилноста и технологијата за градење на хидројаловишта.
Во моментот сум фокусиран на еден од најновите видови хидројаловишта. Новиот тип е многу побезбеден и зафаќа многу помалку простор. Се работи за комбинирано депонирање на јаловината и хидројаловината во едно насипиште на една површина.
Што имаш зацртано како цел во иднина?
-Зацртаните цели во иднина ми се прво да докторирам па да напредувам на академски план и во меѓувреме да станам проектант со целосни проектантски права.
Во полето на науката сонувам да откријам други нестандардни технолошки решенија кои ќе го поддржат одржливиот развој на општествата на глобално ниво.
Мојата цел како претприемач во науката е да продолжам да барам економски исплатливи на решенија како би можеле индивидуалните интереси на луѓето како поединци и бизнисите да бидат поефикасно комбинирани со оние на целото општество.
Разговараше: Данче Митева