Викендов се одржа и седумнаесеттиот по ред традиционален меморијален планинарски марш Борис Трајковски, организиран од планинарскиот клуб Ентузијасти од Струмица.
Група планинари на 19 февруари во саботата поаѓајки од с.Смоларе се упатија кон планинарскиот дом ,,Шарена чешма“ каде преноќија, а утредента тргнаа кон врвот ,,Борис Трајковски-Ботрa, именуван по прерано загинатиот претседател, на надморска височина од 1880м.
Покрај организаторите, планинарите од ,,Ентузијаст“, учество зедоа и планинари од планинарските клубови од Гевгелија, Радовиш, Валандово и Демир Капија како и членови на Црвен Крст од Струмица, додека пред пандемијата маршот бил од меѓународен карактер со повеќе учесници од соседните земји.
,,Се случувало да има голема магла, но оваа година времето е ведро и преубаво за искачување“- велат планинарите, на кои снегот не им претставуваше никаков проблем.
Групата тргна во 8 часот изутрината, а на врвот Ботра пристигна околу 12 часот, качувањето по снег секогаш одзема повеќе време, поради отежнатата можност за движење и зголемената претпазливост.
Маршот се одржува од 2005 година, првата година во иницијативата и организацијата се вклучиле и повеќе планинарски клубови од Неготино, но од 2006та година наваму, организацискиот дел е исклучиво на планинарскиот клуб Ентузијаст од Струмица, кој го направи овој меморијален марш традиција, која со големо задоволство ја негуваат и помладите и постарите членови на клубот.
,,Посебно сме среќни, што се повеќе млади планинари се приклучуваат, тоа значи дека традицијата нема да се прекине“-кажуваат од клубот.
Одржувајќи ја оваа традиција, клубот ги негува вредностите на почит, меѓусебна соработка и пријателство, вредности кои и нашиот претседател Борис Трајковски длабоко ги ценеше и промовираше во текот на неговиот живот.
Во вториот дел од маршот, планинарите ќе се движат од Струмица до Скопје, во 4 етапи, тргнувајќи на 22 февруари од споменикот на Борис Трајковски, преку Дедино, Штип, Ѓуриште и Маџари, за на 26-ти да стигнат на официјалното чествување.
Подготви: Данче Митева