Кога се самосаботираме и како да си помогнеме?- Интервју со Мери Амбросова

Нашата денешна соговорничка е Мери Амбросова, тренер за врски и посветен мотиватор. На нашата јавност и е позната од многу порано, во различни улоги, еден период од својот живот го поминува во Украина , а по враќањето во нашата држава нејзините активности се фокусирани главно овде иако на нејзините онлајн програми се вклучуваат учесници од сите страни на светот.

Карактеристично за Мери се нејзината борбеност, огромниот позитивизам, и оптимистичкиот став кон животот. Тоа всушност и се обидува да им го пренесе и на нејзините клиенти преку најразлични програми, а секојдневно со своите следбеници споделува мотивирачки мисли но и паметни сознанија кои поттикнуваат на себе-анализа и себе-промена во деловите каде ни е потребна.

Темата за која денеска зборуваме со неа е само-саботажата. Односно колку нашите негативни мисли, негативниот говор кон самите себе, претераната самокритичност и недоволната самодоверба можат сериозно да нè спречат да го живееме нашиот живот автентично и да се обидеме да тргнеме кон остварување на нашите цели.

 

Мери, би можела ли да ни објасниш повеќе за тоа што претставува само-саботажата и од твоето досегашно практично искуство, зошто/кога се јавува тој негативен говор кон самите себе или преголема доза на само-критика?

Саботажата е скриено дејство. Постои верзија дека самиот збор „сабо” потекнува од името на дрвените чевли „кломпи sabo“ во Франција. Кога француските работници не биле задоволни од нивните работни услови, ги туркале своите дрвени чевли во подвижните делови на разбоите, а со тоа ги кршеле. Како резултат на тоа, производството било нарушено, и било невозможно да се најдат виновниците.

И ако саботажата е скриено противење на нешто, тогаш само-саботажата е спротивставување на самиот себе и на своите цели.

Со други зборови, само-саботажата е внатрешен несвесен психолошки отпор кон постигнување на какви било цели. На пример, човек веќе долго време кажува дека би сакал да спортува или да учи странски јазик, но не го прави тоа. Само-саботажата се манифестира во форма на очигледен неуспех да се постигне целта кон која личноста наводно се стреми во подолг временски период.

 

Кои се најчестите причини за нашата склоност кон негативен говор кон самите себе?

Една од основните причини за само-саботажа е психолошкиот отпор.

Психолошкиот отпор се јавува во форма на  несвесни обрасци на однесување развиени со текот на времето кои ни помагаат да избегнеме негативни искуства.

Всушност, причините за само-саботажа се негативни искуства кои ги поврзуваме со постигнување на целта.

Како може посакуваната цел, како што е слабеењето, да се поврзе со негативни искуства? Всушност, секоја цел носи многу опасности и стравови. И во зависност од тоа какви внатрешни стравови има човекот, се јавува една или друга форма на само-саботажа или психолошки отпор. На пример, жена има многу љубоморен партнер, а сака да намали тежина но не ја намалува за да не го провоцира уште повеќе партнерот.

 

Причините може да се разни,  на пример растење во премногу критички настроена средина, може да е поради мајка која многу ја критикувала  својата ќерка додека растела, и на пример ќе ја крстиме Маја.

Maja имала многу критички настроена мајка, која секогаш се трудела да ја направи својата ќерка одличен ученик и перфекционист, обесценувајќи го секое нејзино достигнување. Секако дека мајката имала добра намера, сакала ќерка и да е успешна во животот. Сепак е водена од позитивна намера.

Кога Маја ќе донела  3-ка или 4-ка од училиште, мајка  ѝ кажувала: „Тоа е добро, но 5-ка да имаш е подобро“. Кога Маја ќе добиела 5-ка, мајка ѝ викала: „Добро е 5-ка, но кога ќе ги имаш сите  5-ки тогаш ќе бидеш одлична“. Кога Маја ги добила сите 5-ки, нејзината мајка не застанува: „Тоа е добро, но само 5-ки треба да добиваш, ништо друго“. И така натаму.

Како резултат на тоа, Маја расте со идејата дека никогаш нема да може да постигне успех и задоволство од нејзините постапки. Па дури и постигнувајќи високи цели во животот на возрасните, во бизнисот, таа никогаш не е задоволна со себе си и своите резултати.

Маја, се надминува себе си и повторно сака да постигне уште повеќе. Но, што и да постигне, сепак не е задоволна. Напнатоста што се акумулирала со години на крајот почнува да се прелева и во други области, особено да влијае на здравјето – со појавување психосоматски заболувања и алергии.

Настрадува и личниот живот. Маја почнува да мисли дека не може да изгради врска бидејќи не е доволно добра, убава, паметна и не се однесува доволно добро.

Маја не се откажува, ги собира последните сили и се пријавува на стотици курсеви, работи на себе максимално до исцрпеност, се труди да постигне сѐ. И тогаш се изморува и почнува да се обвинува себеси, бидејќи не постигнува с ѐ и не е така добра.  Таа почнува  да има опсесивни и црни мисли.

 

Или друга ситуација кога Маја наоѓа партнер критичар како мајка и. И кога некој постојано те критикува ти колку и да си добар ќе почнеш да мислиш дека не си доволно. Може и да налета на некој критичар иако нема искуство со мајка критичар. Едноставно да не го препознае на време.

 

Може и да е од родот потекло кога во родот имало некој кој е исфрлен од родот, таа емоција на обесценување од семејството, емоциите преживеани од предокот се пренесуваат кај внуците, правнуците. И доколку се погоди и критички настроени да бидат и родите, тогаш сѐ  е тоа поизразено. Затоа се работи од сите страни и не е некогаш доволно само да се фалиме, туку и да копаме подлабоко од каде тоа навистина доаѓа.

 

Кои се најчести форми на негативен говор кон самите себе и како влијаат на нашето секојдневие?

Најчести се критиките кон самите себе, кога во текот на денот само се критикуваме, а не се фалиме, кога акцентот ни е на она што НЕ сме го постигнале, а не на тоа што е постигнато. Имаме свој внатрешен критичар кој е најгласен и постојано укажува на недостатоци, засилувајќи ги грешките и промовирајќи искривена перцепција за себе.

Кога си даваме негативни критики и епитети, го привлекуваме тоа. Како на пример си викаме не сум способна, не ме бива, и навистина по некое време не нѐ бива и пак сега имаме и доказ дека не нѐ  бива, внатрешниот критичар е сега погласен и така се вртиме во круг.

Кога луѓето постојано си кажуваат дека се неспособни, недостојни или несоодветни, овие уверувања се вкоренуваат во потсвеста. Како резултат на тоа, нивните постапки се усогласуваат со овие верувања, го попречуваат нивниот потенцијал и го зајакнуваат негативниот внатрешен критичар. И доаѓаме во еден маѓепсан круг.

Исто така влијае врз емоционалната благосостојба: Мислите кои ги имаме во себе влијаат на нашите емоции. Негативниот само-говор придонесува за чувство на анксиозност, депресија и ниска самодоверба. Кога луѓето вообичаено се фокусираат на нивните воочени недостатоци, тие создаваат почва за емоционална вознемиреност.

Негативниот критичар делува како значајна бариера за личниот раст и развој. Ова поставува ѕидови кои ги спречуваат луѓето да искористат нови можности, да излезат надвор од нивните комфорни зони и да преземат предизвици. Убедувајќи ги луѓето дека се осудени на неуспех, негативниот само-говор ги спречува да го реализираат својот потенцијал.

 

Како да си помогнеме ако се фатиме себеси дека го правиме ова, кои практични стратегии би ни помогнале да превладееме над овие образци на однесување и мислење?

Првиот чекор во надминување на негативниот само-говор е свесноста за тоа. Луѓето треба да се прилагодат на нивниот внатрешен дијалог, забележувајќи кога се критикуваат и имаат сомнеж во себе. Откако ќе го научат ова, тие можат да ги предизвикаат овие мисли, проценувајќи ја нивната точност и формирајќи поизбалансирани гледишта.

Практикувањето на сочувство спрема себе е од витално значење за да се спротивставиме на негативниот само-говор. Да се ​​однесувате кон себе со истата љубезност и разбирање како што би се однесувале кон пријател, промовира поздрава слика за себе. Ова вклучува прифаќање несовршености без грубо осудување и признавање дека секој се соочува со предизвици. Дека нормално е да се згреши, нормално е да се задоцни, да бидеме благи кон себеси.

 

Замена на негативноста со позитивност: Заменувањето на негативниот само-говор со позитивни афирмации бара свесен напор. Конструктивниот само-говор вклучува променување на негативните мисли во изјави кои ја одразуваат самопочитта, способноста и издржливоста. Со вежбање, овие афирмации стануваат подлабоко вкоренети, позитивно влијаат на емоциите и однесувањето.

 

Прифаќање на несовршеноста: Дел од ублажувањето на негативниот само-говор вклучува прифаќање на несовршеноста. Разбирањето дека грешките и неуспесите се дел од човечкото искуство и им овозможува на луѓето да им пристапат на проблемите со начин на размислување за раст. Наместо грешките да ги гледаат како одраз на вредност, тие треба да ги гледаат како можности за учење и раст.

 

Како полесно да ја најдеме но и одржуваме границата меѓу здравата само-критика и претераната само-критика?

Кога сме свесни дека сме згрешиле и таа грешка ја користиме за наш раст и развој. Не се обвинуваме и не се казнуваме себеси. И таа грешка е реална, навистина се случила, објективни сме кон самите себе. Тогаш самокритичноста нѐ носи кон личен раст и развој. Немаме обесценување, а имаме верба кон себе, имаме љубов кон себеси иако нештата не излегле како што сме планирале. Тоа го користиме за позитивни цели за наш раст и развој.

 

Кој е најдобриот пат кон тоа да си станеме свои најголеми поддржувачи?

Преку работа на себе,  имање гледиште дека сѐ се случува за наше најголемо добро. Да се фокусираме на она што е позитивна наша карактеристика, секој од нас ја има. Да не се споредуваме со другите, бидејќи сите сме со различни негативни и позитивни страни.

Фокусот да ни е на позитивните карактеристики и да работиме да ги зајакнеме. Да се фалиме себеси постојано и за ситни работи. Сме измиле заби, оп се фалиме, сме ставиле кармин оп се фалиме….

И секако, доколку не се справиме самите да побараме и помош да се види од каде доаѓа тоа. Со помош на ментор/коуч да се промени начинот на размислување, начинот на гледање на работите. Да работиме на чистење на негативите во себе, преку различни тренинзи.

Во тренингот „Женска Енергија„ обраќам внимание на давањето комплименти на себе и другите, исто така и на  прочистување од негативи а потоа и на полнење.  Еден од методите кои јас ги работам е и масажа на стомак, за прочистување на насобраната негативна енергија. На консултации работиме со родот, исто така во родологија работиме со прочистување на родот во разни сфери. Така што излез има само треба да се има желба.

 

Подготви: Данче Митева

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *