Цвеќињата ни помагаат да се чуствуваме подобро, тие се сонце, храна и лек за душата затоа да бидеме градинари на нашиот дух кои знаат дека без темнина ништо не се раѓа но и дека без светлина ништо не процветува.
Драги наши инспиратиффци, овие мисли се само увертира во разговорот со Сузана Крстевска од Свети Николе, долгогодишен одгледувач на цвеќиња.
Сузана, добро ни дојдовте во Магазин Инспиратифф.
Благодарам. Добро ве најдов и ви благодарам уште eднаш за поканата, навистина ми e чест и задоволство.
Кажете ни, кога и како започна вашата љубов кон цвеќињата?
Со цвеќињата имам посебна конекција уште како мала, од детството. Нивната уникатност, шареноликост и нивната убавина се токму тие епитети кои што ме освоија и до ден денес заземаат посебно место во мојот живот.

Низ разговор дознавме дека љубичиците се најдрагото цвеќе на Сузана, зошто токму тие? 😊
Се заљубив во љубичиците поточно афричките љубичици пред повеќе од три децении. Откако знам за себе, го сакам цвеќето и уживам во неговата убавина. Секојдневно им посветувам дел од моето време, ги негувам со посебно внимание и љубов. Со текот на годините расте меѓусебната љубов и се повеќе се зголемува мојата збирка на афрички љубичици која брои над 300 видови љубичици. Мојот дом го красат токму овие цвеќиња, собни љубичици бидејќи тие претставуваат симбол на убавина и среќа. Тие имаат листови со мали влакненца, цветот може да се види во повеќе бои и растат во висина од десетина сентиметри. Таа цвета во било кое годишно време и цветот може да потрае дури 10 месеци во годината ако правилно се негува. Се чуствувам исполнето кога од лист или семе со правилно одгледување се добива вистинска убавица.
Афричката љубичица –saintpaulia– името го добила по германскиот барон кој кон крајот на 19 век прв го има пронајдено во источна Африка, денес познатата Танзанија.

Би можеле ли да ги посоветувате нашите читатели на кои работи посебно треба да се внимава при одбирање на цвеќиња за домот или пак дворот?
Цвеќињата се живи суштества и меѓу нив постојат значителни разлики, како индивидуални така и во видот и сортата. На ова посебно треба да се обрне внимание при изборот и секако тука се условите кои треба да се прилагодуваат према цвеќето. Тие треба да ги имаат сите услови како светлина, вода, почва, температура итн. за да може едно цвеќе правилно да расте било во дворот или домот. Всушност , секој може било кое цвеќе да го негува без разлика каде ќе го одгледува.

Често слушаме е дека цвеќињата се како деца, бараат многу љубов и внимание, колку вистина има во тоа?
Цвеќињата се исто како децата, тие си бараат многу љубов и внимание. Како што малите деца растат, така и кај цвеќињата постои процес на развој и растење.
Секако дека има вистина во тоа. Целиот процес кога од лист или семе се добие цвеќе за восхит, се постоиветува со горе наведеното.

Дека има многу вљубеници во цвеќето покажува и вашата фејсбук група ,, Цвеќето и неговата убавина” која брои над 14.000 членови, како функционира оваа заедница?
Мислам дека на светот не постои човек кој не се восхитува на убавината на цвеќето.
Да, пред 3 години ја создадов групата ,,Цвеќето и неговата убавина” која моментално брои над 14.000 членови на што сум посебна горда. Групата ја создадов за дружење, да си ја засладуваме душата споделувајќи ги нашите преубави цвеќиња, за размена, подароци, идеи, совети за одгледување, продавање и се друго поврзано со цвеќињата. Среќна сум што во групата сме како една голема цветна фамилија која фукционира прекрасно.

Вашата втора љубов е изработката на рачни уникатни изработки. Кажете ни нешто повеќе, со кои техники на изработка и со какви материјали се служите?
Како што рековте, мојата втора љубов е рачната изработка поточно станува збор за плетење од хартија. Едноставно уживам во изработката, кога од обично парче хартија со малку креативност се изработи уникатен украс. Тоа е малку посложена постапка бидејќи од хартијата првично се моткаат цевчиња, потоа се плете, 2 пати се фарба и на крајот се лакира. Кога украсот е готов, тоа е навистина прекрасно чувство. Секако, имам и моја фејсбук страница ,, Уникатни рачни изработки-Сузана Крстевска” каде може да се видат моите рачни изработки.



Вашите изработки се уникатни и единствени, кога најчесто клиентите имаат желба да си набават нешто вакво, дали е стрикно за некој посебен повод , кога бараат подарок да израдуваат некој свој близок или пак се случува и да си порачаат нешто за себе со што би го разубавиле својот дом?
Среќна сум кога моите изработки красат нечии домови. Првично, моите изработки ги видоа моите фејсбук пријатели кои почнаа да покажуваат интерес за порачка, некои за подарок некои за самите себе и така дојдов до идеа да изработувам и за други. Во главно, клиентите порачуваат за некој повод како роденден, свадба, за празниците како 8-ми Март- Денот на жената, Велигден, Новогодишните празници итн, но секако си порачуваат и за самите себе по своја желба која станува реалност.



Денешната прекрасна дружба со Сузана ја завршуваме овде, со ветување за повторна средба и дружење со целата цветна фамилија 😊
До следниот пат Инспиратиффци 😊