Биатлонот, волшебниот зимски спорт кој ја спојува прецизноста на стрелањето со издржливоста на крос-кантри скијањето, има корени од воената обука во Скандинавија. Спојот на брзина, издржливост и прецизност го прави биатлонот уникатен и возбудлив спектакл, кој ја воодушевува публиката ширум светот. Како што натпреварувачите се трудат да ги надминат своите физички ограничувања на снежниот терен, секој истрел станува клучен момент во трката, додавајќи елемент на неизвесност на овој динамичен зимски спорт. Придружете ни се додека го истражуваме фасцинантниот свет на биатлонот, каде што атлетизмот и прецизноста се спојуваат во хипнотизирачки приказ на вештина и стратегија. Повеќе за биатлонот ни објаснува Елена Дурчова, тренер на Б-репрезентацијата во биатлон на Бугарија.
Здраво и благодарам за можноста да го промовирам мојот омилен спорт.
Биатлонот во нашата земја и не е така популарен спорт, за читателите кои не се запознаени со него може ли да ни објасните за каква дисциплина станува збор?
Биатлонот е спорт кој вклучува две дисциплини – скијачко трчање и стрелање со спортска пушка, која натпреварувачот ја носи на грб додека скија. Биатлонот е зимски спорт, но во последните години се одржуваат доста летни натпревари каде натпреварувачите наместо на скии, се движат на ролери.
Краток дел од биатлон тренинзите, видео од приватната архива на нашата соговорничка
Можете ли да се вратите малку назад и да ни кажете како започнавте со биатлон?
Почнав да се занимавам со биатлон на 10-годишна возраст и со се занимавам до ден денес, а сега сум 32 години.
Што ви ја пробуди желбата да станете инструктор по биатлон?
Многу ми се допаѓа овој спорт. За него спортистите освен физичките вештини, мора да поседуваат и да ги развиваат менталните и психолошките способности исто така.
Колку време вие самите се занимававте со овој спорт а од кога почнавте и да тренирате учениици кои сакаат да се занимаваат со биатлон?
Почнав да работам како тренер на 24 години. Штом дипломирав на Националната спортска академија – Васил Левски во Софија. На почетокот, собирањето деца за тим беше тешко и мојот прв тим беше составен од многу малку деца. околу 6 до 8, после 3 години веќе имав 20 деца пријавени за овој доста тежок спорт.
Која е најраната возраст од која може да се започне со тренирање биатлон?
Во принцип, добро е да се почне на 10 години, но може да се почне и на 8 со лесен, општ тренинг, кој само ја развива општата физичка култура на децата, што во подоцнежна фаза помага за тренирањето биатлон.
Кои се клучните вештини и техники што треба да ги развијат потенцијалните биатлонци?
Tие мора да трчаат брзо, што бара сила и издржливост, и да гаѓаат и стрелаат прецизно, што бара исклучително високо ниво на концентрација.
Каква улога игра опремата во биатлонот (всушност и каква опрема е потребна) и како ги водите спортистите при изборот на вистинската опрема? Можете ли да истакнете некоја техничка иновација во опремата за биатлон што влијаеше на спортот?
Опремата за биатлон е исклучително скапа. За да тренирате потребни ви се скии, ски-ролери, ски-кондури, стапови (штеки), пушка, патрони и мети, како и полигон за стрелање, се разбира. Биатлонот е многу, многу скап спорт.
Каде тренирате, дали има повеќе специјализирани терени за овој спорт во Бугарија?
За жал, во Бугарија има само 3 стрелишта каде што можете да вежбате скијање и стрелање. Имаме малку терени, така што најголемиот дел од тренинзите на нашите репрезентации се одвиваат во странство.
Зад вас имате повеќе освоени титули, кои од нив означуваат најголем спортски успех за вас?
За мене како натпреварувач најголемо достигнување ми е летното европско – 6то место, инаку јас и моите натпреварувачи имаме многу медали од државните и балканските првенства.
Дали имате соработка со Македонската биатлон федерација?
Одлично соработуваме со Македонската федерација и заедно работиме на проекти за Меѓународната биатлон федерација. Ѓоко Денески се занимава со развојот на биатлонот во Македонија.
Елена ви благодарам на одвоеното време, ви посакувам уште многу спортски успеси.
Разговараше: Данче Митева
Одговорите на соговорничката се преведени од бугарски на македонски јазик.