Излегувањето од комфорт зоната е примарен фактор за раст и развој на жените и девојките. – Ксенија Николова

Растеме поддржувајќи се една со друга. Оваа е една од главните идеи на кои се темели женската дигитална платформа Better Women Better World, која се стреми да ги поддржи и охрабри жените да ги реализираат своите цели и потенцијали, а чија основачка е Ксенија Николова. Во денешниов разговор со неа, меѓу другото, дознаваме како настана Better Women Better World, кои се визијата и целите на оваа платформа и кои видови на ресурси и поддршка ја нуди Better Womеn Better World на жените и девојките кои се вклучени во неа.

 

Ксенија, кој беше мотивот да го основате Better Womеn Better World и која беше вашата визија во тој момент?

 

Better Women Better World e слика на сето она кое јас долго време го имав во својата глава и една голема желба која во мене тлееше толку време, а тоа беше желбата за создавање на едно катче, кадешто секоја жена и девојка ќе може да биде своја, ќе може да биде разбрана, прифатена и опкружена со други жени и девојки кои ќе ја поддржуваат, мотивираат, охрабруваат и сето тоа на крај ќе резултира со едно катче кое ќе стимулира раст и развој на жените и девојките на професионално и приватно поле. Мотивот за оваа приказна, или моето зошто,  е пред сѐ личен, и е поврзан со тоа колку  мене ми била потребна поддршка од други жени и девојки во моите најтешки моменти.

 

И колку сѐ би ми било полесно кога би имала некоја своја мрежна поддршка, каде би можела да се потсетам колку не сум сама, без разлика низ што и да поминувам, тоа е основата на Better Womеn Better World. Сметам дека такви мрежи на поддршка навистина недостигаат дури на светско ниво, а особено недостигаат мрежи на поддршка каде што имаме жени и девојки од разни култури, националности, возрасти и животни патишта, професии. Жени и девојки кои се сосема различни една од друга, а сепак се сите тука со една заедничка цел, а тоа е сите меѓусебно да се поддржат и да создадат катче од кое сите ќе впијат позитивна енергија и од кое сите ќе бидат мотивирани.

 

 

Кои видови на ресурси и поддршка ја нуди Better Womеn Better World на жените кои се вклучени во неа?

 

Нашата дигитална платформа се лансираше пред два и пол месеци,  како дигитална платформа и мобилна апликација, ние сме интерактивна дигитална мрежа кадешто жените и девојките можат да се вмрежуваат, да комуницираат, да создаваат нови пријателства, да дискутираат на значајни теми, да станат наши бренд амбасадори, да учествуваат во разни креативни предизвици, да бидат дел од разни позитивни општествени иницијативи и да предлагаат свои иницијативи, истовремено да бидат дел од разни групи на поддршка и настани, како и вебинари кои се корисни за приватен и професионален раст и развој. Ние се стремиме кон тоа да станеме една заедница која ќе им понуди многу нешта на жените и девојките. Затоа активно работиме на создавање на партнерства со организации и компании од други земји за да можеме да ја зајакнеме нашата мрежа што повеќе и да им понудиме што е можно повеќе ресурси на жените и девојките кои се дел од неа.

 

 

Kој сѐ може да се приклучи на Better Women Better World?

 

Во Better Women Better World односно BW2 Club секој може да се приклучи, секоја жена и девојка е добредојдена. Нашата апликација е сосема бесплатна и може да се симне и од Play Store и од Apple storе, за корисници на андроид и IOS. Имаме и бесплатна платформа каде што можат да ни се придружат и преку компјутер. Многу ни беше важно нашата основа да биде бесплатна за да можат жените и девојките без никаков трошок да ни се придружат и да станат дел од нашето катче.

 

Better Women Better World e една инклузивна заедница која ги опфаќа жените и девојките на кои најмногу им е потребна стимулација во смисла охрабрување за вмрежување и припаѓање на една заедница каде тие ќе најдат мотив, ресурси и поддршка за раст и развој. Фото: Приватна архива на Ксенија Николова

 

Кои се најважните цели што ги имате за Better Womеn Better World во иднина?

 

Најважната цел е жените да излезат од својата комфорт зона. А тоа е многу возможно и реално со помош на вмрежување со други жени и девојки од други култури. Социјалните мрежи, оние веќе постоечки,  ги користиме за поврзување со луѓето кои ги знаеме.

Стимулот и целта, односно визијата на  Better Women Better World е сосем поинаква. А тоа е дека ги поврзува жените и девојките кои се сосема различни една од друга, не се познаваат, но токму затоа имаат голем потенцијал да си помогнат една на друга, да соработуваат и да си даваат корисни совети на многу полиња, бидејќи многу повеќе учиме од луѓето кои се различни од нас, а сепак поминуваат низ слични нешта, отколку од луѓето со кои сме секојдневно опкружени. Излегувањето од комфорт зоната е примарен фактор за раст и развој на жените и девојките, особено на оние кои доаѓаат од помали земји.

Затоа сум многу среќна што веќе во Better Women Better World имаме над 350 кориснички од над 25 земји, што значи дека различностите се веќе присутни и тие само ќе продолжат да растат.

 

Како го замислувате влијанието на Better Womеn Better World врз заедницата и општеството како цел?

 

Влијанието на една ваква заедница каква што е Better Womеn Better World врз општеството е големо и може да биде навистина огромно. На кој начин?

Ние, преку нашите иницијативи, преку сето оно што го пласираме, стимулираме и раст и развој и промени во општеството. Преку нашите настани, преку нашите дискусии, ние потгикнуваме некои иницијативи кои сакаме да ги спроведеме и на локално, па и на национално, глобално ниво за помош на други организации. Значи, нашата цел не е само да се задржиме на дигиталното влијание, туку оттаму да произлезат и некои општествени иницијативи кои ќе ги спроведуваме и во општеството.

Истовремено, жената е движечка сила на општеството во секој смисла на зборот и подобрувањето и зајакнувањето на жената влијае на подобрување на целото општество. Затоа сметаме дека нашето влијание ќе има домино ефект и во следните генерации и многу ќе ги помести границите на жената и нејзините можности. Но, секако со помош на партнерства, со помош на соработници можеме да постигнеме многу.

 

Жената е движечка сила на општеството во секој смисла на зборот и подобрувањето и зајакнувањето на жената влијае на подобрување на целото општество. Затоа сметаме дека влијаниеto на Better Women Better Worls ќе има домино ефект и во следните генерации и многу ќе ги помести границите на жената и нејзините можности. Фото: Приватна архива на Ксенија Николова

Кои се некои од најинспиративните искуства или успеси што ги искусивте со вашата платформа?

 

Ние почнавме од нула и сѐ уште секоја наша замисла ја почнуваме од нула. Кога ја започнавме нашата приказна во Македонија, тоа беше нешто сосема ново. За две години ние успеавме да се претвориме во мобилна апликација која денес вмрежува жени и девојки од разни култури.

 

Знаеме дека го скршивме ледот на многу начини, но истовремено тој пат е потежок, но сепак е пат кој најхрабрите можат да го изодат. Еден од најголемите предизвици е да ги охрабриме жените да поверуваат дека е возможно да биде и поинаку. Да се охрабрат да зборуваат, да се охрабрат да присуствуваат во катче каде има жени кои не ги познаваат и да разберат дека тоа е добро за нив.

 

Истовремено, многу се радуваме што поголемиот број од жените и девојките кои се во нашата катче, во нашата заедница, доаѓаат од рурални средини. Тоа значи дека ние дефинитивно претставуваме една инклузивна заедница која ги опфаќа жените и девојките на кои најмногу им е потребна стимулација во смисла охрабрување за вмрежување и припаѓање на една зеадница каде тие ќе најдат мотив, ресурси и поддршка за раст и развој.

 

Најголемите предизвици допрва нѐ чекаат, ние сме исто така свесни за тоа, но добро е што се движиме напред, секојдневно расте нашата заедница и сѐ би било многу полесно кога би можеле побрзо и полесно да се вмрежуваме и со други организации, други здруженија, други компании, образовни институци, каде би можеле да ги стимулираме и младите и да изградиме една заедничка поддржувачка околина, да се охрабриме и да поканиме што е можно повеќе жени и девојки да ни се придружат.

 

 

Кои се најголемите предизвици што ги искусивте во процесот на создавање на оваа платформа и како успеавте да ги надминете?

 

Најголемиот предизвик на секој старт-ап, на секоја невладина организација, без разлика било каков проект кој почнува од нула е како ќе го поминеме тој пат пред да почнеме да заработуваме, како ќе го поминеме тој пат да создадеме нешто од сам почеток, од нула, без никакви ресурси, како ќе можеме да создадеме нешто да го претвориме ништото во нешто. Тоа е најголемиот предизвик. Но, ние сево ова време гледавме потенцијал во аплицирање за проекти, аплицирање за поддршка, аплицирање на разни програми, каде што добивме видливост и доволен маркетинг за да можат луѓето да слушнат на нас.

Целиот наш прогрес што го имаме направено, е направен со нула маркетинг односно никогаш не сме имале буџет за маркетинг. Тоа е голема работа, затоа што еден ваков проект да стане видлив, треба буџет за маркетинг.

Ние успеваме да создадеме органско растење на приказната и со вмрежување, со прифаќање на разни проекти, со помош од проекти кои нѐ поддржаа, да добиеме видливост. Најголемиот предизвик е тоа како да се издржи почетокот, да не се откажеме и како да се пробие ледот, односно да се остане видлив, а сепак да не се потрошат многу пари, односно да не се направи трошок кој реално не можеме да го поднесеме. Тоа е најтешкиот дел на секоја приказна и верувам дека многу жени,  се откажуваат од свои бизнис приказни поради тоа што сметаат дека им треба многу пари.

Сакам да ги охрабрам дека барем во денешно време постојат многу начини како можат да се издржат тие почетни периоди, со помош на аплицирање за проекти, вмрежување со други организации, да се биде дел од разни програми каде што може да се добие и некоја сума на поддршка, во нашиот случај и тоа се случило. С ѐ со цел да се издржи тој период додека самиот проект не стане одржлив, односно почне да заработува.

Од голема помош за ширењето на нашата мисија беше и тоа што јас го имам развиено и својот личен бренд како автор, профилот на Инстаграм и на другите социјални мрежи, и  иако со нула буџет за маркетинг, сепак можеш да искористиш сѐ што си ти, или се што сѐ луѓето околу тебе, сите конекции што ги имаш, некако да станеш видлив  и да се издигнеш.

 

 

Најголемите предизвици допрва нѐ чекаат, ние сме свесни за тоа, но добро е што се движиме напред, секојдневно расте нашата заедница и сѐ би било многу полесно кога би можеле побрзо и полесно да се вмрежуваме и со други организации, други здруженија, други компании, образовни институци, каде би можеле да ги стимулираме и младите и да изградиме една заедничка поддржувачка околина. Фото: Приватна архива на Ксенија Николова

 

Каков совет би дале на други жени кои се обидуваат да го започнат својот бизнис или иницијатива за зајакнување на жените?

 

Патот до основање на нешто свое, воопшто не е едноставен. Но тоа е иднината.  Една од главните наредни цели на Better Women Better World, ќе биде токму мотивација и стимулација на женското претприемништво во многу рана фаза. Односно, кога една жена има идеја, но не знае од каде да почне, или не знае ни во што е добра, но е вредна и сака да се создава.

Значи, целта е да се охрабрат жените што се на самиот  почеток и не знаат од каде да почнат. Оние што се веќе почнати, тие се веќе на некој пат и можеби не им треба толку голема поддршка. Не е дека и нив воопшто не им треба, но за нас е најважно како да ги охрабриме жените воопшто да поверуваат дека можат да бидат претприемачи и да имаат свој бизнис.

Тоа е најголемата задача на која мора да посветиме внимание. Особено жените од помалите земји, како што е Македонија, навистина немаат верба дека воопшто такво нешто е возможно. Дека воопшто е возможен таков некој епилог за нив да бидат претприемачи или пак да создадат свој бизнис. Истовремено, многу од нив имаат неоткриени вештини. Не знаат за што се добри, буквално немале прилика да се посветат на себе си за да откријат што е тоа што ги влече и што е тоа што можат да го работат.

И ова наше катче би се радувало ако ни се оствари таа мисија, таа е следна етапа за нас, да се посветиме на тоа, да ги охрабриме, да си ги откријат сопствените вештини и да им бидеме некоја валидација на патот на основање на сопствен бизнис. Без разлика дали ќе биде тоа онлајн бизнис, било како бизнис, некој свој личен печат, кој сметам дека за жената може да биде од неверојатно големо значење, како за професионалниот, така и за личниот раст. Кога жената има своја валидација, свој личен печат и свој личен извор на енергија, на мотивација, на охрабрување, тоа е многу важно и за неа како личност.  Таа станува подобра на сите полиња кога е таква.

Мојот совет би бил жените да се вмрежуваат. Мора повеќе ние жените да се вмрежуваме. Многу често ние сами сме си на патот на можностите. Значи, вмрежувањето е создадено, за да ни отвора врати. Никогаш не можете да знаете со кого можете нешто да изградите и кого ќе запознаете.

Мора да се вмрежуваме, мора да се охрабруваме, да разговараме со луѓе кои прв пат ги гледаме. Никогаш не знаеме кого ќе запознаеме и со кого може да изградиме нешто значајно. Мора да сфатиме дека најголемите можности за пријателство, соработка, можеби се кријат во луѓето во кои најмалку очекуваме, кои можат да бидат од сосем друга култура, сосем различни од нас, а можеме најмногу да научиме од нив. Време е да се излезе од комфорт зоната. За нас, од малите земји, тоа е особено важно. Ние немаме многу избор во нашето опкружување, бидејќи тука  релативно сите се познаваме едни со други. Ние мораме да гледаме надвор од нашата комфорт зона и да се вмрежуваме со жени и девојки од светот.

 

 

Ксенија, ти благодариме на разговорот, ни даде подлабок увид во важноста на зајакнувањето на жените и придонесот што оваа платформа го има во тоа. Better Women Better World дефинитивно е платформа која нè поттикнува да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме и нè потсеќа дека секоја жена може да ги реализира своите потенцијали и има моќ да направи промена. 

Ве охрабруваме да се приклучите на оваа женска дигитална платформа а тоа може да го направите тоа преку овој линк.

 

Разговараше: Данче Митева

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *