Ноќ е.
Мириса на топлина, а сепак воздухот носи реа на тага.
Струи некаков страв.
Птиците црцорат, но како да и нивната песна се губи во тишината.
Ѕвездите сјаат над пролетната покривка. Тие се единствената светлина која свети.
Свету, каде си?
Кој те избрка од својот сопствен дом?
Пролет е и дува ветре кое би требало да разнесува надеж во соништата на сите кои со нетрпеливост го чекаат следниот ден.
А наместо, тој сее носталгичност која ми го распарчува срцето.
Пролет е.
А како да е зима.
Се’ уште се свежи брчките од насмевките и скокотите на спокојството, а пак како да се стари стотици години.
Пролет е.
Би требало да е време на заслепувачки изгрејсонца и опојни зајдисонца.
А сега…сега е време за да ги соберам расфрланите спомени.
Ох, мое топло ветре.
Зошто? Зошто ги одзеде сите замисли и мечти?
Каде ли ги одведе толку далеку?
За авторката:
Елисавета Ристова, 22 години. Доаѓа од Струмица и e дипломиран медицински лаборант.
За себе, љубовта кон поезијата и нејзината инспирација кажува:
Уште од мала сум љубител на пишаниот збор, а инспирацијата ја добивам од околината, животот, секојдневните случувања, а често и од сопствените чувства. Пишувам и проза, меѓутоа многу поретко. Вљубена сум во сончогледите и зајдисонцата, а сакам да пијам кафе и да слушам радио. Слободното време го минувам читајќи, дружејќи се со пријателите или возејќи велосипед.
Прочитај повеќе од истата авторка овде.