ПОРЕЧКИТЕ КОСТЕНИ
Таму во Поречието повеќе врева не се слуша.
По некоја верверичка на голите гранки стои и тажно нѐ гледа.
Од каде сега ние?
И неа ѝ недостасува друштво.
По костени дојдовме, да си ја видиме куќата и костени да собереме, меракот да ни помине.
На сите страни костени нема кој да ги збира.
Патеката до куќата едвај ја најдов.
Куќите опустошени, а катанците ‘рѓосани.
И старата лоза родила ситно грозје како мед слатко.
Чешмичето секнало, само по некоја капка капи.
Полека собрав дрвца и го запалив ќумбето да опечеме костени .
Со сласт ги јадевме …
Сѐ си мислам само спомени останаа во мојата душа.
Со мојот поглед кон прозорецот гледав шарен килим на небото од ѕвезди исткаен.
Ја ставив главата на перницата и така сум заспала.
Утрото брзо си дојде и време е да се вратиме в туѓина.
Во торбичката си набрав костени да им донесам на децата.
✍ Весна Стојкоска
За авторката:
Весна Стојкоска е родена во Прилеп, но живее и твори во Белград. Досега има издадено две книги на српски јазик ,,Застој,, издадена во 2021 година и ,,Пресабирање,, издадена во 2023 година. Пишува родољубиви песни, песни за манастирите, и детски песни. Учествувала на многу конкурси низ речиси целиот свет. Подготвува книга со поезија која ќе биде издадена на македонски јазик. Еден од главните мотиви во нејзините дела е љубовта кон татковината. Весна вели: ,,Иако сум далеку, пред мене е сeкогаш мојата равна Пелагонија.”