Потрагата по креативци не доведе до Јасмина Смилевска Зеќовиќ, девојката со златни раце. Разгледувајќи ја нејзината ризница од преубави изработки, човек останува занемен. Ретки се оние што го заслужуваат епитетот девојка со златни раце , но Јасмина дефинитивно е една од нив.

Драга Јасмина, добредојде на Магазин Инспиратифф.
На твојот профил може да сретнеме најразлични изработки со најразлични техники, плетење, везење, а во твоите колекции има се , од предмети за декорација на домот , парчиња мебел па се до накит и облека.
Кога го откри својот талент, која беше твојата прва изработка?
Својот талент го носам со себе уште од мали години. Имав само 7 години кога за прв пат земав игли за плетење и гледајќи ја мајка ми и баба ми и кај мене се пројави желба да пробам да плетам. Моето прво сплетено нешто беше правоаголно парче од волница во две бои (розева и црна) и бев пресреќна зашто бев успешна уште во првиот обид да плетам.

Општо мислење е дека плетењето е речиси заборавен начин за правење на облека , или барем дека никој од младите не ја познава таа техника веќе. Но ти си пример за токму спротивното.
Да, како што кажав претходно дека од многу мала се научив да плетам. Се сеќавам за зимскиот распуст доаѓаше баба ми да не чува и плетеше елеци од чиста волна и чорапи а јас љубопитна и желна за учење да плетам со преголемо внимание ја гледав. Исто така и мајка ми плете преубаво и многу ме има научено на разни техники и вештини кои јас многу лесно ги совладував а денеска ги усовршувам, и секогаш гледам да направам некоја нова плетка за возбудата да ми биде поголема.
Колку време требаше да ги научиш и посложените плетки?
Искрено многу малку, хехе. Секогаш кога ќе сакам да започнам нова плетка првин пробувам да направам помало парче од причина што сакам да согледам дали тој конец што го имам и сум го замислила ќе одговара за таа плетка и дали можам убаво да ја сплетам, доколку е во ред почнувам со замислениот модел да го плетам и не оставам додека не завршам, ниту пак започнувам друго. Искрено може да потрае и еден месец зависно од приватните и работни обврски во тој период.
Какви материјали користиш за твоите изработки?
Често одам на Женскиот пазар каде има секогаш избор на разни волници, конци од разни состави и бои. Па, јас не можам да останам рамнодушна а да не купам некое парче конец или волница и затоа секогаш имам материјал на залиха за кога ќе ми дојде моментот да сплетам нешто да можам тоа да го направам што е голема предност кога се има материјал.

Разговорот го започнавме со плетените изработки токму поради тоа што сега сме зима и имаме најголема потреба од овие модни додатоци, но Јасмина изработува и прекрасен , уникатен накит, изработен претежно од монистри.

Како започнаа таа приказна?
-Аххх, убаво ми е да се потсетам на моментот кога се сретнав прв пат со тие толку мали а за мене волшебни топчиња од кои може да се направи вистинско чудо. Кој беше тој момент? Се сеќавам мајка ми познавајќи ме мене донесе од една пријателка едно миленце зелено со златна боја изработено од монистри, и нормално кога го видов не можев да останам рамнодушна и посакав да изработам и јас такво. Се сеќавам дека таа ноќ не можев да се смирам од возбуда посакувајќи веднаш да се раздени да одам и да купам монистри за да пробам и јас да направам исто такво. И секако тоа се случи. Кога го направив првото кругче не можам да опишам колку бев среќна, и секако продолжив да изработувам и понатаму. Потоа почнав да гледам туториали за изработка на накит од монистри, и така ден за ден монистрите и кристалчињата станаа дел од моето секојдневие кога секој ден се раѓаше по некое ново парче накит (обетки, прстени, ланчиња, брошеви, футроли за телефони, приврзоци, шноли…).





Каков вид на накит изработуваш?
Изработувам и ѓердани, и обетки и нараквици зависно од моментот на инспирација. Но во последно време најмногу сакам да правам прстени. Штом изработам некој нов модел во некоја комбинација од бои веднаш размислувам за следната комбинација. Знам да изработам и комплети: гердан со нараквица, нараквица и прстен , обетки со ѓердан и сл.



Каде најчесто наоѓаш идеи и од каде црпиш инспирација за моделите?
Идеи имам премногу за кои навистина не можам да кажам како се раѓаат едноставно ми доаѓа моментот и земам дали монистри, дали конци,волница и сл. и почнувам со изработка. Искрено не можам да планирам дека утре ќе земам материјал и ќе направам прстен или било што др. Или веднаш стартувам (бидејќи имам многу и различни материјали) или пак ако планирам мислам дека нема да се оствари таа моја замисла. Но морам да признаам дека сум најкреативна кога сум малку нервозна. Мислам дека со ова ќе се согласат и многу други креативци 😊
Твоите плетени работи се љубов на прв поглед, шалови кои одговараат со капите, уникатни чанти, а истото слободно можам да го кажам и за накитот. Дали можеби една од причините за создавање на своја линија модни додатоци е невозможноста да најдеш нешто токму по твој вкус низ продавниците или сепак не?
Па не можам да кажам баш дека е така. Уникатноста на моите изработки е всушност желбата за создавање новитети. Секое новосоздадено парче е исполнување на душата со позитивна енергија што ме одржува и ме прави многу среќна, исполнета и задоволна.
Како ја усовршуваш својата работа?
Работата ја усовршувам најразлично. Секако дека гледам туториали, (не знам колку многу туториали од различни сфери на handmade имам изгледано) и секое наредно видео го следам со преголемо внимание и задоволство. Бидејќи владеам со повеќе техники handmade ќе почнам од мојата прва љубов ПЛЕТЕЊЕ. Голема помош околу плетењето е мојата мајка која е најголемиот виновник за сето ова што го правам и сум и премногу благодарна. Посетував и курсеви многу одамна за везење (Бразилски вез и везење со ширит), пред 2 години посетував и обука за Сутаж техника (изработка на накит) но секако и јас во најголем дел самата се усовршувам на свој начин, со свои идеи и зависно од моментот на инспирација, но морам да признаам дека сум на некој начин ненаситна за совладување на нови техники и усовршувања.


Твојата креативност ја рефелектираш низ сите техники на изработка на ракотворби, но, која е твојата омилена техника?
Сите техники имаат навистина посебно место во мојата душа, но посебен акцент ќе дадам на плетењето со две игли и хеклањето, како и работењето со монистри.

Се случува ли твоите изработки да бидат одраз на твоето расположение, ако да, има ли нешто што си изработила кога си била ептен радосна или тажна?
И тоа како 😊. Јас за себе можам да кажам како што спомнав и претходно дека најкреативна сум кога сум малку нервозна, хехе, но исто така и кога сум во добро расположение можам да направам нешто за кое и самата си се радувам и чудам колку добро парче сум направила.

Јасмина, каде можат да се купат твоите изработки?
Порано имаше Базари каде некогаш учествував и јас со моите изработки и таму запознавав контакти, но денеска на социјалните мрежи во неколку групи знам понекогаш да објавам и јас некоја од моите изработки каде што секако сум отворена за соработка со потенцијалните купувачи околу големина, избор на боја исл.

Гледањето туториали за усовршување на техниките кои веќе ги владееш, те насочи и кон други интереси, започна со изработка декоративните предмети за домот и реставрирање на стари парчиња мебел со техниката декупаж.
Бидејќи сум зависник од гледање секако вид handmade туториали, имав интерес да ја проучувам и Декупаж техниката. Па така сосема случајно седејќи кај мојата другарка забележав едно старо креденче кое беше многу сочувано и доста симпатично, но сепак не беше модерен стил и ми текна дека истото тоа можеме да го направиме убаво и модерно користејќи ја токму Декупаж техниката за дрво. Наредниот ден купивме се што ни е потрeбно и тоа мало креденче го направивме непрепознатливо за кое и денеска се радуваме колку сосема случајно излезе прекрасно. Па така продолжив да правам и саксии мали за сукуленти и кактуси кои премногу ме опуштаат и ги користам како декор во мојот дом.


Пoстојано учиш нешто ново, дијамантското сликање (diamond painting) e најновото нешто кое ти го привлече вниманието, ќе ни кажеш ли што всушност е тоа?
Diamond Painting е нешто ново за мене кое кога ја видов техниката начинот на работење веднаш посакав и јас да имам пред мене се што е потребно за да можам да работам. Кога открив на интернет дека постои нешто вакво, тоа беше такво слично чувство како моментот кога сео запознавање со монистрите, бидејќи и тоа е техника со многу ситни пластични топчиња. Станува збор за слика (со било каква тематика) која е заштитена со фолија бидејќи има леплив слој за да може пластичните топчиња во разни бои да се залепат на нив според знаците што се обележани за секоја боја посебно. Нешто слично како везење по шема (кој го знае тоа лесно ќе ме разбере 😊 )
Се гледа дека облеката и модните додатоци се твоја најголема пасија, кои се твоите идни планови и амбиции на ова поле ?
Може да се каже дека сакам добро и уникатно парче облека на себе, а поготово кога тоа би било рачно изработено, секако. Планови конкретни за во иднина немам, меѓутоа имам огромна желба за соработка со некој/а креатор/ка и тоа многу би го сакала, бидејќи сметам дека можам во потполност да одговорам на идејата што ја имаат при создавање на парче облека со додатоци кои јас би можела да ги направам, а предизвикот секако би ми бил огромен и со посебно внимание би се посветила при создавање на нештата.


Благодарност до Јасмина што ни дозволи да ѕирнеме во нејзиниот свет и сподели дел од твојата уметност со нас.
Успеавме да прикажеме само дел од нејзиното творештво но ова е фб страната каде може да се види поголем дел од нејзината работа Jasmina S – making jewellery | Facebook.
До следното читање. 😊
Разговараше Данче Митева.