Ако постои човек кој е буквален синоним на епитетот чувар на традицијата, тоа без сомнение е Васе Ценев од село Куклиш.
Сите кои го познаваат знаат дека сета своја енергија ја насочува на негување на културата и традицијата. Голем дел од своето време ангажирајќи се околу костимографиите и настапите на културно-уметничкото друштво ,,Браќа Минкови”, кои се активни промотори на фолкорната традиција. Во моментов работи во струмичкиот театар Антон Панов.
Но, тој е и колекционер на историски предмети. Во текот на сите овие години, Васе собира најразлични етнолошки примероци, а плодот од неговата работа го видовме кога сите тие експонати ги собра на едно место во Етно Музејот на отворено, Куклиш.
Етно музејот привлече многу телевизиски камери, многубројни посетители, а пробуди и огромна љубопитност кај најмладите и го поттикна нивниот интерес за животот во минатото, за обичаите, за културата и за традицијата.
Денеска ве носиме на виртуелна прошетка токму таму и разговараме со човекот кој е заслужен за сево ова, а воедно е и нашиот кустос за денеска.😊
Васе, какви се етнолошки примероци се дел од музејот?
Здраво и добредојдовте во музејот на отворено во Куклиш.
Тоа што јас го имам овде се етнолошки примероци кои нашите предци ги користеле во минатото. Во Музејот на Отворено има работи кои се користеле како во домаќинствата така и за обработка на нивите.
Помеѓу овие работи може да се видат и музички инструменти како гајда,тапан ,кавал, коишто нашите во тоа време ги користеле за секакви веселби. За среќа, овие инструменти се користат и ден денес како во фолкорот така и за приватни забави.

Го имам разбојот, оваа дрвена машина, за која што младите многу малку знаат, а на која во минатото се ткаеле најубавите килими и черги. Се ткаело материјал од кој се шиеле панталони и палтиња.


Разбојот кој го спомнав е еден од многубројните примероци што ги имам а ги имам околу 90. Распоредени се во неколку делови во една селска дневна соба каде домаќинката на синија сука кори за баница а до синијата е претставена жена што во дрвена лебарка меси леб.

Во собата има и стаклени шишиња кои собираат од 10 до 40 литри а служеле за складирање на вино и ракија.

Во другиот дел од музејот се претставени луѓето кои се занимавале со земјоделски работи. Тука може да се виде маж облечен во народна носија, како и што биле облечени во тоа време, со косата ја коси ливадата. Наспроти косачот е жена што лупи пченка, а до неа е маж со дрвен лос во рацете, со кој ја чука пченката за зрното да се одвои од кукуратката (кочанот).😊

Веднаш тука е и веалката што служи за веење како на пченка така и за веење на грав. Веењето е да се исчисти гравот или пченката од ѓубре или прашина. Во Етно Музејот на Отворено може да се видат големи каци или бочви кои се користат за ферментација на грозјето по што се прави ракија и вино.
Етнолошките примероци што ги имам од минатото ги споив со денешното, модерното. Направив убава голема фонтана со вградени историски симболи. На некој начин сакав да направам мост од минатото до сегашноста. Младите може да видат како живееле нашите порано, а повозрасните или тие што ги користеле тие работи да се присетат како било во нивно време.

Колку време ги собираше етнолошките промероци?
Па, голем дел од тие работи се всушност мои, а кога ги поставив во дворот и сето тоа го објавив на социјалните жрежи, почнаа луѓето да се јавуваат и да допринесуваат кон збогатување на првичната постава.
Работите го зазедоа овој тек откако ја завршивме изградбата на фонтаната. Морам да ги спомнам и луѓето кои ми помогнаа во изградбата, Митко Дачкинов, Џоко Шолев, Роберт Атанасов, Гоне Ценев, Ване Витанов, Коле Китански, Ване Стојанов и Јожи Мицев. Можам да кажам без нив немаше да биде како што е денес, а што се однесува до уредувањето на музејот тоа беше моја задача.
Би сакал и јавно да им се заблагодарам на Ристе Малинов кој ми даде разбој и родајн, Ванчо Велковски ми ја даде веалката и уште неколку поситни работи, Роберт Атанасов кој ги подари шинските тркала, Ице Мицев исто така ми даде некои позначајни работи што ги имал дома. 😊
Навистина е прекрасно да се слушне и види дека постојат самоиницијативни граѓани кои несебично го вложуваат својот труд кон создавање на нешто од колективна општествена важност.
Дали уште од почетокот имаше на ум дека еден ден ќе дојде до овој резултат?
Па да бидам искрен идејата е дамнешна, секогаш кога ќе ги видев овие работи ми се јавуваше желба да ги ставам на едно место, само се чекаше да се создадат услови, размислував каде и како сето тоа да го средам.
И како што спомнав порано целта ми беше сите овие етнолошки примероци да ги ставам на едно место и сите ние од сите генерации да се присетиме на минатото. Младите да научат и да видат како било порано а повозрасните да се потсетат на раните години од нивниот живот.
Какви се реакциите на посетителите?
Па да бидам искрен кога почнав со уредување, не ни замислував дека ќе дојде до тоа секојдневно да имам посетители. Беа сите ученици од општинското основно училиое Даме Груев, што и најмногу сакав, најмалите да дојдат и да ги видат сите тие работи.
Од гостувањето во емисијата Качамак на тв Сител многу луѓе слушнаа за Музејот на отворено во Куклиш. Така, еден ден седејќи во дворот ми дојде човек што не го познавам ми се претстави,ми кажа дека е од Кочани, со некои пријатели дошол во Струмица, и дојде да го види Музејот кој го гледал на телевизија.
Меѓу првите посетители имав група од Прилеп а секојдневно почнаа да доаѓаат посетители и од нашиот регион. Луѓето се воодушевени од тоа што го гледаат.
Експонатите ги прибираш во затворен простор за време на ладните и дождливи денови, за да не се оштетат. Дали има некои планови понатаму да се обезбеди можеби и соодветен простор на затворено, каде ќе бидат изложени?
За жал летото и топлите денови завршија и сите експонати морав да ги соберам во една помошна просторија која ја имам и каде се сместени, бидејќи дел од тие работи од влажниот воздух па и од дождот ќе се расипат. Плановите се сето тоа да си остане во мојот двор. Еве и еден апел до сите кои имаат вакви работи во гаражите и подрумите, наместо да ги носаат во отпад за старо железо или да им скапуваат, да ги донесат кај мене, а ќе бидат секогаш нивни, целта е да бидат сите на едно место.
Начуливме уши и зачувме и за уште еден интересен настан кој го организираш, а тоа е кивијадата, кажи ни нешто повеќе околу тоа. ☺
Тоа што го организираме не е поврзано со етно музејот. Всушност, имам посадено околу 50 дрвја киви и секоја година на крајот на октомври се собираме со моите другари и ја отпочнуваме бербата на киви.
Нели има празијада, костенијада, па така ние си ја крстивме кивијада. Целта е повеќе да се дружиме и да се забавуваме. А береме киви се додека не пристигне печеното прасе. E, тогаш се прави пауза за ручек. Како што кажав целта на овааа кивијада е дружењето и се стремиме таа да достигне и поголеми размери. Па за наредната година, еве јавно ве поканувaм, вас и читателите, да ни се придружите, да видите како се берат кивите и да бидете дел од ,,Кивијадата кај Васе Ценев”
За поканата секако те држиме за збор 😉
Ми беше чест и драго ми е што преку вашиот магазин уште повеќе луѓе ќе имаат прилика да слушнат за музејот на отворено, па да сме здрави и живи, со Господ напред, наредната година музејот ќе биде повторно отворен за сите љубители на историјата.
Благодарност и до тебе за одвоеното време, и едно големо браво за иницијативата и уникатната идеја. Наше е задоволството за можноста да ја споделиме оваа инспиративна приказна.
Разговараше: Данче Митева