Јоана Манојловска е млада и борбена девојка која заедно со нејзината мајка се занимава со одгледување на артичоки и други ретки и уникатни видови органски зеленчуци и билки. Нејзината љубов кон алтернативната медицина и долгогодишното експериментирање ја водат до креирање на имуно-тинктури, чаеви и намази од артичока и брокула кои го поткрепуваат имунолошкиот систем и помагаат во одржувањето на здравјето. Нејзината втора љубов е природната козметика, таа во нејзината лабораторија создава природни пасти за заби, пилинзи, гелови и сапуни.
За Magazin Inspiratiff таа ни раскажува за своите почетоци со органско производство и природна козметика, па сè до денес.
Можете ли да ни кажете малку за себе и како започнавте да се занимавате со земјоделство?
Најпрво сакам да Ви се заблагодарам што ме препознавте како уникатен производител на билки и природна козметика. Се` започна кога се преселивме со мојата мајка од Скопје во с.Црничани, Дојран. После сите животни препреки, мајка ми како самохран родител, реши од социјален случај да се претвори во најхрабрата жена која ја познавам во животот и да започне свој бизнис со примарно земјоделско производство, одгледување брокули.
И во текот на моето основно и средно образование јас ѝ помагав и релативно добро бев поткрепена практично во однос на земјоделството. Љубовта кон растенијата, односно хербологијата практично започна уште од мали нозе, кога баба ми ми помагаше во изучување на сите самоникнати, лековити и зачински растенија, јадливи печурки, па така уште во гимназија земав дополнителна литература за нивно изучување. Биологијата и хемијата отсекогаш ми биле омилени предмети.
Факултетот за земјоделски науки и храна дополнително ми помогна за усовршување во овој дел, а и дојдов до нови димензии на знаења со мојата додипломска насока – фитомедицина. Уште во трета година од моите студии решив да си направам сопствен бренд Joana`s herbs, каде што моето знаење ќе го преточам во сопствен бизнис и ќе го работам тоа што го сакам. Паралелно со мајка ми разговараме и решаваме да пробаме со ново растение кое засега го нема во Македонија, а тоа е артичоката, а ние сме моментално единствени производители на артичока во регионот. Освен свежа, решивме да експериментираме и со преработки од артичока, па така излегоа неколку дополнителни производи и добри комбинации. На пазар буквално ,,се тепаат “ кој да земе прв од нашите производи.
Јас повеќе се осврнав на природната козметика (моментално најактуелна ми е природната паста за заби, пилингот за тело, антицелулитниот лосион кој оваа пролет ќе треба три пати повеќе количински да го направам од лани, бидејќи уште од зимава веќе имам предвремени нарачки, природни сапуни од активен јаглен) и моите додатоци во исхраната (имуно тинктурата, тинктурата од артичока) и чајот од артичока од нашите ниви, кој го подготвуваме заедно со мајка ми.
Што ве инспирираше да се фокусирате на одгледување билки и органски зеленчук?
Љубовта кон растенијата и какви лековити својства кријат истите, отсекогаш е ,,провоцирале“ за истражување. Алтернативната медицина, односно лекување и одржување на здравјето со природни производи отсекогаш ми биле инспирација за да се продлабочам во оваа комплексна тематика – фармакогнозијата.
Кои специфични практики за органско земјоделство ги применувате на вашата фарма?
Нема посебни специфични практики, единствено се водам според едно правило : Подалеку од вештачко синтетизирани пестициди. Уште пред 100 години нашите прадедовци знаеле како да ги прехранат нашите бавчи и знаеле како да ги ,,одбранат“ доматите и краставиците од инсекти и болести предизвикани од бактерии и габи. Интегралната заштита и плодоредот се број еден фактор за органско земјоделство.
Како го одржувате здравјето и плодноста на почвата без да се потпирате на синтетички хемикалии?
До ден денес, земјоделците немаат практика да направат една обична агрохемиска анализа на почва пред сезона. Зошто е важна ваква анализа? Бидејќи точно ја знаеме концентрацијата на микро и макроелементите во почвата и немаме потреба да ,,импровизираме“ со концентрации на вештачки ѓубрива каде што обично доаѓа до презаситеност на елементите во почвата, тие достигнуваат форма каде што стануваат недостапни за растението, не може да ги апсорбира и најголем дел се промиваат низ почвените слоеви и се губат, односно ги загадуваат подземните води. Тука е таа негативна ланчана реакција и на секој можен начин тоа го пореметува биолошкото кружење на водата, глобално земено.
Дали има некои одржливи или регенеративни земјоделски техники за кои сметате дека се особено ефикасни?
Секако дека има, плодоредот првенствено го земам како техника која многу значи. Во кратки црти, плодоредот е садење\сеење земјоделски култури наизменично на една иста површина. Секако, ова е голема посебна наука, и ние, земјоделските инженери имаме доста истражувано во овој дел за различни комбинации. Целта е приносот, максималното искористување на хранливите материи од почвата и намалени штети од болести и штетници. Интегралната заштита и биолошката борба се засега број 1 методи во органското производство гледано на глобално ниво, но земјоделците во Македонија се` уште немаат практика за овие иновативни методи.
Како одлучувате кои билки и зеленчук ќе ги oдгледувате на вашата фарма?
Со претходно направен бизнис план, се разбира, имаме 2 главни култури – артичоката и брокулата, и неколку видови лековити и зачински растенија (жалфија, рузмарин, нане, лук, кромид, рен, лаванда и др.) кои ги користиме за продажба како свежи, ги користиме за интегрална заштита, за правење етерични масла кои ги користам и за моите производи за природна козметика и додатоци во исхраната.

Дали има уникатни или ретки сорти што ги одгледувате?
Има нормално, со повеќе видови артичоки и со долг процес на експериментирање согледавме кои сорти успеваат на нашето поднебје и ете, успева.
Моментално работам на еден мој проект со растенија кои никогаш не се произведувале кај нас. За што се работи, ќе ви откријам подоцна.
Можете ли да споделите повеќе за процесот на правење тинктури на вашата фарма?
Секое растение си има посебна приказна при подготовка за тинктура, бидејќи различни билки имаат различни лековити својства и на различен начин се подготвуваат. Всушност, тинктура од некое е растение е цел лековит свет во една капка. Тоа се билни капки, каде се користат различни технолошки постапки на екстракција (во зависност од растението) и се раствораат во алкохол. Некои луѓе не можат да поднесат алкохол, па најдов замена за алкохолот и на пример за мојата имуно тинктура која ја произведувам, користам природен органски јаболков оцет, домашен.
Кои други органски производи ги произведувате?
Свежи артичоки и брокули, намаз од артичока, срцевина од артичока, тинктура од артичока, чај од артичока, намаз од брокули.
Дали имаше некои потешкотии во процесот на развојот на овие производи, (ако би сакале да споделите какви)
Секако дека имаше и тоа беше долготраен процес, па можам да кажам дека и до ден денес ескалира, особено за преработените производи кои се за консумација (за јадење), бидејќи при истражување на пазарот и при разговор со наши потрошувачи откривме какви вкусови сакаат тие.

Кои се главните предизвици со кои се соочувате како млада земјоделка и како ги надминувате?
Главниот предизвик е секогаш почетната инвестиција за сезоната. Ги паметам времињата како започнував… Сум позајмувала пари за едвај 100 стикери да испечатам за маркетинг. Сите маки и сите предизвици ги надминувам со тоа што во ниеден момент не се посомневав во себе, за моето знаење, за мојата способност и упорност и храброст да почнам нешто од 0, па реално од минус почнав, -2000 илјади денари рачунајќи ги парите за стикерите што требаше да ги вратам. Од продажба на чаеви, стигнав до мини лабораторија која скоро и веќе е опремена, но тука не запирам, оваа 2024 одам со двојно повеќе капацитет и желба за работа за разлика од лани. И знам дека ќе успеам во тоа што сум почнала да го креирам.
Дали има ресурси или организации за кои сметате дека ви беа особено корисни?
Моите ресурси беа моралната поддршка од моите најблиски, моите најдобри пријатели, а организацијата беше мојата фамилија.