Фузија на убавото и корисното-овошните букети на Луција🌸🍓

Драги Инспиратиффци, денеска ви претставуваме една исклучителна талентирана и креативна девојка, прекрасната Луција Србакова.

Се прашувате кој е нејзиниот талент?🤷‍♀️🤷‍♂️

Нејзината неверојатна способност да направи фузија на убавото и корисното.

Букетот цвеќе отсекогаш важел за најприкладниот знак на внимание за секоја пригода, без разлика дали сме поканети на  некоја прослава или едноставно сакаме да изненадиме некого без некој посебен повод.

Фото: Приватна архива на Луција

Е сега, нашата девојка, ни приредува изненадување на квадрат. 😊

Нејзините букети се букети од овошје, ем пријатни за око, ем корисни за здравјето, вистински начин да покажеме грижа спрема некого.🥰

Фото: Приватна архива на Луција

Откако ги здогледавме нејзините изработки на социјалните мрежи побрзавме да ја уловиме и да дознаеме повеќе за неа. 😊

Луција, добредојде на Магазин Инспиратифф 😊

За почеток, кажи нешто повеќе за себе, како би се опишала себеси?

Фото: Приватна архива на Луција

Најтешко е кога треба некој да се опише себеси, меѓутоа накратко би кажала дека сум љубител на убавото и уметноста. За себе би кажала дека сум креативна личност со ведар дух и некој кој секогаш се стреми на подобро. Ако ги прашате моите најблиски, сигурно ќе Ви кажат дека имам око за детали и некој што не застанува дур не стигне до посакуваниот резултат. Една од моите животни филозофии е дека секој дел од нашето секојдневие си има своја убавина, ако знаеш да ја видиш и да и се восхитиш. Во слободно време обожавам прошетки во природа каде црпам инспирација за изработка на овие прекрасни букети, а природата несебично ја шири својата убавина и ја споделува со сите нас.

Фото: Приватна архива на Луција
Фото: Приватна архива на Луција

Кога и како ти се роди идејата за изработка на овошни букети?

Се сеќавам првиот букет го направив пред две години, за роденденот на ќерка ми. Едноставно сакав да биде нешто различно, уникатно, а сепак да биде убаво и да изнуди насмевка на нејзиното лице. После ќерка ми, следеа блиски роднини и пријатели и секој од нив добиваше парче уметност направено од мене, а емоциите, радостите кои ми беа возвратени правеа и сé уште прават да се чувствувам исполнето. Неописливо е чувството кога ќе ги споиш вкусовите на овошките во еден шарен букет и притоа ќе го подариш некому. Секој букет е своја приказна.

Фото: Приватна архива на Луција
Фото: Приватна архива на Луција

Колку време ти беше потребно да ги усовршиш твоите вештини, пред да почнеш посериозно да се занимаваш со ова?

Можеби ќе звучам клише меѓутоа неизбежно е, а да не ја искористам добро познатата изрека дека ,,човек учи додека е жив”.  Не можам точно да одговорам на прашањето колку време ми требаше да ги усовршам вештините затоа што тие вештини се усовршуваат со секој нареден букет, но посериозно почнав со изработката на букетите кога стигна првата нарачка пред 9 месеци, а остатокот е приказна за себе.

Фото: Приватна архива на Луција
Фото: Приватна архива на Луција

За кои пригоди се најбарани овошните букети?

Добивам најразлични нарачки, меѓутоа најчесто букетите се за родендени, годишнини, имендени, венчавки и различни пригоди. Морам да напоменам дека посебно ми се драги букетите кои се нарачани без посебна причина и пригода туку затоа што поводот е насмевка и знак на внимание на некој близок/блиска.

Фото: Приватна архива на Луција
Фото: Приватна архива на Луција

Се водиш ли по некои правила, кои типови овошје или зеленчук и цвеќе се комбинират во еден аранжман или се може да се направи?

Конкретни пишани правила немам, меѓутоа природата сама ги диктира правилата. Накратко да објаснам дека секоја сезона, лето, зима, есен или пролет си носи своја палета на бои така што овошките и вкусовите имаат своја хармонија дадена од природата, а мое е да ги спојам во една посебна приказна- букет.

Фото: Приватна архива на Луција
Фото: Приватна архива на Луција

Со букетот на последната фотка дефинитивно може да изненадиме некого кој ќе ужива во намирниците гледајќи си ги претстојните фудбалски утакмици😍.

Но, најдраги наши, кажете ни, кој магичен букет e вашиот фаворит? 😋💐

Фото: Приватна архива на Луција

Во прилог уште неколку плус, да ви го отежниме изборот уште толку 😉😊

Фото: Приватна архива на Луција
Фото: Приватна архива на Луција

Луција, ти благодариме што ја сподели твојата работа со нас, се читаме во некоја наредна прилика.

Разговараше: Данче Митева

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *