Добре дојдoвте во магичниот свет на Каранфилка, креативната сила зад „Среќната дружина“ и маестрален занаетчија во доменот на плетените играчки.
Со пргави прсти и безгранична имагинација, Каранфилка плете волшебни приказни со секој бод, оживувајќи ја менажеријата на прекрасни ликови кои ги пленат и младите и возрасните. Нејзината страст за изработка се протега над самиот процес на создавање; тоа е срдечен напор да се шири радост и топлина преку нејзините прецизно изработени играчки. Денеска зборуваме за многу интересни детали од работата на Каранфилка, истражувајќи ја уметноста, посветеноста и чистата среќа што го дефинираат нејзиниот уникатен пристап кон правењето играчки.
Водичот на ,,Среќната дружина” e?
– Каранфилка Гицева од Скопје, 45 годишна сопруга и мајка. Вработена, но целото слободно време го посветувам на моето ново хоби изработка на куклички во амигуруми техника (јапонска техника) која значи изработка на полнети плетени играчки. Со плетење започнав на мои 6 -7 години и првата моја изработка беше фустан за омилената кукла.
Кој ве научи да плетете и дали беше тешко на почетокот?
-Мајка ми често знаеше да седне и да плете, а мене тоа ми беше многу интересно. Земав и јас две игли и конец и го започнав мојот маратон во плетење на почетни котeлци. Потоа следуваа еден ред прави и еден ред леви котeлци како што ги нарекуваше мајка ми, за потоа да научам како да ги собирам и додавам нови и да добијам фустан за куклата притоа умешно комбинирајќи и бои за да излезе шара.
Сепак можам да кажам дека тоа е можеби и во моите гени бидејќи и двете баби одлично плетеа и заплетуваа комплицирани модели без никаква шема, па можеби и од таму талентот за сама да си создавам шеми за моите играчки. 😊
Бидејќи имав добри учителки многу брзо се научив да плетам и не ми претставуваше никаква потешкотија ни тогаш, а ни сега. Колку и да сум изморена од секојдневните обврски на работа и дома, едноставно земам игла и конец и ја започнувам мојата медитација создавајќи дела на на кои се радуваат најмногу децата, но и возрасните.
Од кога и како всушност почнавте со плетена изработка на играчки, како започна вашата приказна?
– Деновиве „Среќна Дружина“ ќе слави 5 години роденден од своето постоење. Целата приказна започна со изработка на кукличка за мојата ќерка. Процесот на изработка ми се виде доста интересен и се повеќе време посветував на плетење играчки како подарок за моите најблиски. Почнав да ги постирам на социјалните мрежи со што ги добив и првите нарачки. Бидејќи сите изработки беа различни (зајчиња, жирафчиња, лавче и неколку девојчиња), а дополнително среќата што искреше од очите на децата кои на подарок добиле кукличка, најсоодветно име за мојата страница беше „Среќна Дружина“.
Дали освен со изработка на плетени играчки/куклички, вашиот асортиман на производи вклучува и нешто друго?
-Повеќето изработки се плетени играчки со омилените ликови од цртаните филмови, куклички плетени по дадена фотографија разно разни привезочиња и се друго сто може да се роди во детската фантазија. Од неодамна започнав и со изработка на чанти и корпи за секаква намена.

Од какви материјали се изработките?
– Плетените играчки се исклучиво од памучен конец и антибактериско полнење, но по барање на купувачите може да бидат и од плишан конец. А за изработка на ташничките користам трикотражно предиво.
Момент кога сте биле најгорди на некоја ваша изработка?
– Секоја изработка е посебна на свој начин и буди во мене прекрасно чувство, но кога би требало да издвојам, прв предизвик ми беше да изработам камион по дадена фотографија. Бидејќи не постоеше шема за начинот на изработка плетев и расплетував се додека не го добив истиот камион од сликата. Нарачателот чиј камион го изработив е професионален возач и беше повеќе од задоволен за потоа да нарача уште еден камион односно оној кој го вози неговиот син.

Кој е најтешкиот дел од вашата работа?
– Кога нештото се изработува со љубов ништо не е тешко, бидејќи во секој нов котелец се вплетува и енергијата и љубовта која ја чувствувам во моментот. Само .оној кој се занимава со креативна работа најдобро ќе ме разбере. Со оглед дека сум вработена не ми преостанува многу слободно време, па најчесто седам до доцна во ноќта. Има изработки кои што се со повеќе детали и со самото тоа одземаат повеќе концентрација и време
Посете ги фб страницата и инста профилот на ,,Среќната Дружина” и разгледајте повеќе 😊