Од клубот на Инспиратиффците денеска ја издвојуваме Кристина Зимбакова. Кристина ја запознавме на една опуштена дружба со планинарите од струмичкото планинарско друштво. Низ краток разговор дознаваме дека се занимава со уметност, а за специфичноста на нејзината уметност, ќе разговараме токму денеска.
Во нејзината уметничка изјава таа ќе каже: ,,Целта на мојата уметност е отелотворување на боите на мојата душа. Делата се
обид за самооткривање. Експресивниот, симболичен израз се стреми да отслика чувства на љубов, болка, страв, занес.
Мојот пристап кон уметноста е интердисциплинарен, па во делата се испреплетуваат ликовната уметност, поезијата и природните науки преку создавање слики што се стремат да ги поместат границите.“

Кристина, зошто го избравте токму овој сплет од дисциплини како рефлексија на длабочината на човечката душа?
Повеќе ми е за верба дека тие дисциплини ме избрале мене отколку јас нив зашто тој процес е спонтан и само треба да се следи внатрешниот порив и срцето, а не да се оди спротиводно и со умот да се решава за работи што природата сама најдобро умее да ги одреди. Можеби категориите уметност и наука се чинат неспоиви во нешто што би ја отсликало човековата душа, но сепак за мене е сѐ уметност, па без принципот на продуховеност и науката би била залудна и би се свела на суви податоци и таксативно набројување. Мислам дека формалните граници меѓу различните дисциплини се далеку полабави отколку што сме замислиле дека се, а мене особено ме привлекува да бидам полиберална и да си поигрувам со нив.

Детали за сликарските техники и материјалите
Користите повеќе сликарски техники но и материјали, може ли нешто повеќе околу тоа?
Делата ги креаирам во комбинирана техника, која ми ја пружа посакуваната слобода во изразувањето. Освен акрил, пастел и јаглен, употребувам габи и лишаи од суви збирки или собрани преку лични теренски истражувања, во соработка со научници од земјата и странство. Последниве седум години создавам дела на рачно изработена хартија од габи што сама ја правам. Сликам и на мико-пена, што е биоматеријал изработен од габен мицелиум и земјоделски отпад. Научното име на видот габа, местото на потекло, како и нивниот степен на заштита доколку го има секогаш се наведени во описот на делото. Освен заради естетски цели, со примена на габи во уметнички контекст се трудам да придонесам и кон подигнување на свеста за зачувување на овие чудесни, но често запоставени организми, неопходни за опстанокот на нашата планета, колку и да звучи тоа неверојатно.

Изложби во нашата земја и во странство
Вашите дела се изложувани на повеќе самостојни но и заеднички изложби, кај нас но и во странство, имате ли некоја изложба која ви е посебно драга?
Кон секоја изложба пристапувам сериозно, а и внимателно одбирам каде ќе се претставам зависно од мојот афинитет кон одреден простор, но и угледот на установата. Бројот на изложби никогаш не ми бил важен туку концептот да биде издржан и да нема повторување на поставките. Тешко е да се издвои, но ако веќе мора, тоа би била изложбата на врвот на величествената Беласица, како и онаа на Преспанското Езеро, која, за жал, наместо на волшебниот остров Голем Град, како што беше замислено, поради неповолните временски услови и немирното езеро во последен момент беше преорганизирана и се постави на пристаништето во Стење.
Организациската тежина на изложбите направени на планински терен
За нас како набљудувачи и уживатели на уметноста, посебно интересни се поставите на Беласица, на врвот Сечена Скала на надморска височина од 1740м, и на Родопите на надморска височина од околу 540м, дали овие изложби претставуваат посебен предизвик од организациски аспект?
Изложбите на отворено се навистина предизвик во организациска смисла зашто логистиката е скапа и сложена, а ризикот огромен не само од технички аспект туку и заради непредвидливите метеоролошки услови. Тие се сериозен залак и сметам дека само ако постои непоколеблива желба и волја кај уметникот може да се истрае во намерата да се постават. Како автор не можете да влијаете на бројни фактори од кои зависи успехот на изложбата, па мора да сте прилагодливи, но и спремни да го преземете ризикот сиот повеќемесечен труд да падне во вода ако одненадеж заврне или дувне силен ветар и сѐ се претвори во фијаско. И покрај сѐ, ваквиот тип неконвенционални изложби најмногу ме радуваат зашто се идеален спој на мојата страст кон планините и ликовната уметност.

Инспирација за творештво добиена од поезијата
Во делот на инспирацијата за Вашето творештво, ја спомнувате работата на поетесата Силвија Плат но и опусот на Ен Секстон и Б.Р. Платнар. Со кој аспект од нивното творештво почувствувавте поврзаност на лично ниво?
Прочуените американски поетеси Силвија Плат и Ен Секстон, кои твореле во средината на XX век, ми се инспирација не само во ликовната дејност, туку и преокупација во преведувачката работа. Имено, избор од нивната поезија во две книги имам препеано на македонски јазик. Нивниот емотивно набиен, непосреден и често дрзок израз, храброста за фаќање во костец со најинтимни чувства преку лепеза од неверојатни метафорични решенија се нештата кои ги размрдале историските текови на поезијата, а кои допреле до мене и на кои им се восхитувам.

Благоја Ристески – Платнар е нашиот Шекспир, ненадминат виртуоз на архаичниот македонски збор, чие творештво ми се чини не е ставено на пиедесталот во нашата литература, место што недвојбено го заслужува. Дури и неговите колумни се со поетска синтакса и ритмика. Често стихови од неговите песни или драми се испишани со лишаи во моите слики. На изложбата во неговиот роден град Прилеп цел циклус мои дела беа посветени на неговиот опус.
Формалното образование на уметницата
Она што е исто така интересно и невообичаено е што вашето формално образование е поврзано со книжевноста, но не е и со ликовната уметноста, ниту пак со природните науки, како станавте толкав мајстор во практикувањето и создавањето на овие дисциплини?
Да, но сепак и книжевноста и ликовната дејност се типови уметност, а само обликот на изразување им е различен: кај првата е зборот, а кај втората визуелниот ефект. Основата на сите уметности им е иста, а приодот различен. Од најрани години имав афинитет и кон музиката, свирев виолина. Уверена сум дека стекнувањето образование во одредена област не мора секогаш да биде во утврдените формални установи, туку постојат неограничени можности и надвор од нив, само треба интерес и упорност. Кај мене праксата и наобразбата во ликовната уметност паралелно се одвивале уште во студентски денови, па и порано. Книжевниот пристап мислам дека им дава повеќеслојност и ми ги збогатува ликовните дела. Дури и во насловите на делата преовладува поетскиот дух.
А во однос на природните науки, отсекогаш постоеше љубов кон шумите и планините, а подоцна дојдоа габите, кои со своите необични форми и текстура ми беа вистинско откритие. Во соработка со научници-миколози, повеќе од две децении го истражувам нивниот магичен свет од свое, уметничко гледиште, преку теренски посети и литература.

Дали работите на некој нов проект кој би можеле да го видиме во блиска иднина?
Во тек се подготовките за самостојна изложба во мај годинава, со дела поттикнати од творештвото и писмата на Силвија Плат, а која ќе се одржи на Универзитетот „Аристотел“ во Солун. Настанотќе биде во рамките на светскиот симпозиум посветен на оваа поетеса, каде ќе бидат изложени и нејзини ракописи и фотографии. Пролетва ме очекува и учество на групна изложба во Венеција за време на Венециското биенале.
Кристина, ви благодарам на одвоеното време ☺
За да ја разгледате работата на Кристина кликнете овде
Разговараше: Данче Митева