Патот околу светот на една работна тетратка
Минатата недела учениците во Кина се вратија во училишните клупи по неколкунеделниот зимски распуст по прославата на кинеска нова година.
Многу семејства го користат овој период да патуваат во но и надвор од земјата. Но исто така, познат факт е дека тамошните ученици имаат и многу домашна за пишување и во текот на распустот, и покрај многубројните активности кои ги имаат во текот на учебните месеци.
Па така, понекогаш имагинацијата како да се избегне пишувањето домашна оди многу далеку.
Низ социјалните мрежи во Кина се појавило едно интересно видео од туристка кое го бара детето чии работни тетратки биле пронајдени во тоалет на еден ресторан во Париз.
Станува збор за следнава случка.
Детето по име Чин Ланг ја оставило својата домашна задача за зимскиот одмор во тоалетот во ресторан во Париз, но сигурно не очекувал дека келнерот ќе ја земе и ќе ја предаде на девојка од Кина, која исто така престојувала таму во тој период, со надеж дека ќе го пронајдат ученикот чие име и презиме стоело на работните тетратки.
Таа споделила видео клип на кинеските социјални медиуми иницирајќи потрага по ученикот од основно училиште по име Чин Ланг, потенцирајќи го името на училиштето и одделението.
Таа во видеото се шегува велејќи, не ме обвинувај мене, не е дека не сакам да ти помогнам ама еве французинов запнал да ти ја врати домашната 😁 алудирајќи на тоа дека работната тетратка не е туку така заборавена туку намерно оставена со цел да се избегне пишувањето.
Видеото станало вирално, по неколку дена девојката објавила дека стапила во контакт со мајката на детето и се договориле за враќање на работните тетратки на првобитниот сопственик.