Рециклирањето е особено важно и за добросостојбата на нашата планета но и за нашата ментална благосостојба. Рециклирањето има многубројни бенефити, но денеска ќе ставиме акцент на „креативното рециклирање“. Од едукативниот инстаграм профил Jovansito.DIY во прво лице ни објаснуваат за придобивките од рециклирањето, како што се развивањето на фината моторика, координацијата, визуелната перцепција, мотивација и просторна ориентација. Нивниот профил е вистинска бајка, а на прв поглед е тешко да се поверува дека сѐ е направено рачно и од рециклирачки материјали. Ова четиво го препорачуваме на сите, но посебно на родителите кои сакаат да направат нешто плус за своите дечиња, а тоа да чини само квалитетно поминато време, посветеност и љубов.
Што е креативност и зошто сметам дека е особено важна кај малата популација?
Креативноста претставува акт на претворање и креирање на нови идеи во реалност. Со самото тоа што го создаваме и твориме, ние ја канализираме нашата енергија правилно, го развиваме мозокот и размислуваме и бараме решенија во повеќе насоки. Поточно се развиваат способности за опсервација, имагинација, се потикнува самостојноста на детето што сето тоа претствува еден вид на одличен т.н когнитвен тренинг. Постојат научни докази дека креативноста игра голем удел во развивањето на фината моторика кое што е особено важно за целокупниот развој на детето: стимулација на моторен развој, координација, визуелна перцепција, мотивација, просторна ориентација се само дел од позитивните ефекти со кои се здобива детето при извршување на овие активности.
За да се развијат нови идеи и концепти во одредена област, поединецот мора најпрво да го проучи проблемот и да ги разбере неговите основни компоненти. Креативното мислење настанува кога луѓето вршат внимателно набљудување на светот околу нив, и потоа го проучуваат начинот на кој нештата функционираат (или не функционираат).
Што е рециклирање и зошто е важно?
Рециклирање е процес на преработка на веќе користени материјали за добивање на нови производи. Речиси половина од отпадот што го создаваат луѓето може да се рециклира/обработува. Знакот или ознака за рециклирање има три стрелки кои ги означуваат трите фази: собирање, преработка и повторна употреба.
Jovansito.diy (Зошто акцент токму на рециклирање)
ЈОВАНСИТО– Do it yourself или направи сам е еден вид на креативен и едукативен профил кој што има за цел да ја развие креативноста кај младата популација и да им биде инспирација и пример преку поттикнување, едуцирање, мотивирање и акцентирање на важноста на рециклирањето како и сите придобивки со кои се здобиваме при заземање на активно учество. Рециклирањето е моќна алатка која што треба мудро да ја употребиме/ искористиме за да допринесеме за благосостојбата на нашата планета. Една од клучните придобивки од рециклирањето е зачувувањето на природните ресури. Со рециклирање заштедуваме енергија, го намалуваме загадувањето, влијаеме на климатските промени како и спречуваме вредните ресурси кои можат да се искористат да завршат на депонии. Затоа е потребно рециклирањето да биде наш приоритет, а со тоа и ние да бидеме активни учесници во создавањето на подобар свет за генерациите кои доаѓаат после нас.
Кои материјали ги користам?
Најчесто користам хартија и пластика.
Дали имам други амбиции?
Секако дека да! Сакам понатаму да организирам работилници во кои активно учество ќе земаат и други деца, да воведам други различни креативни техники освен рециклирање, и да направам официјален сајт кој што ќе биде исполнет со најразлична едукативна содржина која ќе им биде од корист на најмалата популација.
Пoгледнете дел од нивните проекти за ,,креативно рециклирање”. Силно ве охрабруваме да ја вклучите вашата имагинација и вие да започнете со првите обиди за реализација на своите замисли.